Еквадор: Затвореници киднапираа чувари во неколку затвори
1 септември 2023Затвореници во Еквадор во свои раце држат околу 50 затворски чувари и седуммина полицајци. Претходно, безбедносните сили правеле претрес во повеќе затвори во потрага по оружје и други забранети предмети.
Во затворите во Еквадор постојано доаѓа до бунтови на затвореници и крвави судири помеѓу непријателски банди. Од 2021 година во затворите се убиени околу 430 затвореници. Многу од затворите се под контрола на криминални синдикати. Припадниците на безбедносните сили често се грижат само за тоа затворениците да останат во затворите, а помеѓу затворските ѕидови тие се оставени сами на себе.
Откако повеќе шефови на банди беа преместени во други затвори, пред канцелариите на Службата за управуивање со затворите експлодираа две автомобил-бомби. Повредени немаше.
„Тие сакаат да ја заплашат државата за да нѐ спречат и натаму да ја играме улогата на безбедносни сили и полиција при контрола на овие затвори“, изјави министерот за безбедност Вагнер Браво за радиото ФМ Мундо.