1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КултураГрција

Елефсина 2023 - мистерии од антиката и индустријата

Мариа Ригоцу | Флоријан Шмиц
5 јануари 2023

На 4. февруари 2023 Елефсина го слави почетокот како Европска престолнина на културата, до сега најмалата и најстарата меѓу нив. За посетителите има огромна програма која ја разбива типичната претстава за Грција.

 Елефсина, Европска престолнина на културата за 2023
Елефсина, Европска престолнина на културата за 2023Фотографија: Maria Rigoutsou/DW

„Ако некој успее да ја промени Елефсина, може да го промени и цел свет", рекол еднаш еден уметник. Причини да се промени малото место има доволно. Со 25 илјади жители, Елефсина се наоѓа 20 километри западно од Атина и не е ниту убаво место, ниту идилично. Грција што ја знаеме од сликите од одмор изгледа сосем поинаку - тесни улички, луѓе во таверни на тиркизното море. Во Елефсина залудно ќе барате такво нешто. Наместо тоа има безлични градби, индустриски руини, бродови кои веќе не пловат и ‘рѓосуваат на бродски „гробишта”. Но, меѓу нив има и насмеани луѓе, срдечност и внимателно одржувани градини. Елефсина е нешминката верзија на Грција: автентична, молчалива, достоинствена. 

Можеби токму тоа е одликата на Елефсина како една од трите престолнини на културата во 2023 - најмала и најстара во досегашната историја на институцијата. Во татковината на Есхил, големиот антички поет, ќе има 465 настани на 30 различни места. Под мотото „Мистерии на промената” 192 грчки и 137 меѓународни уметници ќе ги изложат своите дела во 17 галерии. Три тематски столба ја формираат основата на концептот: човек и општество, животна средина и работа. 

Мистериите од вчера и денес

Уметничкото водство го презема 66-годишниот режисер и гактер Михаил Мармаринос. Полн гордост во впечатливото археолошко наоѓалиште за ДВ објаснува каква мрежа на настани се планирани. Античката Елефсина се наоѓа во срцето на денешниот град. Тука луѓето пред илјадници години со елефтинските мистерии се соочувале со мистеријата на смртта, што во античка Грција бил еден од најважните култови. 

Елефсина - траги од антикатаФотографија: Maria Rigoutsou/DW

Порано илјадници мистичари доаѓале на местото за да се заколнат на молк пред хиерофантот, главниот свештеник на Деметра, божицата на плодноста. Денес малку знаеме за големите мистерии на античкото време, иако старомодната Елефсина многу влијаела на нашиот денешен живот. „На прво место започнало одгледувањето на жито за луѓето. Тука луѓето прекинале со животот на номади и веќе не се селеле наоколу во потрага по храна", раскажува Мармаринос кој се чини дека го знае секое ќоше во малото место. Потоа додава „култивирањето на почвата е почеток на културата сам по себе”. 

Само чекор понатаму се наоѓа првиот неформален театар на светот, вели Мармаринос. Вели неформален, бидејќи театарот како концепт тогаш не постоел. Но, уште пред комедијата и драмата луѓето во Елефсина се собирале за да сведочат на мистериите. 2023 кореографот Саша Валц и режисерот Јохен Зандиг тука ќе изведат симбиоза од звук, музика, природна светлина и човечкото тело наречена „Човечки реквием”. Мармаринос вели дека тоа е естетско доживување кое на посетителот му предочува дека не е доволен само јазикот. Тука ќе се изведува и делото „Ма” од Ромео Кастелучи. Каква содржина се крие зад насловот е „мистерија” сама по себе. 

Град на бегалци

Друг историски столб на градот е индустријата. Таа е и благослов и проклетство истовремено. Благослов затоа што овозможи егзистенција на илјадници бегалци кои во 1922 по уништувањето на денешен Измир дошле тука. Проклетство бидејќи нафтените рафинерии, фабриките за цемент и други индустриски гранки кои доминирале до 90-тите години од минатиот век, не донесле само работа и благосостојба со себе. Елефсина е дел од западна Атика, регион каде има посебно голема стапка на заболувања со рак и големо загадување на околината. 

Во изминатите 30 години индустријата бележи силен пад што повлече и економски пад на градот. На многу места се гледаат индустриски руини. Стара фабрика за бои се реновира во рамки на културната програма. Тука ќе настане ново место на културата кое треба да го задржи својот сјај и по 2023 година како оставштина за луѓето во Атика. Еден од првите гости ќе биде уметникот Хуан Сантовала од Колумбија, кој ќе прави скулптура посветена на работниците во градот. Ќе учествуваат и лица кои работеле или уште работат за фабриките во градот. За секој од нив ќе се направи шлем од керамика кој ќе им биде предаден по изложбата. 

Елефсина ги чека своите посетителиФотографија: Maria Rigoutsou/DW

Културата и надежта за нов полет 

Старата фабрика за цедење на масло од маслинки е место каде исто така ќе има настани. На тоа место од 1875 до 1960 имало фабрика за сапун. Првата изложба ќе биде посветена на поранешната грчка министерка за култура Мелина Меркури и на нејзиниот поранешен француски колега Жак Ланг. Меркури ја разви идејата за културни престолнини во 1985 година, а Ланг директно учествувал во реализацијата. Веднаш до оваа локација се наоѓа и театар на отворено каде меѓу другото ќе настапат и Националниот театар од Нови Сад и јужнокорејскиот главен град Сеул.

Впечатливи се и гробиштата за бродови во заливот Влиха. Тука има околу 70 стари бродови кои го загадуваат морето со ‘рѓа и отпад - за многумина од жителите срам што трае со децении. Па сепак џиновите имаат своевидна магија за набљудувачот - какви приказни раскажуваат? Мистерија останува како ова место ќе биде искористено. 

Жителите на Елефсина си посакуваат пред сѐ нов полет, бројни посетители од цел свет и да не ги заборават централните власти од Атина откако сѐ ќе заврши. За луѓето рефлекторите нудат можност да се направат или одржуваат улиците, тротоарите и плоштадите. 2023 нуди шанса за нив да ги постават темелите за можеби подобра иднина. 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми