Електронска алка за насилниците и построги казни
19 септември 2025
По убиството на 31- годишната Росица Коцева во Велес и нејзиниот татко, расте притисокот врз институциите ефикасно да реагираат и да ги заштитат жените од насилство и фемицид.
„Трагедијата на Росица нека биде последна, бараме итно воведување на електронска нараквица за насилниците“, побараа од Либерално-демократската партија. Тие поднесоа измени на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство, коишто во изминатиот период не поминаа во Собранието.
„Доколку измените во овој момент беа на сила, насилникот ќе носеше електронска нараквица, а денес Росица и нејзиниот татко сѐ уште ќе беа живи“, вели членката на Извршниот одбор на Либерално-демократската партија (ЛДП), Цветанка Геговска.
Улогата на електронската алка е да ја предупреди жртвата дека сторителот е на оддалеченост помала од 100 метри. Со оваа мерка се очекува дека ќе се зголеми степенот на заштита на жртвата и истовремено ќе се намали можноста за повторно изложување на насилство.
Фемицидот - најтежок облик на насилство
Осуда за зачестените случаи за свирепо насилство врз жени и фемицид изрази и Клубот на пратеничките во Собранието. Тие повикаа на доследно почитување на законите, навремена и ефикасна реакција од сите надлежни институции за заштита, спречување и превенција од насилство врз жените. Клубот на пратенички информираше дека едногласно ги поддржал измените на Кривичниот законик, со кои фемицидот по првпат се препознава и третира како кривично дело.
„Бараме судските органи да ја имаат во предвид ратификуваната Истанбулска конвенција и одредбите од Кривичниот законик коишто се усогласени со неа. Фемицидот е најтежок облик на насилство врз жените само затоа што се жени. Жените мора да се чувствуваат безбедно и сигурно, а тоа треба да го обезбедат сите институции во државата“, рече пратеничката Јованка Тренчевска.
Граѓаните преку протест во Скопје во четвртокот (18.09) побараа одговорност од полицајци, обвинители и судии поради „колективниот крах на системот кој дозволува да се случува континуирано насилство врз жени што доведува до фемициди“. Реакциите следат откако девојката во Велес беше убиена од својот поранешен партнер, кој повеќепати го пријавувала во полиција за различни дела, а против него имало и условни пресуди и забрани да и се приближува.