1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ембла - 4 години откако претседателот ја одведе на училиште

21 февруари 2026

Пред четири години претседателот Пендаровски ја одведе 11 годишната Ембла во нејзиното училиште откако беше оставена сама да посетува настава поради бојкот на родителите на нејзините соученици. Што се промени оттогаш?

Ембла Адеми чија фотографија на која претседателот на Македонија ја држи за рака и ја води во училиште го обиколи светот. февруари 2022
Пред четири години тогашниот претседател Стево Пендаровски ја одведе Ембла Адеми во училиштеФотографија: Pres. Of North Macedonia

Ембла Адеми чија фотографија на која претседателот на Македонија ја држи за рака и ја води во училиште го обиколи светот – сѐ уште оди во истото училиште „Единство и Башкими“ од Гостивар. Сега е осмоодделенка и следната година по завршување на деветто одделение треба да се збогува со своето училиште и да се сврти кон новите предизвици кои ја чекаат неа и нејзиното семејство, таткото, мајката и сестрата Ендра која е пијанистка.

„Ембла е сега 15 години, има другарчиња, но само во училиште, надвор од училиштето сѐ уште немаме другарчиња“, вели нејзиниот татко Илир Адеми со кого ДВ разговараше за тоа дали се смени нешто на подобро четири години по денот кој трајно ќе биде врежан во сеќавањето на семејството. Денот кога по бурата што се крена во јавноста поради отфрлањето на девојчето од неговите соученици и нивните родители, претседателот Стево Пендаровски ја фати за рака и ја одведе в училиште сакајќи да стави крај на дискриминацијата на која беше изложено едно мало девојче затоа што беше различно од своите врсници.

Ембла, која е со Даунов синдром, сѐ уште не зборува бидејќи има оштетен слух, но се сеќава на денот кога претседателот во знак на солидарност ја однесе во училиште. Татко ѝ вели дека таа има своја интуиција за случки и препознава личности и тие кои се блиску до неа. Така и кога ќе види слика од Пендаровски на телевизија или порано интервју, седнува пред телевизорот и гледа.

„За жал уште не се гледа доволно дека заедницата прави напори на децата и младите како Ембла да им создаваат услови за нивно самостојно справување во понатамошниот живот. Можеби постои емпатија кон оваа категорија на деца и млади, но заедницата а пред сѐ мислам на општините, треба да направат стратегија за нивно вклучување“, порача тој.

Ендра и свири на пијано на Ембла

Навраќајќи се на минатото, господинот Илир вели дека се надева повеќе да нема такви случки. Но спомените будат и горчина. „Многу навреди се направија кон Ембла, но никој не и се извини“, нагласи тој. Потребни се, додава, решенија и волја да им се помогне на децата како Ембла и на нивните семејства кои еднакво ја трпат неправдата што им се нанесува на нивните најмили. 

15-годишната Ембла се уште го посетува истото училиште во ГостиварФотографија: Ilir Ademi

Го прашавме како се справува девојчето со наставата во училиштето. Нѝ рече дека е редовна ученичка, но оценките се малку ниски и дека можеби и оценувањето треба да се прилагоди кон нејзините можности. Ембла, инаку, има модифицирана програма која треба да се прилагоди кон нејзините можности, но и наставниците треба да бидат по креативни за да можат да се постигне успех.

Ембла има среќа да има една прекрасна сестра како Ендра, која во секој миг се грижи за неа и заедно се многу среќни и задоволни. Ендра не ја остава својата сестра осамена и секогаш е покрај неа и во добро и во тешки моменти. Ендра е пијанистка и Ембла го сака звукот на пијаното.

„Музиката е од голема помош за децата со попреченост, ги смирува и им дава сигурност. Така и Ембла сака да слуша музика и многу ја привлекува“, вели таткото Илир.

Просечно семејство е тешко да ги поднесе трошоците за деца како Ембла. Освен на училиште девојчето има и приватни часови за да може да се држи во кондиција нејзиниот ментален развој, како и кај сите деца со попреченост. За тоа треба да се одделат финансиски средства за да може да се посетуваат такви приватни часови, за дефектолог и за логопед кои за овие деца се многу потребни. А за ова треба да се направат напори да се помогне од страна на општините или државата за да не се отежнува буџетот на овие семејства.

„Засега во училиштата има специјални едукатори кои за неколку часа во училиште (три часа неделно) не се доволни. Мора да се направат напори и за логопеди кои се потребни исто така во училиштата“, истакнува таткото на младата Ембла.

Децата како Ембла не добиваат помош од општините во кои живеат. Фотографија: Ilir Ademi

Тој посочува дека свеста кај луѓето почна да ги дава сигналите и дека е вклучен алармот дека треба да се подобрат работите, но нагласува дека треба да има план за нивно вклучување во општеството, а тоа подразбира како во училиште така и подоцна кога треба да бидат вклучени во општествениот живот, со вработување.

Треба асистенти и на работни места"

Децата како Ембла не добиваат помош од општините во кои живеат. Иако по случката со претседателот на државата, општината се обврзала дека ќе ја следи состојбата на девојчето во училиштето, тоа изостана. Таткото Илир разочарано констатира дека општините не ги следат новите потреби, иако, тие треба да воведуваат промени во своите политики кон децата и луѓето како неговата ќерка.

 Родителите сакаат еден ден Ембла да е самостојна и да има вработување со  услови за непречено и недискриминирачко прилагодување кон работата.

„Како што се изборивме при нивното школување да имаат асистенти, треба да се мисли и на тоа да има и асистенти при работа, за нивно полесно вклучување во работните задачи. За ова не гледам дека се размислува. Се надевам дека овој мој предлог ќе ја мотивира државата да ги подобри условите за ова група на граѓани при вработување“, порача Илир на крајот на нашиот разговор.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми