1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мицкоски со нова енергетска иницијатива за Балканот

28 јануари 2026

Премиерот Христијан Мицкоски најави нова регионална иницијатива за енергетски развој и инвестиции. Се бараат инвестиции во енергетиката.

Премиерот Христијан Мицкоски 01.07.2025
Премиерот Христијан Мицкоски ја најавува новата регионална иницијатива за енергетско поврзувањеФотографија: Petr Stojanovski/DW

Додека иницијативата Отворен Балкан постепено паѓа во сенка, премиерот Христијан Мицкоски најави формирање на нова регионална иницијатива за енергетски инвестиции и поврзување. Идејата, според него, е веќе разработена и претставува стратегиски чекор за долгорочен раст на регионот.

„Скопје – регионална иницијатива за поврзување“

Мицкоски изјави дека иницијативата ќе биде брендирана како „Скопје – регионална иницијатива за поврзување“, фокусирана на инвестиции во гасни интерконектори и електроенергетска инфраструктура.

„Тоа се двата суштински столба на иднината – вештачката интелигенција и потребата од електрична енергија“, истакна Мицкоски во емисијата „Клик Плус“ на ТВ21, пренесувајќи ги пораките од Светскиот економски форум во Давос.

Енергетски инвестиции и потенцијални проекти

Премиерот најави дека на маса се разгледуваат повеќе проекти, меѓу кои и Чебрен, Галиште и проектот Бошков Мост. Според него, државата планира да привлече приватен капитал, додека ќе задржи дел од инвестициското портфолио.

На еден од панелите во Давос, како што истакна Мицкоски, се разговарало за растечката потреба од електрична енергија во светски рамки. Посочено е дека во следните години потрошувачката на струја ќе се зголемува „два и пол пати побрзо“ од вкупните енергетски потреби.

Електроенергетска инфраструктура како дел од новата регионална иницијатива за поврзувањеФотографија: dapd

Потребни 40.000 теравати во следната деценија

Премиерот потенцираше дека глобално ќе бидат потребни 40.000 теравати нови производни капацитети во следните десет години. „Тоа е исто колку што денес имаат заедно САД, Канада, ЕУ и Јапонија“, рече Мицкоски.

Според него, доколку Западен Балкан настапи обединето и привлече само 0,01% од тие инвестиции, регионот би добил 4 теравати нови капацитети, што би значело 4 трилиони евра потенцијални вложувања во наредната декада.

„Замислете ние како регион, Западен Балкан да се обединиме и понудиме инвестициски можности и дел од овие инвестиции за овие нови 40.000 теравати производни капацитети, само 0,01% да завршат тука. Тоа се 4 теравати. Ако еден мегават инсталиран капацитет чини од милион до два милиони евра, зборуваме за 4 трилиони евра во следниве 10 години инвестиции што треба да се случат во Западен Балкан“, вели Мицкоски.

Зошто иницијативата се појавува токму сега? 

Оваа нова идеја доаѓа во период кога трите земји членки на Отворен БалканСрбија, Албанија и Северна Македонија – се соочуваат со критики за ограничена политичка поддршка.

Иницијативата Отворен Балкан има за цел да ја зголеми трговијата и соработката, како и да ги подобри билатералните односи.Таа беше иницирана на 10 октомври 2019 година и зад неа застанаа српскиот претседател Александар Вучиќ, претседателот на Албанија, Еди Рама и поранешниот македонскиот премиер Зоран Заев. 

Од политички аспект, Отворен Балкан е насочен кон забрзување на европската интеграција на земјите од Западен Балкан и кон придонесување за секоја од земјите што поскоро да стане членка на Европската Унија.

Црна Гора, Босна и Херцеговина и Косово не се приклучија кон иницијативата, поради сомнежи дека таа е под „српски патронат“. Како противтежа, земјите ја истакнуваат рамката на Берлинскиот процес, во која учествуваат сите шест држави од регионот.

Новата иницијатива на Мицкоски има за цел да го прошири просторот за регионална енергетска соработка, со фокус на инвестиции и заеднички интереси.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми