1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Енергетските заедници во Грција - спас од скапата струја

Алексија Калаиѕи
27 април 2024

Грција има висока стапка на енергетска сиромаштија: секое петто домаќинство не може доволно да го загрее домот. Поради тоа жителите се обидуваат сами да произведат струја.

Соларен парк Хиперион, Атина
Соларен парк Хиперион во близина на АтинаФотографија: Hyperion

Хиперион, првата демократска заедница за обновлива енергија во Атина, е многу слична со оние во Германија, и имаат и иста цел : да се создаде демократски колектив кој произведува обновлива енергија за членовите на задругата и за другите во нивната заедница.

Грција добива 50% повеќе сончева светлина на квадратен метар од Германија, така што оваа земја веќе има еден од највисоките потенцијали за обновлива енергија во Европа. Тоа го забележаа и инвеститорите, каде Грција важи за една од најатрактивните можности за инвестирање во обновливите извори на енергија во светот.

Во текот на изминатата деценија, учеството на обновливите извори на енергија во вкупната потрошувачка е речиси двојно зголемено: од 11% на 20%, пред се енергијата на ветерот и сонцето. Во исто време, Грција постепено се откажува од фосилните горива, а со тоа ги намалува емисиите на стакленички гасови за 43% од 2005 година.

Но, Хиперион и енергетското кооперативно движење се повеќе од чиста енергија. „Ние сме најдоброто можно решение за климатската криза“, вели Такис ​​Григориу, еден од коосновачите на Хиперион. „Ние ги преземаме работите во свои раце, произведуваме сопствена електрична енергија, го демократизираме енергетскиот сектор и имаме транзиција на социјално праведен и партиципативен начин“. 

Такис ​​ГригориуФотографија: Alexia Kalaitzi

И еколошка и социјална задача 

Хиперион вети дека ќе донира фиксен дел од својата заработка на домаќинствата со ниски приходи во Атина, на културен центар кој ја поддржува африканската култура и на народна кујна што ги храни сиромашните во близина на главниот град.

Според Крис Вретос,кој е исто така основач на Хиперион, „енергетските заедници се решение на пресекот на две големи кризи со кои се соочуваме: еколошко уништување и демократски пад“. Секој од 130-те членови на Хиперион има по еден глас во сите процеси на донесување одлуки на задругата.

Григориу, Вретос и нивните колеги соработници - мноштво професионалци, сопственици на мали бизниси и екологисти - се бореа три години да го покренат Хиперион.

Главната соларна фарма на проектот се наоѓа во близина на Стимфалија, 80 километри југозападно од Атина во близина на Коринтскиот залив на земјиште изнајмено од локален фармер. За 925 соларни панели од кинеско производство беше потребна колективна инвестиција од 330.000 евра. 

Крис ВретосФотографија: privat

Одлична инвестиција 

Електричната енергија е многу скапа во Грција - земјата имаше највисоки производни цени во ЕУ во 2022 година - така што членовите на Хиперион проценуваат дека можат да ја исплатат својата инвестиција за три до четири години.

Електричната енергија произведена од фармата Хиперион точно се мери и се внесува во мрежата за снабдување со електрична енергија. На членовите на колективот вака создадената енергија им се одзема од сметките за струја веќе според учеството во оваа инвестиција, а тоа веројатно ќе биде случај во следните 25 години - се додека се очекува да работат соларните панели.

Грција уште во 2018 година донесе закон за енергетските заедници, а законот беше изменет минатата година. Тие промени во согласност со упатствата на ЕУ ја проширија дефиницијата за енергетска заедница, со што им се олесни на задругите да произведуваат обновлива енергија и да ги искористат нејзините придобивки. Дополнително, новиот закон ја поттикнува граѓанската иницијатива за создавање чиста енергија.

Членови на задругата ХиперионФотографија: Nikoleta Zarifi/Hyperion-Greenpeace

Претходниот закон веќе им дозволуваше на компаниите да се регистрираат како енергетски заедници и да дејствуваат како мали производители на енергија. Од 2018 година, повеќе од 1.000 приватни претприемачи го направиле тоа. 

Секоја петта куќа - студена во зима 

На членовите на Хиперион им е важно да нагласат дека се енергетска заедница, а не само претприемачи кои бараат профит. Активни се на социјалната мрежа, организираат состаноци и настани на кои се разговара за енергетиката и животната средина.

Евтината и чиста енергија е само дел од поголема битка, велат основачите на Хиперион. Речиси половина од зградите во Грција се со многу ниска енергетска ефикасност - тоа значи дека им треба повеќе енергија за греење или ладење.

Колективот сака да им дава услуги на своите членови, но и на оние со ниски примања. „Навистина, енергетската ефикасност е на прво место, а дури потоа обновливата енергија“, вели Алики Коровеси од Хиперион. „Затоа што не мора ни да произведувате енергија што не ви е потребна“.

Грција има висока стапка на енергетска сиромаштија: секое петто домаќинство не може доволно да го загрее домот. По руската инвазија на Украина во февруари 2022 година, цената на струјата вртоглаво порасна, исто како и интересот на граѓаните да произведуваат сопствена струја.

За помалку од една година, од ноември 2022 до август 2023 година, тројно се зголемија и енергијата произведена од енергетските заедници и бројот на апликации. 

Пресметка каде профитот е секогаш „нула“ 

Ограничувањата на електричната мрежа е еден од главните проблеми на енергетските заедници во Грција. Според Институтот Green Tank, повеќето апликанти не можат да се поврзат на мрежата. Новиот закон пропишува повеќе мрежен простор за реализација на проекти за мерење на перформансите на ваквите граѓански иницијативи во производството на електрична енергија.

Соларните панели никогаш не биле толку евтини

00:59

This browser does not support the video element.

Бидејќи кооперативата Хиперион е оптимист за своите достигнувања, некои од нејзините членови не гледаат чиста пресметка. Затоа што до сега ниту една енергетска заедница во Грција не доживеала исплата на нејзините инвестиции.

Перформансите на ваквите кооперативни електрани треба точно да се мерат и можно е тие да произведуваат повеќе енергија отколку што трошат членовите. Во тој случај, енергетската заедница треба да ја добие разликата во форма на плаќање - теоретски.

„Тоа едноставно не се случува“, вели Вретос. „Навистина не сме сигурни каде е проблемот во процесот. Електра тврди дека мрежниот оператор не испраќа точни податоци, додека операторот вели дека испраќа податоци, но дека понудувачот не го врши мерењето“.

Тоа е Гордиевиот јазол што Хиперион ќе треба да го реши доколку очекува другите енергетски заедници да тргнат по нивниот пат.   

Оваа статија е дел од серијалот од пет земји за енергетските заедници во ЕУ, поддржан од Journalismfund Europe.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми