1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Епидемија: Има ли спас од големата кашлица?

ДТЗ
8 февруари 2024

Надлежните подготвуваат низа препораки со цел да се сузбие ширењето на епидемијата на голема кашлица. Покрај вакцинација, се препорачува и изолација на заразените.

голема кашлица
Покрај вакцинација, се препорачува и изолација на заразенитеФотографија: Matej Kastelic/Zoonar/picture alliance

Четири нови случаи на голема кашлица се евидентирани во Северна Македонија, со што бројот се зголеми на вкупно 22 од почетокот на годината. Најголем дел од заболените се деца и дел од нив се хоспитализирани, но има и возрасни заразени со голема или магарешка кашлица. Надлежните препорачаа прогласување на епидемија со цел да се спречи ширењето на заразната болест. Откако предлогот ќе го помине филтерот во Министерството за здравство и во Владата, на сила стапуваа редица препораки на Комисијата за заразни болести. 

Што ќе значи прогласувањето на епидемија? 

Портпаролот на Комисијата за заразни болести, Злате Мехмедовиќ за ДВ објаснува што значи прогласувањето на епидемија за голема кашлица и какви мерки ќе следат во наредните денови. 

„Тоа значи дека ќе има многу повеќе правни можности за да се регулира начинот и мерките на коишто ќе се применуваат за време на епидемијата, како забраната за носење на невакцинирани или нецелосно вакцинирани деца во градинки, наредби за здравствени институции како да постапуваат за време на епидемијата, реарганизација на здравствениот систем, носење на препораки во форма на задолжителни препораки за населението и слично“, вели Мехмедовиќ. 

Препораки 

Институт за јавно здравје ќе ги изготви сите препораки коишто ќе бидат јавно објавени и ќе треба да се почитуваат. 

„Главната препорака е вакцинација. Не постои алтернативно решение за вакцината коешто е поефикасно и побезбедно. Можеме да носеме маски, тоа е секогаш препорачливо бидејќи има и грип и ковид,можеме да одржуваме хигиена, но основна работа е вакцинацијата“, вели Мехмедовиќ. 

Заразноста не е долга и трае од 5 до 6 дена, а инкубацискиот период може да се движи од 7 дена до 21 ден. Фотографија: picture-alliance/dpa/K.-J. Hildenbrand

Министерот за здравство Фатмир Меџити најави дека одлуката за прогласување епидемија на голема кашлица во Скопје денеска ќе биде потпишана ќе биде испратена до сите вакцинални пунктови. Тој апелираше децата да се вакцинираат со ДиТеПер вакцината која се прима на 2,4,6 и 18 месеци како и на 7-годишна возраст.

Комисијата за заразни болести во средата (07.02) препорача прогласување епидемија на територијата на град Скопје. Во изминатите денови бројот расте бројот на заразени, особено на територија на град Скопје. 

Се предлага вакциналните пунктови да работат во две смени, а дополнително да се работи и во сабота. Препорака е и да се забрани прием на невакцинирани деца за пертусис во градинките. Комисијата очекува овие мерки да го поттикнат интересот за вакцинација кај најмладите.  

Претседателот на Комисијата за заразни болести, Александар Петличковски на прес-конференција рече дека прогласувањето на епидемија звучи малку страшно, но, дека реално треба да се олесни справувањето со ризикот што доаѓа со оваа болест. 

Недоволен опфат со вакцинација 

Болеста е најзастапена кај лицата коишто не се вакцинирани, поради што сите напори ќе бидат насочени во таа насока - за пополнување на промашените вакцини.

Според претседателот на Комисијата за разни болести Александар Петличковски, постои опаѓање на имунитетот после 10 години во просек, така што се разгледуваат и опциите за освежување на имунитетот кај критично болните и лицата над 65-годишна возраст.

Пертусис, познат како голема кашлица, е многу заразна респираторна инфекција предизвикана од бактеријата Bordetella pertussis. Постои можност и деца кои се вакцинирани да имаат можност да бидат заразени, меѓутоа кај нив инфекцијата ќе помине полесно, отколку кај неимунизираните. Вакцинација има ефикасност меѓу 80 и 90 проценти. Па така, на пример во Србија од околу 700 лица со потврдена инфекција на голема кашлица, дури 64 отсто биле вакцинирани.

Според Светската здравствена организација, пертусисот се пренесува лесно од човек на човек, главно преку капки од кашлање или кивање. Болеста е најопасна за доенчињата и е значајна причина за болест и смрт на оваа возрасна група. 

Првите симптоми вообичаено се јавуваат од 7 до 10 дена по инфекцијата. Тие вклучуваат блага температура, течење од носот и кашлица. Луѓето со пертусис се најзаразни до третата недела откако ќе започне кашлањето. 

Се препорачува изолација на заразените 

Заразноста не е долга и трае од 5 до 6 дена, а инкубацискиот период може да се движи од 7 дена до 21 ден. По започнување на антибиотска терапија, потврдените случаи треба да бидат изолирани. Препорака е тие да не се мешаат со други луѓе пет дена по започнувањето на антибиотската терапија.

Матичните лекари и специјалистите ќе добијат упатства според препораките на СЗО преточени од Институтот за јавно здравје за упатување за тестирање на сомнителните случаи. Во моментов има доста тестови на располагање. 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми