1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Епидемија во Скопје: без вакцина нема да може во градинка

ДТЗ
7 февруари 2024

Комисијата за заразни болести бара да се прогласи епидемија на голема кашлица во Скопје и препорача да се забрани прием на невакцинирани деца во градинките.

голема кашлица, настинка
Eпидемија на магарешка кашлица во Скопје - без вакцина нема во градинка Фотографија: Andrea Warnecke/dpa/picture alliance

Комисијата за заразни болести бара да се прогласи епидемија на магарешка кашлица во Скопје, каде има 14 потврдени случаи. Со оглед на тоа дека бројката расте и на ниво на земјата се пријавени 18 случаи, комисијата смета дека прогласувањето на епидемија ќе помогне во справувањето со заразната болест. Како една од мерките коишто се предлагаат е да се забрани прием на невакцинирани деца во градинките. Токму намладите се најподложни на болеста, а сите оние коишто се заразиле во главниот град се токму невакцинирани. Меѓу нив има само едно возрасно лице. 

„Со оглед на последните бројки, 18 потврдени случаи со голема кашлица и имајќи предвид дека во изминатите денови овој број расте, особено на територија на град Скопје каде што се потврдени 14 случаи, се одлучивме да предложиме да препорачаме прогласување на епидемија за град Скопје“, изјави на прес-конференција претседателот на Комисијата за заразни болести Александар Петличковски.

Според него, прогласувањето на епидемија „звучи малку страшно“, но реално треба да им олесни на лекарите во справување со ризикот кој доаѓа со болеста големи кашлици.

„Во таа насока моментално го подготвуваме упатството за постапување во услови на епидемија од страна на Институтот за јавно здравје и клучните активности треба да бидат насочени на пополнување на промашените вакцини“, рече тој. 

Комисијата за заразни болести препорача да се забрани прием на невакцинирани деца во градинките. Фотографија: MiS/imago images

Вакцината како спас 

Петличковски вели дека е незадоволително нивото со опфатот на вакцинација на пертусис.

„Тука треба да се фокусираме, да поправиме она што е промашено во изминатиот период. Затоа ќе ги повикуваме сите кои ја пропуштиле вакцинацијата предвидена со редовниот календар. Ќе предложиме да се организира работата на вакциналните пунктови во две смени и дополнително во сабота да се примаат деца за вакцинација“, рече тој.

Комисијата препорачува забрана за прием на деца невакцинирани за пертусис во градинките и очекува овие мерки да го поттикнат интересот за вакцинација, бидејќи фокусот е на заштита на најмалите, за кои оваа болест може да има сериозни последици.

„Само и една доза на вакцина ги заштитува вакцинираните од сериозен тек на болеста“, порача Петличковски. 

Големата кашлица е заразна болест. Светската здравствена организација (СЗО) проценува дека во 2014 година ширум светот имало приближно 24,1 милиони случаи. Во следните години, овој број брзо се намали благодарение на вакцините. 

Лекарите препорачуваат заразените да се јават кај матичен лекар којшто ќе утврди дали станува збор за магарешка кашлица. Во државата има доволно тестови за проверка на болеста. На заразените им се препорачува веднаш да земат терапија со антибиотик. 

Симптоми и препораки 

Големата кашлица се пренесува преку бактеријата бордетела пертусис (Bordetella pertussis). Тоа е инфекција преку капки. Патогените се пренесуваат од едно на друго лице на растојание до еден метар при кашлање, кивање или дури и зборување. 

Првите симптоми на болеста се слични на симптомите на настинка. Тие се појавуваат околу девет до десет дена по инфекцијата. Но, дури и пред да се појави типичната кашлица, заразените можат да бидат преносители на болеста, а тоа се случува брзо. Околу 70 до 80 проценти од оние кои доаѓаат во контакт со заразено лице - се заразуваат.

Најчесто се погодени доенчињата и малите деца. Тие на моменти кашлаат толку силно што може да се помисли дека се гушат. Кај малите деца може да се појават сериозни компликации, како што е респираторна инсуфициенција - запирање на дишењето.  Возрасните исто така лесно можат да се заразат, особено ако не се вакцинирани. Вакцината мора да се освежува на секои десет до 15 години. За разлика од доенчињата и децата, болеста за возрасните е опасна по живот само во исклучителни случаи и е повеќе слична на бронхитис.

Оние кои прележуваат голема кашлица не се доживотно заштитени од разболување. Ако еднаш се прележи, болеста потоа е само малку полесна. Затоа, во секој случај се препорачува вакцинација. Ова е единствениот начин за лична и заштита на другите.

Лекарите препорачуваат заразените да се јават кај матичен лекар којшто ќе утврди дали станува збор за магарешка кашлица. Во државата има доволно тестови за проверка на болеста. На заразените им се препорачува веднаш да земат терапија со антибиотик. 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми