Епстин-документи: Зошто Трамп сега бара нивно објавување?
18 ноември 2025
Драматичен пресврт - американскиот претседател Доналд Трамп во неделата (16.11) повика републиканците во Претставничкиот дом да гласаат за објавување на сите документи за починатиот сексуален престапник Џефри Епстин.
Иако Трамп негира каква било вина во врска со т.н. „Епстин-документи“, критичарите го обвинија дека се обидува да го блокира нивното објавување за да сокрие можни референци за него.
Зошто Трамп сега ја поддржува објавата на Епстин-документите?
Американскиот лидер, според неговиот пост на Truth Social, сега сака да покаже дека „нема што да крие“.
Иако во кампањата за претседателските избори во 2024 година вети дека ќе ги објави документите - тема која долго време е важна за американската десница - Трамп долго се колебаше да дозволи тие да станат јавни. Во јули годинава сѐ уште ги нарекуваше „измама“ и „здодевни“.
Притисок во Конгресот: Републиканци подготвени да гласаат за објава
Минатонеделното објавување од страна на демократите во Надзорниот комитет на Претставничкиот дом на три електронски пораки што го споменуваат Претседателот - меѓу повеќе од 20.000 документи прибавени од имотот на Епстин - го зголеми притисокот врз Трамп.
Со оглед на тоа што многу републиканци сигнализираа дека би гласале со демократите за да го принудат Министерството за правда да ги објави сите документи и комуникации, Трамп можеби се обидува да го спаси угледот пред исход кој изгледа сè поверојатен.
Што велат најновите имејл-пораки на Епстин за Трамп?
Најстарите пораки се размена со соработничката на Епстин и исто така осудена сексуална престапничка, Гислејн Максвел, во 2011 година. Во нив, Епстин ѝ пишува:
„Сакам да сфатиш дека кучето што не залаја е Трамп... [цензурирано име на жртва] помина часови со него кај мене“.
Потоа додава дека Трамп „никогаш не бил споменат“, дури ни од „шеф на полиција“, пред Максвел да одговори: „Размислував за тоа...“
Години подоцна, во февруари 2019-тата, неколку месеци пред неговото апсење, Епстин си испратил самиот имејл во кој вели дека Трамп „никогаш не добил масажа“ иако „многупати доаѓал кај мене во тој период“.
Обвинувања за политичка манипулација - одговорот на Белата куќа
Портпаролката на Белата куќа, Каролин Левит, изјави дека објавените пораки биле „селективно протечени“ од Демократите за да создадат „лажна нарација за оцрнување на претседателот Трамп“.
Што содржи Законот за транспарентност на Епстин-документите и дали ќе биде усвоен?
Тоа зависи од напредокот на Законот за транспарентност на Епстин-документите. Републиканскиот претставник Томас Маси, ко-инцијатор на законот заедно со демократскиот конгресмен Ро Кана, вели дека има доволно поддршка за тој да помине во Претставничкиот дом оваа недела, наводно во четврток.
„Мислам дека би можеле да имаме поплава од републиканци,“ изјави Маси за Еј-Би-Си. „Може да бидат 100 или повеќе.“
Ако законот помине, ќе оди во Сенатот, каде мнозинство имаат републиканците. За да се усвои, таму ќе бидат потребни 60 гласа (од 100) и потписот на Трамп. Тоа значи дека најмалку 13 републикански сенатори би морале да гласаат за објавување, заедно со сите демократи и двајцата независни сенатори.
Ако Трамп одбие да потпише, законот, за да помине, би требало да добие двотретинска поддршка во двата дома.
Дали ова ѝ нанесе штета на претседателската позиција на Трамп?
Тешко е да се каже со сигурност, но има знаци дека тоа е така.
Освен значителниот број членови од неговата партија кои се подготвени да гласаат за нешто што до неделата беше спротивно на ставот на Претседателот, врските со Епстин предизвикаа пукнатини во МАГА-крилото на Републиканската партија, особено со конгресменката Марџори Тејлор Грин. Некогаш силен сојузник на Трамп, Грин и Трамп се впуштија во долготраен јавен конфликт околу нејзината поддршка за објавата на Епстин-документите.
„Поплава од закани против мене се поттикнува и охрабрува од најмоќниот човек на светот,“ напиша Грин на платформата X кратко пред пресвртот во ставот на Трамп.
Таа потоа се обиде да го поправи односот, но Трамп во неделниот пост на Truth Social ја нападна, велејќи: „Никој не се грижи за оваа предавничка на нашата земја!“
Иако не директно поврзана со Епстин-досиејата, анкета на Ројтерс и Ипсос покажа дека стапката на неодобрување на Трамп скокнала од 52% во мај на 58% во ноември, додека стапката на одобрување останала на 40%.
Какви беа врските меѓу Трамп и Епстин?
Трамп и Епстин се движеа во истите деловни и социјални кругови кон крајот на 1980-тите и изгледа развиле блиско пријателство. Епстин купил вила само две милји од одморалиштето Мар-а-Лаго на Трамп во 1990 година.
Декада подоцна, Максвел ја регрутирала Вирџинија Џуфре, тогаш 16-годишна, од Мар-а-Лаго, каде што работела како помошничка во соблекувалната, да биде масерка за Епстин. Џуфре беше една од најистакнатите жени кои го обвинуваа Епстин и јавно опиша како била посредувана од него до принцот Ендру од Велика Британија. Таа го тужеше принцот, кој во 2022 година постигна вонсудска нагодба. Џуфре, која оваа година изврши самоубиство, повеќепати изјави дека никогаш не видела погрешно однесување од страна на Трамп.
Записите од летовите на приватниот авион на Епстин покажуваат дека Трамп летал со него седум пати помеѓу 1993 и 1997 година, а во профил за Епстин во магазинот „Њујорк“ во 2002 година Трамп го опишува како „фантастичен човек“, додавајќи:
„Дури велат дека сака убави жени исто колку и јас, и многу од нив се од помладата страна.“
Кога Трамп стана претседател на САД во 2019 година, тој се дистанцира од Епстин — делумно поради спор околу недвижности во 2004 година. До тој момент Епстин имаше издржано 13 месеци затвор поради проституција во 2008 година.
Во 2019 година Епстин беше обвинет за трговија со луѓе, а Трамп рече: „Мислам дека со него не сум зборувал 15 години.“
По смртта на Епстин подоцна истата година, Трамп побара опсежна истрага. Шест години подоцна го промени мислењето, а сега повторно застапува сличен став.
Овој текст првично е објавен на ДВ на англиски јазик