1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕПЗ: Анти-Путин коалицијата на средба во Гранада

Бернд Ригерт
5 октомври 2023

Европските шефови на држави и влади во Шпанија ќе разговараат околу итните прашања, но обврзувачки одлуки нема да има. Нужна размена на мислења или чиста симболика: што ќе донесат двата европски самити во Шпанија?

Алхамбра во Гранада, Шпанија
Алхамбра во Гранада, ШпанијаФотографија: Pedro Salaverria/Colourbox

Во шпанска Гранада се одржува двоен самит: прво во четврток се среќаваат 47 европски држави, сите освен Русија и Белорусија, кои пред една година ја формираа Европската политичка заедница во Прага како сојуз против рускиот напад врз Украина. Потоа во петок следува неформална средба на 27 членки на ЕУ, пред кои се исправени цела планина проблеми, во прв ред миграцијата.

На двата самити шефовите на држави и влади нема да донесат формални одлуки. Пред сѐ Европската политичка заедница (ЕПЗ), иницирана од францускиот претседател Емануел Макрон, е лабав клуб без цврсти структури, и добро е што е така, смета Стивен Блокманс од тинк-тенкот Центар за европски политички студии во Брисел. Третата средба од вој вид, по Прага во 2022 и Кишинев во јуни 2023, тој ја нарекува политички „спиддејтинг“. Без дневен ред, без нужност од донесување декларации и во опуштени работни кругови, се нудат можности за бројни средби.

Тука можат да поразговараат меѓусебно политичарите кои инаку ретко се среќаваат, смета политикологот Весела Чернева од тинк-тенкот Европски совет за надворешна политика од Софија.

„Тоа важи за 20 земји кои не се членки на ЕУ, кои не се среќаавт месечно како членките на Унијата. Ним им е навистина потребен форум и тоа на ниво на шефови на држави и влади, затоа мислам дека тоа е корисно.“ 

Европската политичка заедница беше основана во Прага во 2022 годинаФотографија: Leonhard Foeger/REUTERS

Дали ќе има средба меѓу Азербејџан и Ерменија?

За  конфликтните страни Азебејџан и Ерменија,  двете претставувани од своите претседатели, неформалниот самит нуди на пример можност за разговор за решение во врска со хуманитарната криза во Нагорно-Карабах, со оглед што 120.000 Ерменци избегаа по воената окупација од страна на Азербејџан. Политикологот Стивен Блокманс предупредува-во правец на Азербејџан да бидат упатени јасни пораки. Во Европа територијалните конфликти не смеат да се решаваат со насилство. Тоа важи за рускиот претседател Владимир Путин исто како и за азербејџанскиот претседател Алиев.

„Ако во овој контекст Азербејџан се најде истиснат на страна, тогаш ќе биде добро. Остатокот од Европа би покажал јасна обединетост во своите фундаментални принципи.“

Организаторите на самитите во Гранада во Секретаријатот на Советот на министри во Брисел не можеа да потврдат дали ќе дојде до средба меѓу Азербејџан и Ерменија, можеби со поддршка од Германија и Франција.

Ќе има ли нешто повеќе од заедничка фотографија?

Главна тема за ЕПЗ секако ќе биде повторно ситуацијата во Украина и руската агресорска војна. Дали украинскиот претседател Володимир Зеленски ќе допатува во Гренада, не се соопштува од безбедносни причини.

Од самитот во Прага пред една година произлезе јасен сигнал кон Русија- Европа стои одлучно зад Украина. Во Република Молдавија пораката беше дека Европа го поддржува целиот регион, вклучувајќи ги и загрозените држави како Молдавија. Во Гранада секако нема да биде доволна само заедничка фотографија за испраќање силна порака, сѐ појасно е дека од оваа средба се очекуваат поконкретни резултати, смета Стивен Блокманс.

Министрите за надворешни работи на ЕУ на нивната средба во Киев, 02.10.2023Фотографија: Ukrainian Presidential Press Service/REUTERS

Може ли Украина да се надева на наредок во пристапот кон ЕУ?

При нивната посета на Киев во понеделникот,  министрите за надворешни работи на ЕУ  веќе навестија во кој правец би можела да оди пораката од двојниот самит во Гренада. Германската министерка Аналена Бербок истакна дека европскоот срце најсилно чука за нападнатата Украина, европската „заедница на слобода“ мора да се простира од Лисабон до Луганск во источна Украина, најави Бербок. Во Украина тоа беше сфатено како напредување на кандидатот Украина кон влез во ЕУ.

„Сметам за веројатно дека Украина ќе добие датум за почеток на пристапни преговори во декември“, оценува Весела Чернева. „За Украина тоа е паралела со воената и финансиска поддршка“, вели таа. А за двата вида помош ќе се разговара и на двата самита, посебно од аспект што  во Словачка влада може да формира  кон Путин пријателски расположен премиер, а американската поддршка може да биде блокирана поради буџетскиот спор во Конгресот.

Дали ќе има придвижување во спорот во ЕУ околу миграцијата?

На неформалниот самит на членките на ЕУ претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, сакаше да ги постави во фокус стратешките прашања – европската автономија, инфраструктурата и енергијата. Но, растечкиот број на мигранти врши притисок, не само врз Италија, да се донесат краткорочни решенија. Советниците на Мишел планираа темата да ја ограничат на „екстерната димензија“ на миграцијата, односно соработката со трети држави како Турција и Тунис, кои би требало да ги спречат мигрантите на натамошен пат кон Европа. Но, тогаш како бомба одекна  изјавата на тунискиот претседател Саед –  дека не сака да ја реализира неодамна постигнатата спогодба со ЕУ. ЕУ му понуди економска помош во замена за запирање на мигрантите, но Саед ги отфрли долгорочно предвидените 1,1 милијарда евра како „милостина“.

Новата миграциска политика на ЕУ со скратени постапки за азил, повеќе депортации и квоти за распределба на мигранти за сите членки уште виси во воздух, зашто Италија и Германија не постигнаа согласност во клучни точки. 

Претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел плаира политичка дискусија околу внатрешните реформи во УнијатаФотографија: Daniel Novakovic/Slovenian Government Press Service/AP/picture alliance

Дали ЕУ е способна за нова рунда проширување?

Претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел на ЕУ самитот ќе иницира и политичка дискусија околу внатрешните реформи во Унијата, со што таа би била  способна за прием на шесте држави  од Западен Балкан, како и Украина и Молдавија.

„Од животна важност е преиспитување на идната динамика на Унијата, процесите на донесување одлуки покрај другите прашања, кои би го гарантирале нашиот натамошен успех. Станува збор за критични прашања: што ќе правиме заеднички? Како ќе одлучуваме? Како ќе ги усогласиме финансиите и целите?“, праша Мишел. Дускусиите околу влијанието на проширувањето врз буџетот на ЕУ ќе бидат уште понапнати.

Ако пристапи Украина, која е најсиромашна земја во Европа, сегашните нето-приматели од источна и централна Европа,  како Унгарија или Полска,  одеднаш ќе станат нето-плаќачи.

 

Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми