В недела, на 7 јуни, во кавкаската држава Ерменија се одржуваат парламентарни избори кои се исклучително важни за иднината на оваа постсоветска република. Со овие избори земјата, која со децении беше во орбитата на Москва, би требало да почне да излегува од сферата на влијанието на Русија и да го трасира патот кон Европа.
Големата слика:
Овие избори се тест за напорите на премиерот Никол Пашинјан да воспостави мир со долгогодишниот непријател Азербејџан и да ги продлабочи врските со западните земји. Тој вели дека сака да ја претвори земјата без излез на море од 3 милиони жители во „крстопат на мирот“, повторно отворајќи ги долго затворените граници со Азербејџан и неговиот сојузник Турција.
Дистанцирањето од Русија е деликатно. Ерменија испраќа околу една третина од својот извоз таму и долго време е зависна од Москва за енергија. Во последните недели, Русија - која одржува голема воена база во Ерменија - го засили притисокот, ограничувајќи го ерменски извоз и заканувајќи се дека ќе го прекине евтиниот гас и нафта.
Анкетите покажуваат дека една третина од Ерменците сега ја гледаат Русија како закана, а дури потоа „исконските непријатели“ Азербејџан и Турција.
Во средината на 2010-те, Русија остана главен пријател и заштитник на Ерменија во јавната свест. Но, по војната во 2020 година, а особено по губењето на Карабах во 2023 година, ставовите кон Москва нагло се влошија. Во анкетите во 2021 година, Франција веќе ја надмина Русија како „главен пријател“ на Ерменија - 36% наспроти 35%.
Гласањето во недела е прво по воениот пораз на Ерменија во 2023 година, кога Азербејџан во еден блиц војна ја врати под свое владение енклавата Нагорно-Карабах. Поразот предизвика егзодус на 100.000 Ерменци, од кои најголемиот број сега се преселени околу главниот град Ереван.
Пашинјан е заинтересиран да го фали својот напредок кон мир и повторното отворање на границата со Турција, затворена од 1993 година. Критичарите велат дека тој дал премногу. Откако дојде на власт во Кадифената револуција во 2018 година, тој надгледуваше двојно зголемување на БДП по глава на жител, отвори стотици градинки и асфалтираше илјадници километри патишта.
Европскиот чадор:
На почетокот на мај, Ерменија беше домаќин на два самити: Самитот на Европската политичка заедница, по што веднаш следеше првиот самит Ерменија-ЕУ. Настаните беа незаборавни по тоа што Емануел Макрон трчаше наоколу со кучиња скитници и ја пееше познатата песна од Шарл Азнавур (кој имаше ерменско потекло) „La Bohème" во придружба на Пашинјан на тапани.
Овие два самити го надминаа дипломатскиот протокол и влегоа во изборната арена. Тие беа важни првенствено како политички сигнал. Времето придонесе за ова: европските состаноци се одржаа само неколку дена пред почетокот на официјалната кампања.
Имаше и повеќе од симболика. По самитот ЕУ-Ерменија, страните објавија проширена соработка во енергетиката, транспортот и дигиталните технологии и инвестициите во рамките на Глобалниот портал би можеле да достигнат 2,5 милијарди евра. Но великодушноста имаше граници. Една од најважните работи за ерменските гласачи - ветување за безвизно патување во ЕУ - не беше еден од заклучоците на самитот.
Франција има една од најголемите етнички заедници на Ерменците во светот и Емануел Макрон упати отворена предизборна изјава за поддршка на Пашинјан, велејќи дека судбината на земјата е во Европа. Францускиот претседател ја обвини Русија дека ја напуштила Ерменија по војната во Нагорно-Карабах во 2020 година.
Во својот говор на самитот, Макрон рече: „Многумина долго време мислеа дека судбината на Ерменија е можна само под покровителство на Русија“. Тој изрази надеж дека овој „ерменски момент“ со економски раст од 6% ќе се прошири низ целиот регион.
Ерменија сака да ја прекине својата физичка изолација и да стане дел од средниот коридор, витален трговски пат што ги поврзува западна Кина и Европа, заобиколувајќи го и северниот коридор на Русија и Суецкиот канал. Отворањето на нејзините граници со Турција и Азербејџан би можело да ја трансформира не само Ерменија, туку и Јужен Кавказ, тврди премиерот Пашинјан.
Кои се актерите во изборната трка:
Анкетите покажуваат дека партијата Граѓански договор на Пашинјан е на пат да победи затоа што има поддршка од 30 отсто од гласачите. Пашинјан се соочува со најмалку три проруски националистички партии, вклучувајќи ја и Посилна Ерменија, предводена од мултимилијардерот од руско-ерменско потекло, Самвел Карапетјан, основач на групацијата „Ташир“ - конгломерат со интереси во Русија и сопственост на електричната мрежа на Ерменија. Неодамна Карапетјан го обвини Пашинјан дека пробал халуциногени печурки во Кина и дека толку многу уживал во нив што увезол еден тон од нив, кои ги консумирал пред владините состаноци. Пашинјан вели дека ќе тужи за клевета.
Карапетјан беше уапсен минатиот јуни по забелешките што беа протолкувани како поддршка на државниот удар организиран од ерменската црква. Како резултат на тоа, тој сега ја води својата кампања од она што може да се опише како домашен - или вила - притвор. Нему му е забрането да стане пратеник поради поседување кипарски и руски пасоши. Други членови на Посилна Ерменија се уапсени за наводно нудење мито.
Карапетјан го обвинува Пашинјан за предавство со тоа што отстапил толку многу на Азербејџан и предупреди дека ако премиерот биде повторно избран, „ние нема да станеме покраина на Русија, туку покраина на Азербејџан“. Неговиот модел е очигледно Грузиски сон, проруската група која е на власт во Тбилиси од 2012 година. Но поддршката за Карапетјан е мала – меѓу 6 и 10 проценти.
Во кампањата тој упорно го нагласуваше фактот дека 19 затвореници од војната во 2023 остануваат заробени во Баку, вклучувајќи го и првиот министер на регионот, Рубен Вардањан.
Активистите за човекови права сугерираат дека популизмот на Пашинјан се граничи со авторитаризам.
Последната пречка за ратификација на мировниот договор парафиран во Белата куќа минатиот август е барањето на Азербејџан Ерменија да отстрани референца во својот устав за декларацијата за независност на земјата - документ што вклучува повик за обединување со Нагорно-Карабах.Ерменија вели дека веќе се откажала од какви било територијални претензии во парафираниот мировен договор.
Вистинска Ерменија:
Геополитичката визија, што е срж на она што Пашинјан го нуди за својот трет последователен мандат, делумно се однесува и за идниот идентитет на Ерменија. Тој бара поддршка за она што го нарекува Вистинска Ерменија, наспроти историска Ерменија опседната со изгубени земјишта и историско жалење.
Доктрината за Вистинска Ерменија бара склучување болен мир со Азербејџан и свртување од Русија кон ЕУ, што партијата на Пашинјан го опишува како „разновидна надворешна политика“. Но, таа вклучува и контроверзии, како што е отпуштањето на директорот на музејот за ерменски геноцид затоа што му дал на потпретседателот на САД, Џ.Д. Венс, книга за масакрите на Азербејџан, или отстранувањето од печатите за пасоши на Ерменија на сликата на планината Арарат, национален симбол иако се наоѓа во денешна Турција. Според библиските приказни, за време на големиот потоп на земјата, Ное со својата барка, полна со парови животни, се закотвил токму кај Арарат. Сега Пашинјан со современата Ноева барка сака да ја однесе Ерменија во Европа.
Што прави Русија:
Проблемот на Кремљ во овој момент е што тој на некаков начин сака да го амортизира ова оддалечување на Ерменија од руската орбита. Пашинјан беше вториот постсоветски лидер (по белорускиот претседател Александар Лукашенко) со кого Владимир Путин се среќаваше најчесто. Априлската средба помеѓу Пашинјан и Путин изгледаше како обид на рускиот лидер да ги истакне прифатливите граници на маневрирање на Ереван. Путин јавно го спомена евтиниот гас, некомпатибилноста на длабоката интеграција со ЕУ и членството во Евроазиската економска унија (ЕАЕУ) и јасно стави до знаење дека би сакал да го види целиот спектар на проруски сили претставени на изборите. Путин му се јави на Пашинјан на 1 јуни да му го честита роденденот.
Но Москва презеде многу подрастични мерки за да им го отежне животот на Ерменците. На почетокот на оваа недела Русија го забрани увозот на компири, модри патлиџани, јаболково овошје (јаболка, круши, дуња) и сушено овошје од Ерменија. Исто така го забрани и транзитот на овие земјоделски производи низ Русија до други земји од ЕАЕУ. Пашинјан вети дека ќе им помогне со субвенции на производителите и извозниците кои се соочуваат со „неправедни бариери за извоз“.
Претходно, Русија го забрани увозот и на други стоки, вклучувајќи цвеќе, познатата минерална вода, зеленчук, билки, праски, јагоди и риба.
Не беше само ова. На прес-конференцијата по самитот на ЕАЕУ во Астана, Путин изјави дека кризата во Украина започнала со ситуација слична на онаа што моментално се одвива во Ерменија. „Веќе го споменав ова. Кризата во Украина започна со обидите за приклучување кон ЕУ. Ние не бевме против тоа“, рече тој.
Потоа, рускиот амбасадор во Ерменија беше повикан во Москва на консултации „во врска со чекорите на ерменското раководство кон приближување кон Европската унија, кои се штетни за соработката во рамките на Евроазиската унија“. Повикувањето на амбасадор на консултации е еден дипломатски начин да се демонстрира незадоволство.
Руските власти во последните месеци разгледуваа план за испраќање на ерменските граѓани кои живеат во Русија за да гласаат за противниците на Пашинјан на парламентарните избори, објави Ројтерс. Руските власти ја проценија цената на транспортот на 100.000 гласачи на приближно 50 милиони долари.
И Лукашенко се заканува:
Белорускиот претседател Александар Лукашенко го предупреди Пашинјан да не се доближува кон ЕУ. Тој ги повика луѓето од Ерменија да бидат „многу внимателни“ кога избираат помеѓу Евроазиската унија и Европа, за да не се повтори „она што се случи во Украина“. Тој изјави дека ерменското раководство „оди дотаму што ја понижува ЕАЕУ“.
Тој, Путин и другите членови на ЕАЕУ (Казахстан и Киргистан) побараа да се одржи референдум во Ерменија за избор помеѓу Европската унија и Евроазиската економска унија. Пашинјан ја отфрли ваквата сугестија велејќи дека Ерменија ќе продолжи да работи во рамките на ЕАЕУ сѐ додека државата официјално не аплицира за членство во ЕУ или не се приближи до статус на кандидат.
Улогата на Трамп:
Неочекувано за многумина американскиот претседател Доналд Трамп се вклучи во разврските на јазолот на Кавказот и смирување на завојуваните Ерменија и Азербејџан. Во август 2025 во Вашингтон се склучи мировен договор меѓу Ерменија и Азербејџан.
Тогаш беше објавена идејата за таканаречената Трампова рута за меѓународен мир и просперитет (ТРИПП) што треба да биде изградена преку ерменска територија како дел од мировниот договор со Баку. Во февруари годинава потпретседателот на САД, Џ.Д. Венс, потпиша договор со ерменските власти во Ереван за соработка во областа на цивилната нуклеарна енергија. Венс вети дека Ерменија ќе добие инвестиции во износ од девет милијарди долари во две фази. Ова ќе ѝ овозможи на земјата да се откаже од руската нуклеарна енергија.
„Трамповата рута“ ТРИПП треба да го поврзе копното на Азербејџан со неговата енклава Нахичиван преку јужна Ерменија и понатаму до Турција, потенцијално давајќи ѝ на Ерменија нова улога како регионална транзитна држава. ТРИПП не е само инфраструктура. Тоа е менување на целиот политички и инфраструктурен пејзаж.
Трамп неодамна изрази „целосна и тотална поддршка за реизбор“ на Пашинјан на изборите. Тоа беше првпат американски претседател да поддржи кандидат во земја во регионалната орбита на Русија.
Во објава на неговата мрежа Трут Соушл, Трамп го нарече Пашинјан „одличен пријател и лидер“, додавајќи дека тој „ја прави својата земја силна, богата и многу безбедна. Никол целосно ја дели мојата визија за мир и просперитет за Ерменија и целиот регион на Јужен Кавказ“.
Никол Пашинјан веројатно ќе победи на изборите в недела. Но мировниот договор со Азербејџан може да не се ефектуира, ако не се направат потребните уставни измени. А за тоа ќе биде потребно мнозинство од две третини од пратениците. Ако тоа не успее да го испорача Пашинјан, Ереван би имал потешкотии да ја одржи домашната поддршка за поширокото отворање кон Европа.
И тогаш ќе стапи на сцената Москва. Таа можеби нема да ги врати сите алатки што ги имаше досега, но ќе може да ја поттикне неизвесноста. И да се шири приказната дека алтернативите поддржани од Запад не можат да донесат резултати.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.
