Иран: Нови ракетни напади, жртви во регионот
9 март 2026
Нападите меѓу Иран и Израел продолжуваат со несмален интензитет веднаш по официјалната потврда дека Моџтaба Хаменеи ќе го наследи својот татко како врховен лидер на Исламската Република. Израелската армија соопшти дека во текот на ноќта започнала нова серија воздушни напади во централниот дел на Иран.
Во саботата вечерта, израелските воздухопловни сили нападнаа – и тоа посилно од очекуваното: 30 ирански складишта за гориво кои се запалија, а црн чад го затемни небото над Техеран следниот ден. „Беше како денот да се претвори во ноќ“, изјави очевидец за Би-Би-Си. Фактот дека нападот врз нафтените складишта во Техеран ќе биде толку сериозен очигледно ги изненади дури и Американците.
Истовремено, израелските сили ја таргетирале и инфраструктурата на либанската организација Хезболах во Бејрут, која е сојузник на Техеран.
Од Хезболах известија дека нивните борци воделе нови престрелки со израелски воени хеликоптери во источен Либан. Според оваа вооружена група, околу 16 израелски хеликоптери полетале од правец на Сирија и навлегле во либанскиот воздушен простор.
Ракетен аларм низ Израел
Само неколку часа по објавата за изборот на Моџтaба Хаменеи, иранските државни медиуми јавија дека Техеран повторно истрелал ракети кон Израел. Сирени за опасност од воздушен напад одекнувале во поголемиот дел од централниот и северниот дел на земјата, меѓу кои и во Тел Авив и Хајфа, информираше Командата на домашниот фронт.
Полицијата потврди дека на најмалку две локации паднале остатоци од пресретнати проектили, а според итната служба Меген Давид Адом, едно лице било повредено.
САД повлекуваат дел од дипломатската мисија
Нападите од Иран продолжија и врз соседните држави од Персискиот Залив. Во Саудиска Арабија, според официјални податоци, две лица загинале кога проектил погодил станбена зграда.
Во меѓувреме, американското Министерство за одбрана соопшти дека уште еден американски војник, повреден при напад минатата недела, им подлегнал на повредите. Со тоа бројот на загинати припадници на американските сили во текот на овој конфликт се искачи на седум.
САД наложија сите неесенцијални членови на дипломатската мисија и нивните семејства да ја напуштат Саудиска Арабија, поради зголемените безбедносни ризици.
Бахреин пријавува многу повредени по нов напад со дронови
Иранските ракети повторно го погодиле и Бахреин, а регистрирани се и други напади, меѓу кои и напад со дрон кон островот Ситра, јужно од главниот град Манама. Според властите, повредени се 32 лица, сите цивили, а меѓу нив има и деца. Оштетени се и повеќе домови.
Во Катар и Ирак исто така се регистрирани ракетни и дроновски напади, но засега нема податоци за загинати или сериозни материјални штети.
Катар продолжува со дипломатски напори
Премиерот на Катар, Мохамед бин Абдулрахман Ал Тани, повторно повика на смирување на тензиите. „Ќе продолжиме да разговараме со Иран и да работиме на деескалација,“ изјави тој за Скај њуз.
Тој ги повика и САД да се воздржат од натамошна ескалација, нагласувајќи дека дипломатијата останува единствениот одржлив пат за излез од кризата.