1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Незадоволство: Секој ден нови протести за повисоки плати

ДТЗ
18 април 2024

Над 3.000 вработени во културните институции немаат земено плата за март. Тие најавија протести сѐ додека не добијат плата усогласена со колективните договори.

протести
Се редат протести и барања за зголемување на платитеФотографија: DW/Petr Stojanovski

Пред изборите, ескалира незадоволството кај синдикатите во повеќе гранки, кои најавуваат протести и штрајкови за повисоки плати и подобри услови за работа. Над три илјади вработени во културните институции немаат земено плата за март, а по неколку дена ќе останат и без здравствено осигурување. Тие најавија дека од петок (19.04) започнуваат со протести кои ќе траат сѐ додека не добијат плата усогласена со колективните договори. Претседателката на Синдикатот на културните работници, Вера Атанасовска, вели дека во моментот се процесуираат тужбите за задоцнета исплата на плата.

„Не бараме преку леб погача“

На прес-конференцијата, на која присуствуваа и вработени во културата, СОНК изрази незадоволство од доцнењето на платата за март која, според Општиот колективен и Колективниот договор во областа култура, вработените треба да ја примат до средината на месецот. Согласно усогласувањето на платите со минималната плата во државава, мартовската плата треба да им биде зголемена за 12 отсто. Синдикатите велат дека пресметките се изготвени од установите за култура, но нема одобрување од Министерството за финансии и покрај ветувањата на ресорната министерка.

„Не бараме преку леб погача, бараме плата, а платата веќе сме си ја изработиле а ја работиме и новата плата за месецот кој треба да го добиеме во месец мај. Недозволиво е ова да ни се случува особено 15 дена пред избори. Недозволиво е 15 дена пред избори да барате наш глас, а притоа да не нѐ плаќате како што треба – зборуваме за плати, не зборуваме за мито и корупција. Немаат изговор, платата најдоцна до крајот на денот доколку не легне во текот на утрешниот ден започнуваат протестите“, вели  претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов. 

„Не бараме преку леб погача, бараме плата“, вели Слободан ТрендафиловФотографија: Petr Stojanovski/DW

Незадоволство на сите страни

Покрај кај културните работници, незадоволство владее и во другите сфери. Приватните специјализанти веќе неколку дена како започнаа генерален штрајк, незадоволни од одлуката на Владата за решавање на нивниот проблем со платите по изборите. Денеска од пред Клиничкиот центар порачаа дека нема да отстапат од своите барања за повисоки плати и регулирање на нивниот статус, а за в понеделник најавија нови протести пред Министерството за здравство. 

Врие и во Македонски шуми. Тие деновиве го блокираа сообраќајот во Скопје, изразувајќи револт поради неисплатените две плати.  „Срамно е во 21 век да се моли за одработената плата“, порачаа тие, најавувајќи радикализација на протестите. Од синдикатот велат дека во ова претпријатие 1.800 вработени не можат да ја добијат платата, поради предизборни вработувања, кои се дополнителен товар за претпријатието. 

 

Протести на синдикатите за поголеми плати и почитување на работничите права, на Меѓународниот ден на трудотФотографија: Petr Stojanovski/DW

И долготрајното незадоволство со состојбите во „Македонска пошта“ минатата недела резултираше со нови најави за протести и штрајк. Синдикатот порача дека ќе изготви систематизација, ќе ја достави на идната влада и ќе инсистира на нејзина итна примена, како стартно решение за состојбата во Пошта.

Компанијата, според синдикалниот лидер Боро Велигденов, е на работ на егзистенција. Доведени се во прашање над 2.000 работни места. По изборите ќе се бара да се потпише и новиот колективен договор, подобрување на условите за работа и обезбедување средства, бидејќи се соочуваат со тешкотии во работењето.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми