Ескалација на протестите во Иран, земјата во интернет-мрак
9 јануари 2026
Во Иран вчеравечер (8.01) се одржаа најголемите демонстрации од почетокот на најновиот бран протести, покажуваат снимки на социјалните мрежи.
Во главниот град Техеран се собраа илјадници луѓе. На други снимки се гледа толпа демонстранти во западноиранскиот град Абадан, јави новинската агенција АФП. Очевидци велат дека безбедносните сили употребиле солзавец против маскирани демонстранти. Активисти објавија видеа со запалени возила.
Демонстрантите очигледно бараат уривање на владата
Медиуми во егзил кои емитуваат на персиски јазик прикажаа снимки од масовни протести и од други ирански градови, меѓу кои Тебриз на северот на земјата и религиозниот центар Машхад.
Во Машхад се наоѓа едно од најзначајните светилишта на шиитскиот ислам. Во Тебриз, според снимки на интернет, луѓето скандираа „Да живее Пахлави“ мислејќи на Реза Пахлави, синот на шахот Мохамад Реза Пахлави, соборен за време на Исламската револуција во 1979 година.
Демонстрантите повеќепати извикуваа пароли за уривање на Исламската Република, меѓу кои и „Пахлави ќе се врати“.
И во Техеран многу луѓе од балконите скандираа пароли како „Смрт за Исламската Република“ и „Смрт за диктаторот“, пренесуваат очевидци за агенцијата АП.
Државни медиуми: „Терористички агенти“
Првпат и државните медиуми го прекинаа молкот во врска со сѐ пошироките протести. „Терористички агенти“ на САД и Израел подметнале пожари и го предизвикале насилството, се вели во краток извештај емитуван во дневник на државната телевизија.
Протестите траат веќе дванаесет дена. Тие избувнаа од гнев поради високите трошоци за живот и тешката економска состојба. Од почетокот на протестниот бран на 28 декември има собири во најмалку 50 места и градови, главно на западот на земјата.
Речиси целосен „интернет-блекаут“
Организацијата НетБлокс со седиште во Лондон вчера соопшти дека иранските власти го ограничиле интернетот и дека земјата се наоѓа во „речиси целосен национален интернет-блекаут“.
Власта во Техеран ги исклучи и меѓународните телефонски врски, што го отежнува контактот со луѓето во Иран.
Американскиот претседател Трамп ја обновува заканата
Американскиот претседател Доналд Трамп, во контекст на најновиот бран протести, ги повтори своите претходни закани кон властите во Техеран. „Јас им ставив до знаење дека ќе постапиме остро ако почнат да убиваат луѓе – што тие во нивните нереди, а имаат многу нереди, често го прават“, изјави Трамп во интервју со конзервативниот радио-водител Хју Хјуит.