Естонија го активира Членот 4 од Договорот за НАТО
20 септември 2025
Естонија побара консултации согласно членот 4 од Договорот за НАТО. Причината е нарушување на воздушниот простор од страна на Русија, објави естонскиот премиер Кристен Михал на социјалната мрежа X. НАТО објави дека земјите членки ќе се осврнат на инцидентот на почетокот на следната недела.
Во историјата на овој одбранбен сојуз, земјите членки се состанале по прашањето на Членот 4 осумпатти - последен пат во минатата недела на барање на Полска. Пред тоа, консултации беа одржани на 24 февруари 2022 година - денот на руската инвазија врз Украина.
Членот 4 од Договорот за НАТО
Членот 4 од Северноатлантскиот договор вели: „Страните ќе се консултираат меѓусебно доколку, според мислењето на една од нив, територијалниот интегритет, политичката независност или безбедноста на која било од страните се загрозени.“ Ова прашање мора да се дискутира на состанок на Советот на НАТО - ова може, но и не мора да доведе до заеднички одлуки или мерки.
Можниот опсег на Член 4 е помалку јасен од ветувањето за помош во случај на „вооружен напад“ врз една или повеќе земји членки на НАТО во Членот 5 од Договорот за Алијансата. Според Членот 5, нападот врз еден сојузник се смета за напад врз сите сојузници. Овој член предвидува дека сите земји-членки на НАТО придонесуваат за одбраната на нападнатата земја. Ова досега се случило само еднаш: по терористичките напади врз САД на 11 септември 2001 година.
Руски борбени авиони во естонскиот воздушен простор
Русија повторно го наруши воздушниот простор на земја членка на НАТО. Три борбени авиони влегоа во естонскиот воздушен простор над Финскиот Залив , соопшти Министерството за надворешни работи на земјата. Авионите од типот Миг-31 останаа во естонскиот воздушен простор 12 минути. НАТО реагираше „веднаш“ на руското нарушување на воздушниот простор, изјави портпаролката Алисон Харт преку платформата X.
Како одговор на новата закана, полетале борбени авиони Ф-35 од партнерот во НАТО, Италија. Тие се стационирани во регионот како дел од „Балтичката воздушна мисија“. НАТО го опиша ова како „уште еден пример за неодговорното однесување на Русија и способноста на НАТО да одговори“.
Русија го негира инцидентот
Реакцијата на Русија на инцидентот дојде дури доцна синоќа. Руското Министерство за одбрана го оспори естонскиот извештај: „Летот беше извршен во строга согласност со меѓународните правила за воздушен простор без да се нарушат границите на други држави“, се вели во соопштението. За време на летот, авионитте МиГ-31 не отстапија од договорената рута на летот. Наместо тоа, рутата водеше над неутрални води повеќе од три километри северно од островот Ваиндло во естонското Балтичко Море, се вели во соопштението на руското министерство.
Повик за посилен притисок врз Русија
Според соопштението од естонското Министерство за надворешни работи, вршителот на должноста амбасадор во руската амбасада бил повикан во Министерството и му била врачена протестна нота.
„Русија го наруши естонскиот воздушен простор четири пати оваа година, што само по себе е неприфатливо. Но, денешното нарушување, во кое три борбени авиони влегоа во нашиот воздушен простор, е без преседан“, рече министерот за надворешни работи Маргус Цахкна. Тој побара брзо да се одговори на руските провокации и агресија со „зголемен политички и економски притисок“.
Калас зборува за „опасна провокација“
Високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас, го нарече инцидентот „исклучително опасна провокација“. Таа истакна дека тоа е трето кршење на воздушниот простор на ЕУ за само неколку дена и дека дополнително ги зголемило тензиите во регионот. „Ќе продолжиме да ги поддржуваме нашите земји-членки во зајакнувањето на нивната одбрана со европски средства“, напиша таа во својот пост на платформата X.
„Решително ќе одговориме на секоја провокација и ќе инвестираме во зајакнување на источното крило“, напиша Калас во својот пост. „Како што заканите ескалираат, нашиот притисок ќе се зголемува“. НАТО веќе најави засилување на источното крило како одговор на сомневањата за намерно кршење на воздушниот простор. Германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул го нарече упадот на руски борбени авиони во естонскиот воздушен простор „неприфатлив“. „Подготвеноста е цена на слободата“, напиша Вадефул на социјалната мрежа X.