ЕУ достави 40 препораки за реформа на Судскиот совет
12 декември 2023![Амбасадор ЕУ Северна Македонија Дејвид Гир](https://static.dw.com/image/60035409_800.webp)
Тројцата судии испратени од ЕУ, кои го чешлаа работењето на Судскиот совет во Северна Македонија, усогласиле 40 препораки кои треба да се спроведат за ова тело да работи професионално и стручно. Од вкупниот број препорачани мерки, 17 може да исполни самиот Судски совет, додека за останатите ќе бидат потребни законски и уставни измени.
Работењето на Судскиот совет се најде во центарот на вниманието на јавноста по серијата скандали во последните години.
Меѓудругото, тројцата судии од Белгија, Италија и Хрватска- членови на експертското тело на ЕУ, препорачуваат да се скрати мандатот на членовите на Судскиот совет, кои во моментов ја извршуваат функцијата цели 6 години.
Амбасадорот на ЕУ во Северна Македонија, Дејвид Гир на брифинг со новинарите сумираше дека препораките опфаќаат реформи во структурата и компетентноста на Судскиот совет, мандатот на членовите, процесот на селекција и именување на членовите, дисциплинските постапки, комуникацијата со јавноста, и финансирањето. Тој вели дека, со оглед на сето она што се случуваше во Судскиот совет последните месеци, воопшто не бил изненаден од содржината на извештајот, и дека „целосно се идентификува“ со него.
Со спроведување на овие реформи, велат претставници на ЕУ, треба да се намали политичкото и бизнис влијание врз судската власт, и да се подобри нејзиното функционирање.
„Правосудниот систем е на критична точка“, оцени Гир, додавајќи дека „без имплементација на овие препораки е тешко да се замисли како понатаму би продолжиле реформите во овој сектор“.
Еден дел од препораките можат да се спроведат веднаш, и тоа од страна на самиот Судски совет. Доколку тоа се случи во следните месеци, вели Гир, „би било револуција“. За останатите потребни се подлабоки измени преку Владата и Собранието, и таа задача Гир и ја остава на „следната влада“.