1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ е соочена со нова должничка криза?

Бернд Ригерт
8 ноември 2023

Долговите на земјите членки на ЕУ се превисоки. Министрите за финансии сѐ уште немаат рецепт за намалување на задолжувањето. Колку се големи ризиците?

пари банкнота од 100 евра
ЕЦБ за оваа година очекува ниво на долг од 89 отстоФотографија: DesignIt/Zoonar/picture alliance

Долгот на државите во еврозоната во 2022 година, според статистичката агенција Евростат, изнесувал 91,4 отсто од економското постигнување. Споредено со 2021 година, тоа е намалување на долгот за четири проценти. Тоа е многу, но според анализите на Европската централна банка (ЕЦБ), тоа може да се припише на еднократен ефект поради економското закрепнување по пандемијата на корона.

Во својата најнова прогноза, ЕЦБ за оваа година очекува ниво на долг од 89 отсто. Следната година најверојатно ќе падне благо на 88,6 отсто.

Севкупно, нивото на долгот е далеку над максималната граница од 60 отсто од бруто домашниот производ (БДП) поставена во таканаречениот Пакт за стабилност и раст на ЕУ. Пактот е особено важен за земјите од еврозоната, односно 20-те членки на ЕУ кои го имаат еврото како заедничка валута. Впрочем, тоа треба да ја гарантира стабилноста на валутата.

„Невидено ниво на задолжување“

Пактот и неговите строги барања се суспендирани четири години поради пандемијата на корона и високите цени на енергијата како резултат на рускиот напад врз Украина. Европската комисија во овој период не покрена никаква постапка поради преголем национален долг.

Единаесет држави на ЕУ се над границата од 60 проценти. Најзадолжени земји се Грција со 171 отсто од БДП и Италија со 144 отсто. На Германија и понатаму ѝ оди доста добро со 66 проценти. Следната година високо задолжените земји повторно ќе мора сериозно да се зафатат со намалување на долговите, препорачува Европскиот фискален одбор, независно советодавно тело на Европската комисија.

„Во моментов имаме невидено високо ниво на долг. Самото ниво можеби не се гледа како проблем, но изгледите дека долгот нема да падне без драстични реформи во презадолжените земји нè загрижува“, вели Нилс Тајгесен. Пензионираниот професор по економија од Данска е претседател на фискалниот советодавен одбор.

Нилс Тајгесен: Во моментов имаме невидено високо ниво на долгФотографија: GlobalImagens/IMAGO

„Не може да се поаѓа од претпоставката дека финансиските пазари едноставно ќе прифатат дека нивото на долгот е трајно над 100 проценти“, изјави Нилс Тајгесен за ДВ. Рефинансирањето на долговите станува поскапо за високо задолжените земји поради високите основни каматни стапки. Јазот меѓу солидните германски и главно ризичните италијански државни обврзници се зголемува. Рејтинг агенцијата Мудис веќе го намали кредитниот рејтинг на Италија.

Трошоците поради националните долгови рапидно растат

Високите каматни стапки кои ја зголемуваат цената на долгот сега ги погодуваат министрите за финансии со полна сила во нивните буџети. Германскиот министер за финансии Кристијан Линднер неодамна објави дека финансирањето на сервисирањето на долгот ќе чини 40 милијарди евра оваа година. Годината пред тоа беше само четири милијарди евра, што значи се зголеми за десетпати.

Според Министерството за финансии во Рим, Италија ќе мора да издвои огромни 100 милијарди евра за да ги рефинансира своите долгови следната година.

Германскиот министер за финансии Кристијан Линднер неодамна објави дека финансирањето на сервисирањето на долгот ќе чини 40 милијарди евра оваа годинаФотографија: Bernd Riegert/DW

Економистот Нилс Тајгесен ги повикува земјите да усвојат долгорочен план за намалување на долгот сега, пред проблемот, како што беше случајот со грчката криза пред девет години, да излезе од контрола и да доведе до национални банкротства.

„Фактот што сега имаме повисоки каматни стапки од очекуваното треба да нѐ потсети дека проблемот навистина треба сериозно да се сфати и дека разликите меѓу задолжените земји ќе продолжат да растат доколку ништо не се преземе“, вели Тајгесен за ДВ.

Десничарската влада на Џорџија Мелони во Италија има најголеми проблеми, но не е сама. Франција, Шпанија, Португалија, Грција и Кипар, исто така ќе мора да ги консолидираат своите буџети, пишуваат советниците за буџетска политика на Европскиот фискален одбор во нивниот годишен извештај.

Како тоа треба да се направи без да се задуши економијата или да се воведат строги програми за штедење е прашање на голема дебата меѓу министрите за финансии на ЕУ.

И покрај повеќемесечни преговори, тие не можеа да се договорат за концепт. Два табора се непомирливо спротивставени еден на друг.

Една група, предводена од Германија, се залага за јасни буџетски цели кои треба да важат за сите земји и да доведат до брзо намалување на долгот.

Другата група, предводена од Франција и Италија, се потпира на индивидуални патеки за намалување на долгот кои ги земаат предвид посебните околности во Париз, Рим или Атина и кои не треба да се спроведуваат со казни.

Должничка криза како хорор сценарио: Протести против еврото во 2015 година во тогаш банкротираната ГрцијаФотографија: Getty Images/M. Bicanski

Повеќе време за државите кои не ја исполнуваат целта?

Доколку министрите за финансии и Европската комисија не се договорат за нови правила за долгот до крајот на годината, повторно би се применувал стариот Пакт за стабилност со неговите строги ограничувања за нов долг од три отсто од БДП и ригидни барања за брзо намалување на долгот.

Тогаш ЕК веројатно ќе треба да покрене постапка против Италија и Франција, бидејќи, според нивните предлог буџети, тие во 2024 година ќе имаат нов долг далеку над четири проценти. Тоа всушност не сака да го ризикува никој. И Нилс Тајгесен од Европскиот фискален одбор, исто така, не гледа решение во стариот Пакт за стабилност. Има јасни и строги правила, но тие никогаш не би можеле навистина да се спроведат во пракса бидејќи казните би ги турнале задолжените држави уште подлабоко во фискалната бездна.

„Потребна ни е долгорочна стратегија за намалување на долгот, не едногодишни цели како порано, туку четиригодишен план, на пример. Ова треба да опише пат кон консолидирање на јавните буџети што барем ја прави многу веројатна насоката кон намалување на долгот“, препорачува економистот Тајгесен, кој работеше на развојот на заедничката валута, еврото, во раните 1990-ти. Строгите годишни цели, според него, не се ефективни, туку поединечни цели во подолг временски период, а исто така и трпение.

ЕУ се бори со првите сопствени долгови

На европско ниво се појавува уште еден буџетски проблем. ЕУ за првпат презема заеднички долг за програма за обнова по корона-кризата.

Финансирањето на овој долг од околу 400 милијарди евра, кој се распределува како кредити и грантови на земјите-членки - пред сѐ Италија - станува многу поскапо од првично пресметаното поради високите основни каматни стапки. Буџетот на ЕУ е под значителен притисок, но членките одбиваат да ги покријат дополнителните трошоци. Следната битка за распределба на ниво на ЕУ е неизбежна.

Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми