1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ и Западен Балкан: Приближување во Тирана

Бернд Ригерт
6 декември 2022

Некогаш зад илјада бункери, сега на пат кон ЕУ: во Албанија се одржува самит на ЕУ и земјите од Западен Балкан кои имаат аспирации да се приклучат на ЕУ. Но, патот е напорен, а за некои сето тоа трае предлого.

Самит ЕУ-Западен Балкан во Тирана, Албанија
Самит ЕУ-Западен Балкан во Тирана, АлбанијаФотографија: Bernd Riegert/DW

Сив бетонски бункер, што наликува на закопана печурка, стои во мал парк само неколку метри од спортско-конгресниот центар во кој се одржува самитот на  Европската унија  и земјите од Западен Балкан. Бункерот е едно од речиси 200.000 утврдувања изградени за време на комунистичктата диктатура во Албанија. Денес бетонскиот блок во центарот на градот е дел од спомениците на жртвите на диктатурата.  Знамиња на ЕУ се веат над булеварот  на кој се наоѓа бункерот.

Овој контраст покажува колку во изминатите 30 години напредувала некогаш изолираната и осиромашена Албанија.  Состанокот на врвот на 27 членки на ЕУ со шест земји од Западен Балкан:   Северна Македонија,   Албанија,   Србија,  Црна Гора, Босна и Херцеговина и  Косово  се одржува во сега модерната Тирана – првпат во регионот на земјите-кандидати.

„Тоа е важен политички сигнал“, изјави висок дипломат на ЕУ пред почетокот на самитот, којшто треба да покаже дека ЕУ навистина има сериозни намери околу влезот на земјите од Западен Балкан во ЕУ.

Постојано ветувања

Слични ветувања се наоѓаат и во „Тиранската декларација“ која ќе биде усвоена на самитот. Европската унија од летоска официјално преговара за пристапен договор со Албанија и со Северна Македонија. Двете земји со години чекаат на почеток на преговорите. Преговорите со Србија и Црна Гора траат веќе неколку години. БиХ и Косово уште се во рани фази на формалниот процес на приклучување. Ниедна од шесте земји уште нема одреден датум за влез во ЕУ. 

За разлика од останатите пет земји, Албанија никогаш не припаѓаше на бивша Југославија и затоа има посебна улога – зашто не беше директно вклучена во судирите и војните кои следеа по распадот на Југославија.

Наспроти тоа, некои бивши југословенски ентитети имаат проблеми и конфликти со Србија, која некогаш беше јадрото на Југославија. Во моментов повторно е во фокусот конфликтот меѓу Србија и Косово, што Белград го третира за отцепена покраина, а кое како држава го признаваат само 22 од 27 членки на ЕУ.

Српскиот претседател  Александар Вучиќ се закани дека нема да дојде на самитот  во Тирана поради спорот околу регистарските таблички во Косово. Според последните информации, Вучиќдоаѓа, откако вчера во Белград го „обработил“ специјалниот пратеник на ЕУ.

Тирана ги пречекува претставниците на ЕУ и Западен БалканФотографија: Bernd Riegert/DW

Војната во Украина внесува динамика во разговорите

„Ова е секако многу важен политички настан за Албанија“, изјави за ДВ политикологот Клодијана Бешку од Универзитетот во Тирана. ЕУ има целосно нов поглед на Западен Балкан. „Војната во Украина сега ја турка ЕУ во нови сфери, таа ја препознава геополитичката важност на Западен, тој не смее да биде препуштен на руски или кинески инвеститори. За жал, на ЕУ ѝ требаше војна на сопствениот праг за да го сфати тоа“, вели Бешку.

Балкан има стратешко значење  и поради тоа што идните транспортни патишта од Црно Море до Италија ќе одат по патен, железнички и цевководен пат преку Бугарија, Северна Македонија и Албанија. Тоа се однесува на енергијата, стоките и оружјето. Желбата е да се избегне мореузот на Босфор и руските територијални води во Црно Море. 

Што мислат младите за Европската политичка заедница?

02:57

This browser does not support the video element.

„Тиранската декларација“ има за цел да ги устакне врските на Западен Балкан со Западот и осуда на војната на Русија против Украина. Европски дипломати претпоставуваат дека и Србија ќе ја поддржи оваа декларација.

Александар Вучиќ и натаму оди по цик-цак курс меѓу Брисел и Москва. Србија не се приклучи кон санкциите на ЕУ против својот традиционален сојузник Русија. Изразите на симпатија кон Русија од страна на националистите се редовни во Србија. Србија ќе биде „охрабрена“ да се приклучи кон санкциите, како што направија мнозинството останати земји од Западен Балкан, изјави висок дипломат од ЕУ.

Молдавија и Украина покажуваат решавачка е политичката желба

„Војната ни покажа дека таму каде постои политичка волја, постои и излез“, вели за Дојче веле Ардиан Хачкај, директор на Институтот за соработка и развој, тинк-тенк од Тирана. ЕУ можеше да се договори за кандидатскиот статус на Република Молдавија и Украина за само неколку недели, зашто тоа е политички пожелно.

Затоа, со одредена доза политичка волја, можно е убрзување и на интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ. „ ЕУ сега знае колку Западен Балкан е геополитички важен.  Не би требало да оставиме црна дупка на мапата на Европа“, смета  Хачкај.

Пред самитот, ЕУ се обиде да ги истакне успесите во минатата година. Според европолитичари, отворени се можности кон подобра соработка во пристапот на балканските земји кон внатрешниот пазар на ЕУ, роамингот постепено се укинува до 2027 година, а жителите на Косово веројатно ќе можат да влегуваат во ЕУ без визи до 2024 година.

Претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен и албанскиот премиер Еди РамаФотографија: Gent Shkullaku/AFP/Getty Images

„Луѓето влегуват во ЕУ-поединечно“

Ардиан Хачкај смета дека досегашните преговарачки методи резултираат со бавен напредок. ЕУ постојано поставува нови барања за реформи во замена за финансиска помош. Според Хачкај, потребна е поголема кохезија, односно ускладување на животните услови и стандард таму каде е веќе можно. Луѓето ионака не чекаат формален пристап.

„Луѓето веќе влегуваат во ЕУ, еден по еден. Седнуваат во авион и бараат работа во ЕУ за да си изградат иднина, што е веќе можно. Владите преговараат и преговараат, а кога ќе завршат, веќе нема да има граѓани, зашто тие се веќе во Берлин, Брисел, Рим или Копенхаген. Веќе не чекаат, само заминуваат. И не само младите – централна Европа привлекува и семејства од средна класа“, забележува Хачкај.

Секако, ЕУ го препозна проблемот на одлив на мозоци, односно миграција на образованите. Програми за дополнителна економска помош и инвестиции се наменети за промоција на стопанството на Западен Балкан. Засега, без успех. Политикологот Клодијана Бешку вели дека нејзините студенти се разочарани од макотрпниот, долготраен и понекогаш нетранспарентен пристап кон преговорите. Постои некој вид политичка исцрпеност. „Тие едноставно го избираат краткиот пат и заминуваат – главно во ЕУ“.

 

Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми