1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ и Западен Балкан – стари ветувања и нова милијарда евра

Бернд Ригерт
7 декември 2022

ЕУ ја повторува намерата да ги прими сите земји од Западен Балкан. За возврат, тие бараат забрзување на тој процес. На самитот во Албанија се договорени и практични чекори од кои граѓаните директно ќе профитираат.

Самит на ЕУ и Западен Балкан во Тирана, Албанија
Самит на ЕУ и Западен Балкан во Тирана, АлбанијаФотографија: Andreea Alexandru/AP/picture alliance

„На Западен Балкан нешто повторно се придвижи“, изјави претседателката на Европската комисија,  Урсула фон дер Лајен во главниот албански град. 27 шефови на држави или влади од ЕУ се состанаа во Тирана со своите колеги од шест земји на Западен Балкан за уште еднаш да потврдат – на крајот, некогаш, сите балкански држави ќе бидат примени во ЕУ. Фон дер Лајен истакна, не по прв пат, дека брзината за зачленување зависи од самите кандидати. 

Патот на демократијата е во насока кон ЕУ

Годинава  приближувањето на Западен Балкан забрза,  првенствено поради рускиот агресорски напад врз Украина. Фон дер Лајен годинава гледа значаен  напредок на земјите од Западен Балкан на патот кон ЕУ. 

„Автократии како Русија и Кина се обидуваат да вршат влијание на Западен Балкан. Но  Европската Унија  е ваш далеку најважен партнер. Морате да одлучите на чија страна сте. Ако сте на страната на демократијата, тоа е тогаш ЕУ. Или сакате да изберете поинаков пат? Ова се фундаментални прашања за кои сега заедно разговараме“, рече Фон дер Лајен на самитот.

Албанскиот премиер Еди Рама и претседателката на ЕК, Урсула фон дер ЛајенФотографија: Olsi Shehu/AA/picture alliance

Вучиќ и Шолц

Српскиот претседател  Александар Вучиќ,  кој и покрај првичното одбивање,  сепак допатува во Тирана,  се почувствува прозван. Србија е традиционален сојузник на Русија. Вучиќ досега не го критикуваше вистински остро нападот врз Украина.

Тој негираше постоење толку тесни врски со Москва, пред новинарите ги отфрли обвинувањата дека Србија на Балкан работи во корист на Русија: „Тоа го демантиравме со  своите постапки. Лесно е да се шират секакви обвинувања, лажни тврдења и невистини за нашата земја, но вистината на крајот победува. Србија е независна држава и на пат кон ЕУ и тоа така и ќе остане.“

Германскиот канцелар Олаф Шолц на тоа одговори дека постојат несогласувања со Србија околу санкциите против Русија. „Очекуваме сите земји-кандидати да ги поддржат санкциите“, рече Шолц. Сепак, тој додаде дека има впечаток оти „во Србија постои многу јасна перспектива кон ЕУ.“

Српскиот претседател Александар Вучиќ тврди дека Србија е цврсто определена за ЕУФотографија: Milos Miskov/AA/picture alliance

Србија и Косово

Процесот на  приклучување на Западен Балкан кон ЕУ  веќе 20 години го успорува  судирот меѓу Србија и Косово,  коешто Белград и натаму го смета за отцепена покраина. ЕУ се труди да посредува за на крајот да биде постигнато меѓусебно признавање на државноста. Тоа би бил предуслов за реален напредок во пристапните преговори.

За таа цел  Германија и Франција поднесоа нов предлог,  чии детали уште не можат да бидат соопштени, изјави пратеникот на ЕУ за надворешна политика, Жозеп Борел. Тој предлог веројатно има за цел сите држави од ЕУ да го признаат  Косово,  но и Србија во еден момент да го направи тој чекор. Пет од 27 земји од ЕУ досега не го признаваат Косово.

Во секој случај, Косово како последна држава од Западен Балкан до крајот на годината сака официјално да поднесе барање за членство во ЕУ.

Косовската претседателка Вјоса Османи истакнува дека во целост ги поддржува санкциите на ЕУ против Русија, а  Србијатоа не го прави. „Од една страна имате земји кои се согласуваат целосно со ЕУ, од друга страна онакви кои потполно се согласуваат со Путин. Не треба да бидат третирани еднакво“, гласеше барањето на косовската претседателка до ЕУ.

Германскиот канцелар Олаф Шолц (во средината) се залага за побрз пристап на Западен Балкан кон ЕУФотографија: Michael Kappeler/dpa/picture alliance

Практични работи и милијарда евра

Наместо директно да се вмеша во судирот меѓу Србија и Косово, ЕУ на овој самит во Албанија порадо го истакнува напредокот кај практични работи. ЕУ стави на маса пакет помош од една милијарда евра за земјите од Западен Балкан, за да можат на најсиромашните да им дадат помош за струја и греење и да инвестираат во обновливи извори на енергија.

Освен тоа, по повеќегодишни преговори, потпишана е спогодба со која постепено ќе се намалува и до 2027 година целосно ќе биде укинат роамингот со ЕУ. До 2024 година граѓаните од Косово би требало да можат да патуваат во ЕУ без визи.

ЕУ се залага и за јакнење на трговијата и научна размена меѓу земјите од Западен Балкан. И пристапот кон внатрешниот пазар на ЕУ би требало постепено да буде олеснет, изјавија високи дипломати пред состанокот во Тирана.

Домаќинот на самитот, кој првпат се одржува во земја-кандидатка, беше одушевен. Еди Рама, албанскиот премиер, спогодбите ги нарече фантастични и историски. Тој истакна дека студентите од сите балкански земји сега ќе можат слободно да студираат на универзитети ширум ЕУ. Тоа инаку досега беше можно само за студенти од државите членки.

„Ова е многу добра вест за нашите млади луѓе“, рече Рама.

ЕУ си постави задача со вакви чекори да го намали одливот на мозоци, односно масовната миграција на добро образовани млади луѓе од Западен Балкан. „Имавме тешки моменти, но никогаш не се откажавме од вербата во ЕУ“, рече Еди Рама. Самитот во Тирана не е крај на патот, но е важен момент.

 

Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми