1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ избори: Поголем интерес за ќебапи отколку за избори

Ненад Крајцер
5 јуни 2024

Учеството на граѓаните во Германија со странско потекло во демократските процеси е послабо од она на „староседелците“. Партиите користат различни методи за да тоа да се промени, па се обидуваат дури и со ќебапи.

Берлин избори
Избирачко место во Берлин - и тука странците гласаат поретко (архивска фотографија)Фотографија: Georg Hilgemann/ZB/dpa/picture alliance

Петок навечер, берлинска населба Вединг, една од споредните улици што водат до Милерштрасе, главната „артерија“ на овој имигрантски кварт. На неа една по друга се нанижани турски продавници со мешана стока и кафулиња. На крајот од улицата се наоѓа ќебапчилницата Сараево. Пред неа, како и секогаш, има ред. До ќебапчилницата се наоѓа канцеларијата на локалната социјалдемократска политичарка Маја Ласиќ, пратеничка во берлинскиот Сенат (парламентот на овој град-покраина).

Со ќебапи до странски гласачи

Пред ќебапчилницата редот е подолг од вообичаено. Не е ни чудо: на штандот пред канцеларијата на социјалдемократската претставничка е поставен штанд со вообичаениот партиски материјал: пенкала, летоци и отворачи за шишиња со логото на СПД, но и плакат со натпис „Ќе направиме ќебапите повторно да чинат 3 евра“. И навистина, на штандот се делат ваучери со кои во соседната ќебапчилница/бурекџилница може да се добие мала порција ќебапи во лепче - за 3 евра наместо 7.

„Истото го направивме со ќебапот и успехот беше огромен“, вели Фредерик Аугустин, еден од кандидатите на германските социјалдемократи на овогодинешните избори за Европскиот парламент. Целта на целата необична кампања е да се подигне свеста за изборите во ЕУ во населби со особено висок процент на мигрантско население. Зашто, излезноста во ЕУ, но и на други избори кај оваа група избирачи, дури и кај оние со германски или друг пасош на ЕУ, е многу мала.

Зошто се важни европските избори?

„Се обидуваме да им објасниме на луѓето овде на штандот зошто е важен Европскиот парламент, им објаснуваме кои проекти во соседството се реализирани со пари на ЕУ и тоа им значи“, објаснува Маја Ласиќ. На идејата за ќебапи за 3 евра дошол нејзиниот помлад колега Аугустин. „Преку социјалните мрежи сфативме дека младите разбираат што се случува во општеството преку некои теми далеку од политиката: да речеме дека цената на ќебапот е драстично зголемена поради инфлацијата. А потоа на штандот влегуваме во разговор и им објаснуваме дека Брисел е важен, меѓу другото, и поради борбата против инфлацијата“, вели Аугустин.

Покрај трибината застанува и 26-годишниот Давид. Има и српски и германски пасош и вели дека ќе гласа во секој случај. „Би гласал и без поевтините ќебапи“, вели низ смеа. Тој раскажува дека ги убедува сите што имаат германско државјанство во фолклорниот клуб каде што е активен да одат на избори следната недела. „Веќе им одам на нерви“, вели тој.

Марија од Босна и Херцеговина, која живее во близина, не дошла да се информира за изборите или да јаде ќебапи за 3 евра. Таа има прашања до политичарите на СПД за германското државјанство. Можеби Марија е еден од идните гласачи.

Учеството во демократските процеси е важно за интеграцијата

Секој нов гласач со мигрантско потекло е радост за германските политичари. Консензусот на политичките партии, освен можеби Алтернатива за Германија (АфД), е дека учеството во демократските процеси е еден од најважните инструменти за успешна интеграција, а интеграцијата е магичен збор кога се зборува за странците во Германија во последниве години или, како што е политички коректно да се каже „сограѓани со мигрантско потекло“. Во германската метропола Берлин тоа е особено видливо по проблемите во последните години со квартови во кои претежно живее мигрантско население, како што е Нојкелн, каде полицијата и минувачите се напаѓаат со петарди на новогодишната ноќ, а масакрот на израелски цивили од страна на терористичкиот Хамас отворено се слави на улиците.

Политика и ќебапи во берлинскиот кварт ВедингФотографија: Nenad Kreizer/DW

Нема интерес за политика

Одзивот на гласачите кај граѓаните со мигрантско потекло е значително помал отколку кај „староседелците“. Според студијата на Стручниот совет за миграција (СВР), околу 70 отсто од Германците со мигрантско потекло го искористиле своето право на глас на последните сојузни избори, додека процентот кај преостанатото население е 88%. Но, постојат разлики и во зависност од регионот на потекло, како и нивото на образование. Одзивот, но и политичката партиципација кај доселениците од земјите кои настанаа по распадот на Југославија, се ниски, особено ако се земе предвид фактот дека имигрантите од ова подрачје заедно сè уште ја сочинуваат една од најголемите заедници во Германија.

Ополномоштеничката на Сенатот во Берлин за интеграција, миграција и партиципација, Катарина Нивиџал, за ДВ објаснува дека причините за помалото учество на странските граѓани во демократските процеси се повеќекратни и разновидни. Но, вината најмногу ја гледа на страната на државата. „Недостигот на насочен и повеќејазичен пристап, недостигот на застапување на интересите на странците, па дури и искуствата на дискриминација можат да играат улога за тоа. Бирократските пречки се исто така фактор: претстојните европски избори, на пример, се поврзани со навремена и комплицирана регистрација на нови гласачи од земјите на ЕУ кои живеат во Германија“, вели Нивиџал.

Затоа нејзиниот кабинет годинава започна кампања, во која се вклучени многу здруженија на странци, а чија цел е да ги запознае граѓаните од странско потекло со важноста на изборите за Европскиот парламент. Не добивме јасен одговор на прашањето на ДВ зошто меѓу многуте јазици на кои се пишувани информативните материјали, нема ниту еден од јазиците што ги користат имигрантите од поранешна Југославија, иако тие се меѓу најбројните групи.

„Овде имаш сѐ, но немаш ништо“

02:26

This browser does not support the video element.

Во парламентите и на избирачките места има малку странци

А, кај членовите на оваа заедница во секој случај има потреба од подигање на свеста за потребата од излегување на гласање и поактивно учество. „Луѓето од поранешна Југославија ретко се активни и заинтересирани за политика. Бев изненадена кога почнав да се занимавам со политика што бев една од ретките од тие просториј“, вели Ласиќ, која е родена во Мостар, Босна и Херцеговина. За причините за недоволна заинтересираност кај оваа заедница може само да се претпоставува: заситеност со политика уште додека се живеело во земјите на потекло или можеби чувството дека партиципацијата нема да донесе ништо.

Нивиџал верува дека има поврзаност на малиот број на политичари од мигрантско потекло и помалата излезност на странците на изборите. „Централна причина е и недоволната застапеност на лица со миграциско искуство во парламентите или политичките партии. Политичарите со сопствена миграциска историја би можеле да бидат поавтентични во охрабрувањето на луѓето со мигрантско потекло да гласаат. Но, за да се случи тоа, политичките партии мора да се отворат уште повеќе“, заклучува ополномоштеничката со полско потекло.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми