1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ ја „запечати“ целосната забрана за рускиот гас

ЖА / агенции
26 јануари 2026

Земјите-членки на Европската Унија донесоа одлука за целосно откажување од рускиот природен гас до крајот на 2027 година - наспроти отпорот на Унгарија и Словачка.

Работник стои на платформа во постројката за гас „Еустрим“ во Словачка
Словачка: Рускиот гас продолжува да тече во ЕУ преку постројката „Еустрим“Фотографија: Robert Nemeti/Anadolu Agency/IMAGO

Европската Унија ја „запечати" забраната за увоз на руски природен гас почнувајќи од есен следната година. Одговорните министри на земјите-членки на ЕУ дадоа конечно одобрение во Брисел за планот, според кој  најдоцна до 1 ноември 2027 година  не смее да се увезува повеќе гас од  Русија.

Според претседателката на  Европската Комисија,  Урсула фон дер Лајен, целта е празнење на воената каса на рускиот претседател  Владимир Путин. Пред агресорската  војна против Украина,  Русија обезбедуваше повеќе од 40 проценти од гасот што се троши во Европската Унија. Според најновите податоци, овој удел падна на под 20 проценти во 2025 година.

Унгарија и Словачка гласаа против одлуката, наведувајќи ја нивната зависност од руските енергенси. И покрај војната во Украина, владите во Будимпешта и Братислава продолжуваат да одржуваат блиски врски со Москва. Кабинетот на унгарскиот премиер Виктор Орбан објави дека ќе поднесе тужба против забраната за увоз пред Европскиот суд на правдата (ЕСП).

Одлуката беше донесена бидејќи бараше само квалификувано мнозинство од земјите-членки и затоа не можеше да биде блокирана со вето од поединечни земји-членки на ЕУ. Преговарачите ја изработија сега правно обврзувачката регулатива во декември. Членовите на  Европскиот парламент веќе ја одобрија.

Планот на  ЕУ  предвидува, како прв чекор, забрана за склучување нови договори за  гас со Русија.  Оваа забрана ќе стапи на сила веќе на пролет 2026 година.

Краткорочните договори, кои полесно се раскинуваат, исто така треба да завршат оваа година: на 25 април 2026 година, за рускиот течен природен гас (ЛНГ) и на 17 јуни за гасот преку гасовод.

За постојните подолгорочни договори важат подолги преодни фази. За течен природен гас (ЛНГ), крајниот рок е 1 јануари 2027 година. Снабдувањето со гас преку  гасовод треба постепено да се прекине до 30 септември 2027 година. Сепак, можно е едномесечно продолжување доколку земјите-членки на ЕУ се соочат со тешкотии при полнењето на своите складишта за гас со испораки од други извори пред зимата 2027/28 година.

Во  Германија,  ова веројатно значи дека (повторното) пуштање во употреба на  гасоводите „Северен тек“ дефинитивно е исклучено. Унгарија и Словачка, од друга страна, можат да продолжат да увезуваат големи количини гас од Русија барем во следните две години.

Меѓутоа,  постои и клаузула за итни случаи. Доколку земја-членка на ЕУ прогласи  енергетска криза,  таа може да побара привремено ослободување од  забраната за увоз  од Европската комисија. Ова би овозможило гасот повторно да тече од Русија привремено преку краткорочни договори. Комисијата треба да одобри такво ослободување само ако е „строго неопходно“.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми