1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Самит на ЕУ во несигурни времиња

Лусиа Шултен
26 октомври 2023

Самитот на шефовите на држави и влади на земјите од ЕУ ќе биде засенет од ситуацијата на Блискиот Исток и во Украина. Но, во фокусот ќе бидат и миграцијата и финансиски прашања.

Самит на ЕУ во Брисел во јуни 2023 година
Самит на ЕУ во Брисел во јуни 2023 годинаФотографија: Geert Vanden Wijngaert/AP/dpa/picture alliance

„Нашата средба се одржува во време на голема глобална нестабилност, која е дополнително заострена во последно време од развојот на настаните на Блискиот Исток“, напиша претседателот на Европскиот совет во поканата за самитот. На тој начин Шарл Мишел однапред го одреди тонот на денешниот (четврток) состанок на 27 шефови на држави и влади на Европската унија во Брисел.

Доминирачка тема ќе биде ситуацијата во Израел и Појасот Газа. Уште по терористичкиот напад на милитантно-исламистичкиот Хамас врз Израел на 7 октомври, шефовите на држави и влади на ЕУ издадоа соопштение дека Израел има право на „самоодбрана од вакви насилни и произволни напади во согласност со меѓународното право и хуманитарното меѓународно право".

Многу, посебно западни држави, го имаат оквалификувано Хамас за терористичка организација. Хамас во 2006 година беше најсилна политичка сила на парламентарните избори и од 2007 година владее во Појасот Газа без натамошни демократски мандати.

Неединственост околу прекин на огнот во Појасот Газа

Но, членките на ЕУ се многу понесложни во однос на прашањето дали треба да упатат повик за „прекин на огнот“ односно за „хуманитарно примирје“, што се покажа на средбата на  министрите за надворешни работи во Луксембург. Некои држави, како на пример Шпанија, Ирска и Словенија се приврзаници на вакво барање какво што беше формулирано од генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш.

Други земји, како Германија, Чешка и Австрија се против, стравувајќи дека такво барање може да се сфати како удар врз правото на  самоодбрана на израелската држава.  На самитот на ЕУ сега треба да биде постигната заедничка позиција.

Прашање на формулација

Во дебатата во Советот за безбедност на ОН, германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок во игра внесе нова варијанта на поимот – потребен е „хуманитарен прозорец“, рече таа. Според пост на министерката на социјалната платформа Х (поранешен Твитер), тој е потребен за меѓународната  хуманитарна помош да стигне до цивилното население во Газа,  а во изминатите денови веќе имаше „хуманитарни паузи“.

Би можело да дојде до компромис со употреба на поимот „пауза“, како во постот на германската министерка за надворешни работи, јавува германската новинска агенција ДПА. Со тоа би било јасно дека ЕУ не го повикува Израел да ја прекине борбата против Хамас. 

И неименуван висок по ранг дипломат од ЕУ пред самитот изјавил дека е можно барање за „пауза“ наместо за „примирје“ да донесе придвижување во неединството и да биде постигнат заеднички став. Друг висок по ранг дипломат истакнува дека е важен секој збор и дека во прв ред е важно да се овозможи хуманитарен пристап и да им се помогне на луѓето кои страдаат. 

Германскиот канцелар Олаф Шолц се залага за решение за трајна поддршка на Украина Фотографија: Kay Nietfeld/dpa/picture alliance

Поддршка за Украина

На самитот на ЕУ тема ќе биде и натамошната поддршка за Украина, а украинскиот претседател Володимир Зеленски ќе биде вклучен преку видео врска. 

Според Шарл Мишел, ќе се дискутира првенствено за забрзување во пружањето воена помош, како и за прашањето на каков начин може да се употреби рускиот имот во Европа за обнова на Украина, како и каква финансиска поддршка би можела да биде ветена за Украина во идните години.

Уште во вторникот германскиот канцелар Олаф Шолц најави дека на самитот на ЕУ ќе се заложи Украина до крајот на оваа година да добие долготрајни финансиски ветувања за идните години.

Прашањето на буџетот

Европската комисија летоска предложи ревизија на т.н. повеќегодишна финансиска рамка (МРФ), која е во сила од 2021 година и тече до 2027 година. Европската комисија очекува натамошни вкупни средства од околу 65 милијарди евра, од нив 50 милијарди евра за годините 2024 до 2027 би биле за Украина.

Пред самитот, во владини кругови во Берлин беше истакнувано дека поддршката за Украина ќе има највисок приоритет при преговорите за МРФ. Но, денеска нема да бидат донесени конкретни одлуки, туку целта е давање политичка ориентација.

Процесот на одлучување за надградба на средствата треба да биде завршен до крајот на годинава. Барањата на ЕК доаѓаат во време кога многу земји членки се преокупирани со грижата за консолидирање на своите буџети. Се чини и дека единството околу помошта за Украина кај државите од ЕУ се ниша. Новиот словачки премиер Роберт Фицо во предизборната кампања тврдеше дека не сака натамошно воено да ја помага Украина. И Унгарија во минатото блокираше пари наменети за Украина. 

Трајна тема миграцијата

Шефовите на држави и влади на ЕУ на самитот ќе дискутираат и за миграцијата. Според Шарл Мишел, ќе биде извршена проценка на преземените чекори по претходниот самит во Гранада, на кој дојде до жестока кавга околу темата. Ситуацијата во Сахел, односите меѓу Србија и Косово и Јужен Кавказ ќе бидат исто така на агендата.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми