1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ на рати - можност или стапица?

24 септември 2026

Дали „Европа на рати“ ќе биде пат кон забрзано членство или трајна чекалница, особено во нашиот контекст на билатерална блокада? Пишува Петар Арсовски

Банер на којшто пишува „Европа е овде“ (архивска фотографија)Фотографија: DW/S. Padori-Klenke

Последниве две недели сме сведоци на повеќе случувања што упатуваат на нови околности поврзани со проширувањето на Европската Унија. Имено, Европа повторно се шири, но не нужно само со нови членки.

Во последната година, под притисок од забрзаниот антагонизам меѓу ЕУ и САД, Брисел сè поотворено експериментира со различни степени на интеграција во обид да ѝ парира на агресивната меѓународна политика на актуелната администрација во Вашингтон.

Така, во тој процес:

(1) Канада се вклучува во европската безбедносна и одбранбена архитектура,

(2) Австралија ги продлабочува трговските, технолошките и безбедносните врски со Унијата,

(3) Исланд на референдум избра да не се враќа на патот кон полноправно членство, но останува тесно интегриран преку Европската економска област и Шенген.

Во време кога САД сè поотворено ја мерат надворешната политика низ сопствениот интерес, Кина создава глобални економски мрежи, а Русија ја оспорува европската безбедносна архитектура, ЕУ се обидува да создаде поширок простор на економско, политичко и безбедносно влијание околу себе.

Проширувањето повторно станува геополитика и забележливо е дека Унијата бара нови и креативни модуси за зголемување на своето глобално влијание. Прашањето е дали во овој нов бран има простор и за наш пробив.

Катализатор за Балканот

Овој нов пристап несомнено има катализирачки ефект и за Балканот, иако крајната дестинација засега останува аморфна.

Црна Гора ги има отворено сите 33 преговарачки поглавја, а 18 се привремено затворени, додека Европската Комисија веќе подготвува финансиски аранжмани поврзани со нејзиното идно членство.

Албанија, која до неодамна се движеше во ист пакет со Северна Македонија, ги има отворено сите 33 поглавја и во јули ги затвори првите три.

На 14 јули ЕУ одржа четири пристапни конференции во еден ден: со Албанија, Црна Гора, Украина и Молдавија.

На крајот, самите европски институции велат дека апетитот за проширување е најсилен во последните години. Тоа е важна промена во механиката на процесот, затоа што долги години главниот проблем на проширувањето беше токму кредибилитетот. Брисел бараше тешки реформи и политички отстапки, додека конечната награда, членството, остануваше далечна, неизвесна и постојано одложувана.

Новата идеја за постепена, односно етапна интеграција е обид токму тоа да се поправи. Наместо пристапот „сè или ништо“, кандидатите би требало порано да добијат дел од бенефитите од членството: пристап до делови од единствениот пазар, СЕПА, европски програми, инфраструктурни фондови, енергетски и дигитални политики.

Во својата најдобра верзија, тоа е одлична идеја, особено за нас. Северна Македонија би можела побрзо да се интегрира економски и институционално, да добива конкретни придобивки и постепено да ја намалува разликата меѓу статусот кандидат и статусот членка.

Ризик од трајна чекалница

Но најдобрата верзија на планот не е единствената, а историјата покажува дека речиси никогаш не е и најверојатна.

Во својата помалку идеална форма, етапната интеграција може да стане удобна утешна награда за земјите што политички не можат да стигнат до полноправно членство: малку повеќе пазар, малку повеќе фондови, пристап до уште некоја политика, но без место на масата каде што се носат одлуките.

За С. Македонија тоа не е теоретски, туку реален ризик, особено затоа што ваквата утешна награда може да биде политички исклучително привлечна за домашните политички елити, а нејзиното прифаќање да го одземе трансформативниот карактер на преговорите.

Тоа е можеби најважната дилема во следните неколку години: дали „Европа на рати“ ќе биде пат кон забрзано членство или трајна чекалница, особено во нашиот контекст на билатерална блокада.

Од таа перспектива, прашањето е дали овој пристап ни одговара како избегнување на катарза, но акутно, сега, дали постепената интеграција навистина нуди начин да се заобиколат уставните измени.

Засега, не: сегашната пристапна рамка останува непроменета, а уставните измени остануваат дел од условите договорени во 2022 година пред Северна Македонија да почне со отворање на кластерите.

Во таа смисла, реално нема „Итар Пејо“ варијанта. Напротив, постепената интеграција функционира паралелно со пристапниот процес, а не како негова замена.

Нема европска одлука според која пристапот до повеќе сегменти на Унијата го поништува условот за уставните измени. Оттука, нема сценарио во кое таа пречка може да се заобиколи со пристап од типот „мижи бутај“.

Во крајна линија, етапната интеграција е опција за земјите што се во процесот, а ние, погодувате, не сме една од нив.

И така, со свртен цел круг, повторно се враќаме на почетокот, со таа разлика што во меѓувреме сме закопани во сопствените ровови, а целта ни станува сè подалечна и понејасна.

Како и пред пет години, кога за првпат се лиферуваше сегашната преговарачка рамка, и натаму се надеваме дека запишаното е предмет на дополнителни преговори, а не конечен став.

По пет години, фрапирани сме од тоа дека ЕУ си стои на зборот, а условите остануваат.

Стратегијата ја заменивме со надеж: надеж дека ќе ги заобиколиме условите, дека ЕУ ќе го смени мислењето, дека светот ќе ја разбере нашата неправда.

Од стратешка перспектива, се наоѓаме пред исконска дилема: да чекаме на брегот на реката надевајќи се дека ќе пресуши или да скокнеме и да пливаме, иако можеби нè очекуваат струи и вирови.

Прашањето е која опција поверојатно ќе нè однесе на другата страна.

Во интерес на вистината, аргументот за предвидливост е разбирлив, но сепак, на крајот, малку малодушен. Тоа е како студент да каже: „Додека не добијам гаранции дека нема да паднам ниту еден испит, нема ни да се запишам на факултет“.

Работата на политичарите не е да гарантираат свет без проблеми. Работа им е да ги решаваат проблемите што денес се на маса, да ги искористат придобивките што се достапни и да обезбедат подобра позиција за следната битка.

Во таа смисла, „Европа на рати“ може да биде и стапица, но само ако Северна Македонија одлучи дека ратите ѝ се доволни.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми