1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ започнува пристапни преговори со Украина и со Молдавија

СН/агенции
15 јуни 2024

Украина и Молдавија се чекор поблиску до членство Европската унија. Земјите членки на ЕУ начелно се изјаснија за почеток на пристапните преговори. Официјалната одлука треба да следи наредната недела.

Советот на министри на ЕУ се согласи да ги отвори преговорите за членство со Украина и со Молдавија
Советот на министри на ЕУ се согласи да ги отвори преговорите за членство со Украина и со МолдавијаФотографија: Dwi Anoraganingrum/Panama Pictures/IMAGO

Амбасадорите на земјите членки на Европската унија во петокот (14 мај, 2024) „начелно“ се согласија официјално да започнат пристапните преговори со Украина и со Молдавија, соопшти белгиското претседателство со Европската унија . Одлуката треба да биде официјално одобрена на состанокот на Советот на министри за надворешни работи на ЕУ во наредната недела.

Украина поднесе барање за пристапување кон ЕУ набргу по почетокот на руската агресорска војна во Украина во февруари 2022 година. Таа и соседна Молдавија добија кандидатски статус четири месеци подоцна.

ЕУ „начелно“ се согласува за почеток на преговорите

„Амбасадорите начелно се договорија за преговарачката рамка за пристапните преговори на Украина и Молдавија“, соопшти белгиското претседателство.

Се вели дека првите меѓувладини конференции ќе се одржат на 25 јуни. Белгија претседава со Европската унија до 30 јуни.

Претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел го поздрави договорот во објава на социјалната мрежа Х (поранешен Твитер).

„Ние ги исполнуваме нашите ветувања и ќе ве поддржиме на вашиот пат кон членство“, рече Мишел.

Оваа одлука доаѓа седум дена откако Европската комисија соопшти дека и Киев и Кишињев ги исполнуваат сите критериуми за официјален почеток на пристапните преговори.

Украина и Молдавија соочени со долгогодишни преговори

Критериумите вклучуваа мерки за борба против корупцијата, за ограничување на моќта на олигарсите и за подобра заштита на правата на етничките малцинства. 

Пред Украина и Молдавија, меѓутоа, се години на преговори со Европската унија .

Почеток на долгиот процес за пристапување кон ЕУ на Украина и на МолдавијаФотографија: Dado Ruvic/REUTERS

Земјите кандидатки веројатно ќе се соочат со долгогодишни реформи пред да ги исполнат критериумите за членство во ЕУ.

По Белгија, Унгарија е следната која ќе го преземе ротирачкото претседавање со  Европската унија. Будимпешта во минатото се спротивставуваше на помошта на ЕУ за Украина поради руската инвазија и изразуваше сомневање во оценката на Европската комисија дека Киев е подготвен за пристапни преговори.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми