ЕУ ќе го „заобиколува“ ветото на Унгарија за Украина
30 септември 2025
Европската унија се подготвува да ја започне техничката работа за пристапување на Украина и Молдавија, иако Унгарија продолжува да ги блокира преговорите, велат официјални лица запознаени со процесот за весникот Фајненшл тајмс.
Украина аплицираше за членство во 2022 година, неколку недели по руската инвазија, а веднаш потоа и Молдавија. Двете земји формално ги започнаа преговорите минатата година, но Унгарија се противи на следниот чекор, за која е потребна едногласна одлука на 27-те членки за отворање на т.н. „поглавја“ за усогласување на нивното законодавство со правилата на ЕУ.
Слична судбина има и Северна Македонија која неколку години не можеше да ги отвори преговорите поради блокадата од соседна Бугарија.
Но, во случајот на Украина и Молдавија, Европската комисија предложи промена на сопствените правила за да го заобиколи ветото на унгарскиот премиер Виктор Орбан, започнувајќи техничка работа во неколку „кластери“ и без формална одлука за отворање преговори, велат официјалните лица за Фајненшл тајмс.
Лидерите на ЕУ ќе го разгледаат ова прашање на средбата во Копенхаген во среда (01.10.2025), а веќе в четврток ќе им се придружат и лидери од соседните земји, вклучително и Украина и Молдавија.
Заменик-премиерот на Украина за европска интеграција, Тарас Качка, рече дека Киев се надева дека ќе ја убеди Будимпешта да дозволи продолжување на преговорите, бидејќи конечната одлука за членство сепак бара едногласност и е „длабоко политичко прашање“. „Но, во меѓувреме, имаме, и навистина го цениме тоа, понуда од институциите на ЕУ и други земји-членки да продолжиме со техничката работа по кластери,“ изјави Качка за Фајненшл тајмс.
Планот на Антонио Кошта
Ова би им овозможило на Киев и Кишињев да напредуваат со реформите, усогласување на регулативите и институционална подготовка. Штом Унгарија го укине ветото, формалностите би можеле брзо да се завршат. „Теоретски, би можеле да отворите и затворите кластер во ист ден,“ вели еден од официјалните претставници на ЕК за Фајненшл тајмс.
Весникот наведува дека претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, предлага и алтернатива: промена на правилата за преговори, така што кластерите би се отворале со мнозинство од земјите-членки. Но, за таа промена е потребна едногласност, вклучително и од Унгарија, и се смета дека е малку веројатна. „(Кошта) разговараше со многу лидери и не е тајна дека се обидува да го направи тоа. Но, нема гаранција,“ вели извор во ЕК за Фајненшл тајмс.
„Очигледно е дека ќе ни треба едногласност барем за да ги смениме рамките за преговори... тој е свесен дека тоа е тешка задача.“