1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ не е убедена од „планот за победа“ на Зеленски

Бернд Ригерт
17 октомври 2024

„Планот за победа“ на украинскиот претседател Володимир Зеленски содржи барања за Западот. Но, ЕУ не е подготвена да ги исполни сите точки, или барем не е за сега.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски
Украинскиот претседател Володимир ЗеленскиФотографија: Remko de Waal /ANP/IMAGO

„Кога го гледам 'планот за победа' на Украина, гледам пред се тоа што ние, Западот, не го решивме во последните неколку месеци или дури и години“, рече претседателот на Литванија, Гитанас Наузеда на почетокот на Самитот на ЕУ во Брисел. Украинскиот претседател Зеленски имаше еден час пред 27-те шефови на држави и влади на ЕУ, за да го промовира својот „план за победа" во борбата против рускиот агресор.

Зеленски ги повтори петте точки  кои вчера веќе ги образложи во украинскиот парламент. Во врска со неговото централно барање, Украина без одлагање да биде примена во НАТО, нема да се носат одлуки ниту на самитот во Брисел, ниту на состанокот на министрите за одбрана од НАТО, кој се одвива паралелно. Литванскиот претседател Наузеда би бил за прием на нападната Украина, наспроти другите држави, особено водечката сила на НАТО, САД. За нив преголема би била опасноста од директен конфликт со  нуклеарната сила Русија.

„Војната да се префрли во Русија“

Зеленски повторно од западните сојузници побара конечно да дозволат употреба на оружје со поголем дострел  за да може Украина да напаѓа цели во Русија.  Русите мора да ја почувствуваат војната на своја територија, смета украинскиот претседател, кој речиси илјада дена ја организира и води одбраната на Украина. „Русите мора да ја доживеат војната дома и да почнат да го мразат (рускиот лидер) Путин“, рече Зеленски пред своите колеги во салата.

САД, Франција и Велика Британија наводно имаат испорачано крстосувачки проектили и ракети кои би можеле да се користат за воени цели на руска територија. Американскиот претседател Бајден, со кого Зеленски повторно имал телефонски разговор и кој се очекува во петок во Берлин, досега одбиваше да даде зелено светло за нивна употреба. Ризикот од натамошна ескалација е преголем, аргументираат Американците. Канцеларот Олаф Шолц ја отфрли можноста за преиспитување на неговиот негативен став по ова прашање.

Германскиот канцелар Олаф Шолц ја отфрли можноста за испорака на ракети „Таурус“ на Украина Фотографија: Geert Vanden Wijngaert/AP/picture alliance

„Знаете каква одлука донесов и ништо нема да се промени“, рече Шолц. Германскиот канцелар одбива да испрати  германски крстосувачки ракети од типот „Таурус“ во Украина  кои би можеле да се употребат за цели на руска територија. Опозициската ЦДУ/ЦСУ и делови од владината коалиција пак бараат испорака на системите „Таурус“. Од воена гледна точка, би било неопходно во Русија да се спречи испораката и логистиката. Воените претставници на НАТО зад затворени врати постојано потврдуваат дека Украина никогаш не би можела да победи на поинаков начин.

ЕУ ветува повеќе помош

„Победничкиот план" на Зеленски не вклучува понуда да се откаже од анектираните или противправно окупираните територии на Украина од страна на Русија. Во заедничката декларација, членките на ЕУ уште еднаш утврдија дека мировни преговори може да има само според условите на Украина и дека без Украина не може да се донесе таква одлука.

Претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел, рече дека ЕУ веќе прави многу, но дека тоа не е доволно. „ЕУ е на ваша страна. Што и да е потребно, јасно ни е дека ви треба повеќе помош“, му рече Мишел на украинскиот претседател додека заедно влегуваа во зградата каде што се одржуваше Самитот во Брисел. Канцеларот Шолц средбата со Зеленски ја оцени како „важен сигнал“ до рускиот претседател Путин „дека поддршката од пријателите на Украина нема да попушти“.

„Принудете ја Русија на дипломатија“

Украинскиот претседател јасно стави до знаење дека спроведувањето на неговиот  „победнички план"  не зависи од Русија, туку од волјата на сојузниците. Тој се осврна на три дополнителни тајни протоколи на неговиот план кои содржат чекори за зајакнување на Украина. „Некои од нашите партнери мора да преземат чекори“, рече Зеленски. Целта е втора меѓународна мировна конференција на која треба да учествува и Русија и која треба да се одржи до крајот на ноември. Украина мора да биде силна за да може да спроведе „силна дипломатија“.  „Мораме да ја принудиме Русија да се вклучи во вистинска дипломатија“,  рече Зеленски кој вети дека  војната може да заврши следната година,  доколку се спроведе неговиот „план за победа".

Милијарди евра заем од Европа

ЕУ до крајот на годината на Украина ќе и обезбеди заеми од 35 милијарди евра. Каматата и отплатата се сервисираат со приходи од руски средства кои се замрзнати во ЕУ поради санкциите. САД, Канада и Јапонија барем треба да дадат гаранции за минимум 15 дополнителни милијарди евра. Унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој е во блиски односи со Путин, се обидува да го блокира заемот.

Самит на ЕУ: До крајот на годината Унијата на Украина ќе и обезбеди заеми од 35 милијарди евраФотографија: Johanna Geron/REUTERS

Досега тој спречува продолжување на санкциите на ЕУ во одноис на руските средства за нареднитри години. САД продолжувањето на санкциите го поставија како услов за учество во конструкцијата за заемот. Украина сака да го искористи заемот за да го прошири сопственото производство на оружје.

„Не се откажувајте од санкциите против Русија, тие навистина помагаат“, апелираше украинскиот претседател. „Вашата единство исто така е оружје“, рече Зеленски. На Кина и на Северна Кореја тој им префрли дека активно и помагаат на Русија во војната.

Утре во Берлин се состануваат на консултации околу украинскиот „победнички план" американскиот претседател Џо Бајден, францускиот претседател Емануел Макрон, британскиот премиер Кир Стамер и канцеларот Олаф Шолц. „Украинскиот народ има најтешка работа. Не само што ја бранат Украина, туку и цела Европа“, предупреди Зеленски.

 

Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми