Михалис Рокас повикува на забрзани реформи во Македонија
6 ноември 2025
Геополитички предизвици и европска перспектива
„Се соочуваме со геополитички пејзаж кој брзо се менува, и само со обединување на Европа ќе обезбедиме и мир и просперитет на континентот“, порача евроамбасадорот Михалис Рокас на прес-конференцијата со македонскиот премиер Христијан Мицкоски во Владата.
Потреба од поодлучни реформи
По едночасовната средба, на која се дискутираше за најновиот извештај на Европската комисија за напредокот на Македонија кон ЕУ, Рокас истакна дека сега е време да се искористи шансата за забрзување на реформите и нивно поодлучно спроведување.
„Постигнат е одреден напредок, но се потврдува потребата за поголема посветеност од целиот политички спектар. Нема напредок во однос на судските реформи и борбата против корупцијата – што се темел за довербата на граѓаните и за европската иднина на државата“, рече Рокас.
Судството и довербата на граѓаните
Трета година по ред, Македонија нема значителен напредок во овие области. „Една поголема посветеност може да обезбеди голема разлика. Потребно е да се обезбеди финансиска независност на судството, ослободено од мешање, што ќе биде клучно за враќање на довербата на јавноста и продолжување на реформите“, додаде евроамбасадорот.
Уставни измени и политички дијалог
Рокас потенцираше дека треба да се измени Кривичниот законик во согласност со препораките, да се надминат политичките поделби и да се забрзаат реформите. „Постои сериозна можност да се започне дијалог и да се продолжи со обврската во однос на уставните промени“, рече тој.
Поддршка од ЕУ и идни чекори
Евроамбасадорот го поздрави фактот што, иако реформите се бавни, сепак има извесен напредок во одредени области. „Задачата пред нас е мошне јасна и треба да започне веднаш, без одложување, за Македонија да го искористи моментот“.
„Го цениме фактот што земјата останува усогласена со надворешната и безбедносната политика на ЕУ за војната во Украина. Вашата земја навистина помина долг пат во однос на интеграциите – време е да ги надградиме со нова енергија и посветеност. ЕУ останува покрај вас, ја споделуваме истата визија – Македонија да го заземе своето место во ЕУ како просперитетен член на Унијата“, заклучи Рокас.
Премиерот Христијан Мицкоски на прес-конференцијата порача дека Владата останува целосно посветена на европскиот пат и на реформите кои ја прават државата посилна, пофункционална и поправедна.
„Ќе ги адресираме сите области каде што е забележан застој, со конкретни мерки, јасни рокови и отчетност. Нашата цел е полноправно членство во рамките на Европската Унија“, рече Мицкоски.