Средната возраст во ЕУ 44,9, во Македонија 42,1 години
17 февруари 2026
Средната возраст на населението во Европската Унија на 1 јануари 2025 година достигна 44,9 години, покажуваат податоците на Евростат. Тоа значи дека половина од жителите на ЕУ биле постари, а половина помлади од оваа возраст. Разликите меѓу земјите се значителни: од 39,6 години во Ирска, до 49,1 година во Италија, која останува најстара земја во Унијата.
Во Македонија, средната возраст изнесува 42,1 година, што е зголемување за речиси пет години во споредба со 2015 година, кога била 37,4 години.
На ниво на ЕУ, средната возраст се зголемила за 2,1 година од 2015 година (од тогашните 42,8 години). Зголемување е забележано во сите земји-членки, освен во Германија и Малта.
Регионални споредби: Македонија меѓу помладите земји на Балканот
Во земјите од регионот, помладо население од Македонија има само Црна Гора 40,4 години, а постаро Албанија 44,3 и Србија 45,4 години. Средната возраст на Грците е 47,2, а на Бугарите 47,2 години. Во Хрватска и во Словенија средната возраст е 45,5 години.
Најголемо зголемување на средната возраст од 2015 до 2025 година е забележано во Словачка и Кипар, Италија, Грција, Полска и Португалија. Евростат проценува дека населението на ЕУ на почетокот на 2025 година изнесува 450,6 милиони жители.
Демографска структура на населението во ЕУ
- Деца (0–14 години): 14,4%
- Работоспособно население (15–64 години): 63,6%
- Лица над 65 години: 22% (зголемување во однос на претходната година)
Најголем удел на деца во 2025 година има во Ирска: 18,5%, Шведска: 16,8% и Франција: 16,6%, додека најмал удел има во Италија: 11,9%, Малта: 12,1% и Португалија: 12,6%. Во споредба со 2024 година, само Луксембург и Германија задржале ист удел на деца, додека во сите други земји овој процент се намалил.
Очекуван животен век: ЕУ продолжува да старее
Според прелиминарните податоци за 2024 година, очекуваниот животен век при раѓање во ЕУ изнесувал 81,7 години, што е зголемување од 0,3 години во споредба со 2023.
Најдолг животен век имаат жителите на Италија: 84,1 години, Шведска: 84,1 години и Шпанија: 84 години, додека најкраток животен век има во Бугарија: 75,9 години, Романија: 76,6 години и Латвија: 76,7 години.
Според „Статистичкиот годишник на Република Северна Македонија 2025“ на Државниот завод за статистика, очекуваниот животен век во државата е 76,63 години, што е едногодишен пораст во однос на 2023 година (75,32 години). Жените живеат подолго – 78,86 години, односно речиси 4,5 години повеќе од мажите, чиишто животен век изнесува 74,48 години.