ЕУ сака да го забрза депортирањето на мигрантите
17 октомври 2024Непосредно пред самитот на европските шефови на држави и влади денеска (четврток) во Брисел, повторно почна да се раздвижува дебатата за политиката за азил и миграција. Меѓу другото и на изречно барање на германскиот канцелар Олаф Шолц, самитот ќе помине многу часови во дебата за справување со контрадикторните концепти за миграциската политика.
Од германски владини кругови се вели дека канцеларот продолжува да се фокусира на „заедничките европски решенија“ и сака делумно да ја унапреди реформата на процедурите за азил на ЕУ, која ќе стапи целосно во сила во 2026 година. Многу други земји-членки на ЕУ тоа го бараат со месеци, вклучително и Шпанија. Сепак, не е јасно што всушност може да се изведе: повеќе процедури за азил на надворешните граници на ЕУ, повеќе депортации на одбиени баратели на азил или повеќе договори со земјите на потекло и транзит на мигранти и баратели на азил?
Регулативите за депортација се застарени
Во четвртокот минатата недела повеќето министри за внатрешни работи на ЕУ извршија притисок за донесување нови и построги правила за брзо депортирање на оние баратели на азил кои немаат изгледи да го добијат, во нивните матични земји. Истовремено, треба да се олесни одбивањето на барателите на азил на внатрешните граници на ЕУ, на пример во Германија.
Ова се однесува на луѓе кои веќе би морале да поминат постапка за азил во друга земја на надворешната граница на ЕУ. Токму пред денешниот самит, претседателката на Комисијата на ЕУ Урсула фон дер Лајен објави во писмо дека наскоро ќе ја предложи потребната построга директива.
Тројца велат не
Најмалку три земји-членки на ЕУ не се согласуваат со заедничкиот пристап на Унијата. Холандија, која од неодамна е управувана од десничарски популисти, и актуелниот претседател на Советот на ЕУ, Унгарија, бараат таканаречено откажување од политиката за азил. Во никој случај не сакаат да ги поддржат реформите што се веќе одлучени. Полска е ново засилување. Христијанско-демократскиот полски премиер Доналд Туск сака привремено да не го применува воопшто европскиот закон за азил во неговата земја. Тој смета дека постои вонредна состојба во Полска.
Еврокомесарката за внатрешни работи, Илва Јохансон, го критикуваше ова најавеното непочитување на европското право. „Тоа не е можно. И ние го соопштивме тоа“, рече Јохансон. Исклучување, односно повлекување од миграциската политика на ЕУ, е можно само доколку се променат договорите на ЕУ. Но, тоа воопшто не е предмет на дебата во моментов. „Ова не е добра идеја!“, изјави кусо германската министерка за внатрешни работи Ненси Фезер на оваа тема.
Унгарија, Италија и Финска по посебен пат
Дури и без формално откажување, Унгарија со години не се придржува до заедничката политика за азил. Поради оваа причина, неколку пати беше осудена од страна на Европскиот суд на правдата, но не ги спроведува пресудите. Комисијата на ЕУ во моментов се обидува да ја натера владата на Виктор Орбан во Будимпешта да попушти со наплата на казни од вкупно 200 милиони евра. Орбан, меѓутоа, веќе најави дека нема да води сметка за реформите што се одлучени и повеќе нема да прима азиланти.
Италијанската влада, предводена од десно екстремната премиерка Џорџија Мелони, исто така не го почитува правото на ЕУ. Досега таа одбива да ги прими назад барателите на азил од Германија или Австрија кои прво пристигнале во Италија. Италија би морала да ги регистрира овие луѓе според таканаречените правила од Даблин и да поведе за нив процедура за азил. Наместо тоа, многу луѓе патуваат понатаму на север. Илјадници баратели на азил и мигранти се движат и од Грција на југоисточната надворешна граница на ЕУ преку Балканската рута кон северните држави на ЕУ. Ова всушност не е предвидено со Даблинските правила за надлежностите во ЕУ.
Италија, Грција и другите држави на надворешните граници аргументираат дека се преоптоварени од масата на пристигнати мигранти. Како реакција на оваа внатрешна миграција во ЕУ, Франција, Австрија, Данска, Шведска, Словачка и од неодамна Германија повторно воведоа гранични контроли за да можат да откријат таканаречени неовластени влезови. Личните проверки на внатрешните граници на ЕУ всушност се дозволени само во апсолутно исклучителни случаи.
Од јули, Финска повеќе не се придржува до законите на ЕУ за нејзината копнена граница со непријателската Русија. На мигрантите кои сакаат да влезат преку Русија им се одбива индивидуална проверка на нивното барање за азил. Паушално се враќани назад во Русија. Финскиот премиер Петери Орпо во јули изјави дека законот е неопходен иако е во спротивност со меѓународните обврски на Финска за човекови права. Финска, балтичките земји и Полска ги обвинуваат Русија и Белорусија дека масовно носат мигранти на границите со цел да ја дестабилизираат ЕУ. Полскиот премиер Доналд Туск изјави дека сака да го следи финскиот модел и да ја затвори границата на Полска со Белорусија за барателите на азил.
Дислоцирање на процедури за азил
Пред самитот на ЕУ во четврток, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен презентираше долг план од десет точки за заедничката политика за азил. Покрај многу познати работи, тој содржи и најава дека соработката со трети земји треба дополнително да се унапредува. Многу земји-членки на ЕУ сакаат да испитаат дали е можно целосно да се префрлат процедурите за азил во земји како Руанда. Британската влада досега не успеа со ваков проект.
Непосредно пред самитот, Италија го отвори својот екстериторијален камп за процедури за азил во Албанија. Италија сака да ги врши процедурите за бегалците кои стигнуваат со брод во земјата кандидат за членство во ЕУ, Албанија, според италијанскиот закон. Признаените баратели на азил, исто како и одбиените баратели на азил потоа се враќаат во Италија од Албанија доколку не можат веднаш да бидат депортирани. Според дипломати на ЕУ, ваквото префрлање на сопствените процедури за азил во друга земја, Комисијата на ЕУ не го смета за убедлив модел.
Рутите се менуваат
Бројот на мигранти на рутата од Северна Африка кон Италија нагло се намали во 2024 година. Околу 42.000 пристигнале во Италија од јануари до август. Споредено со истиот период лани, тоа е за 64 отсто помалку. Според Комисијата на ЕУ, тоа се должи пред се на подобрата соработка со транзитните држави Тунис и Либија. Сепак, бројот на мигранти на рутите на западниот Медитеран и Атлантикот се зголеми повеќе од двојно на 25.500 во истиот период. Бројките се зголемуваат и на рутата на источниот Медитеран кон Грција и Кипар. Досега, таму се регистрирани околу 37.000 влезови до август 2024 година. Тоа е за 39 отсто повеќе во однос на истиот период лани.