1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
МиграцијаЕвропа

ЕУ се договори за реформа на азилот

Бернд Ригерт
21 декември 2023

Построги и пократки постапки за мигранти. Целта е да се намали бројот на лица кои фактички доаѓаат во земјите членки. Но, може да поминат и до две години додека стапат на сила реформите на ЕУ.

Бегалски камп во Грција
Бегалски камп во Грција - целта е одвратување на мигрантите Фотографија: Florian Schmitz/DW

Преморени и олеснети преговарачите од Европскиот парламент, Советот на министри и ЕК во средата излегоа пред камерите. Во долгите ноќни седници се договорија за нацрт закон за сеопфатен европски систем за постапките за азил. Десет години се работеше за да се дојде до целта, рече претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола. Пакетот закони содржи осум дела и „тоа е огромен успех во пресрет на годината во која се гласа нов состав на Европскиот парламент“, оцени Мецола. Пакетот не е совршен, туку е компромис кој многу подобро ја регулира  постапката за азил о тколку важечките норми, вели претседателката. Таа се надева дека со ова ќе им се одземе ветрот од едрата на десно-популистичките партии во изборната година 2024. „Европа може да испорача резултати на тема која ги погодува луѓето", оцени Мецола.

За две години преточено во пракса

Додека новите постапки за азил да стапат на сила, ќе помине време. Прво Парламентот и земјите членки ќе мора формално да ги усвојат законите до крајот на април. Потоа ќе бидат потребни околу две години за целосно ратифицирање во самите држави, вели европратеникот Томас Тобе од Шведска, кој беше преговарач за демохристијанската пратеничка група. Суштината на новата регулатива е обврската за секоја земја членка да ги регистрираат и проверат сите мигранти на надворешните граници. Таквиот скрининг треба да покаже дали тие доаѓаат од земји за кои квотата на признавање на азил е под 20 проценти.

Претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола вели дека Пакетот закони за азилот е огромен успехФотографија: European Union

Ако тоа е случај, таквите мигранти треба да влезат во „брза гранична постапка“, дури и ако се со деца.  Во затворени кампови во близина на границата  во рок од 12 недели треба да биде одлучено дали мигрантите веднаш ќе бидат протерани, или сепак ќе им биде даден статус на заштитени лица.

За прв пат обврска за солидарност меѓу државите

За постапката за азил и натаму задолжена ќе биде онаа држава на ЕУ во која мигрантот најпрво допатувал. Ново е тоа што за прв пат има „обврзувачка солидарност“ за сите 27 земји членки. Преоптоварени држави како Италија, Кипар, Малта или Грција ќе може да бидат растоварени со тоа што други држави ќе преземат баратели на азил. Ако членките на север или исток се противат да прифатат мигранти, може да пружат други услуги или да платат 20 илјади евра по глава на мигрант кој не го примиле. За да се овозможи враќање по завршена постапка на границите, ЕК сака посилно да соработува со државите на потекло и транзит. Протерувања треба да бидат можни и во т.н. трети безбедни држави. Досега едвај една петтина од одбиените можеа да бидат вратени назад.

ЕК ја отфрла критиката

Еврокомесарката Илва Јохансон, која со години работи на постигнување компромис околу регулативата за азил, инсистира на тоа дека ситуацијата за мигрантите нема да биде влошена во иднина. „За време на целата постапка ќе има правно советување и правото на судска постапка останува недопрено", вели таа за новинарите во реакција на острата критика од речиси 50 хуманитарни организации, кои сметаат дека новите правила не се применливи и ќе доведат до ограничување на правото за азил или дури и повреди на човековите права.

Голем број мигранти стигнуваат во ЕУ преку Средоземно МореФотографија: DARRIN ZAMMIT LUPI/REUTERS

Активистите својата критика ја образложија во отворено писмо до преговарачите во парламентот, Советот на министри и Комисијата. Семејства со деца во постапка на граничните премини, ќе добијат специјално прифатилиште и грижа, вети еврокомесарката Јохансон. Германската влада долго време беше против вклучување на семејства со деца во таквиот процес, но на крајот на можеше да го наметне својот став. Министерката за внатрешни работи Ненси Фезер сепак го пофали пакетот како голем успех за Европа. „Ако сакаме внатре да ја задржиме Европа со отворени граници, мора да ги заштитиме надворешните граници и да имаме функционални постапки. Сакаме да ставиме крај на умирањето во Средоземно Море и на хаосот и бесправноста на надворешните граници", рече министерката во Берлин.

„Планираната реформа е спротивна на човековите права и ќе донесе повеќе страдање и насилство на надворешните граници", критикуваше Јулија Духров, генералниот секретар на Амнести Интернешнел во Германија. „Нема да ги реши постоечките предизвици, туку само ќе ги заостри“, оцени таа.

При „инструментализација" на мигранти кои на пример  од Белорусија или Русија  се носат до границите на ЕУ, според новите правила веднаш ќе има враќање без никаква постапка. Тоа е предмет на посебна критика од Амнести. Италија на пример би можела на организации за помош да им префрли „инструментализација“ и да ги врати лицата кои преживеале бродолом.

Клучна е квотата

Новата побрза постапка според податоци на европските статистички власти Еуростат, ќе ги погоди лицата од Пакистан или Венецуела, затоа што  признавањето на азил  за лица од тие земји во европскиот просек изнесува под 20 проценти. Мигранти од Сирија, Сомалија, Мали или Авганистан пак и натаму ќе минуваат низ регуларната постапка која може да трае и со години, затоа што квотите се значително над 20 проценти.

Во случајот со Турција бројките сега бележат многу динамичен развој. Бројот на баратели на азил годинава многу се зголеми, но квотата на одобрени барања од 28 проценти во 2022 е намалена на проценети 15 проценти годинава.

Ниту Грција, ниту Италија се уште не се обврзаа да градат нови  кампови на граничните премини  кои ЕК во нацртите ги нарекува „прифатни центри“.  Унгарија и Полска на гласањето во Советот на министри во јуни годинава се противеа да учествуваат во обврзувачката солидарност. Тоа значи дека при практичната реализација на законите може да има кавги.

 

Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми