1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаШпанија

Шпанија застанува на чело на ЕУ среде изборната кампања

Бернд Ригерт
1 јули 2023

На крајот на јули во Шпанија се одржуваат парламентарни избори. Во Мадрид тврдат дека евентуалната промена на власта нема да влијае на претседавањето со Европската унија кое започнува денеска (1 јули, 2023)

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и шпанскиот премиер Педро Санчез. Не е јасно дали тој ќе остане на функцијата и по новите избори на крајот на јули
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и шпанскиот премиер Педро Санчез. Не е јасно дали тој ќе остане на функцијата и по новите избори на крајот на јулиФотографија: Ricardo Rubio/EUROPA PRESS/picture alliance/dpa

Од први јули Шпанија го презема претседавањето со Европската унија. Само три недели подоцна, на 23 јули, на предвремените избори се избира нов парламент во Мадрид. Во моментов е неизвесно како ќе помине актуелниот социјалистички премиер Педро Санчез. Конзервативците имаат подобри резултати на изборите, а Народната партија би можела да соработува со десничарските популисти и во тој случај би имала повеќе мандати во парламентот од левата коалиција предводена од Санчез.

На прашањето за можното влијание на изборите врз шпанското претседателство со ЕУ, Санчез вели: „Демократијата никогаш не е проблем. Ова не е првпат во Европа да се одржуваат избори за време на претседавањето со ЕУ. Веќе имаше смена на власта“, рече премиерот на почетокот на јуни.

Необичен почеток

Точно е дека во некои земји членки се одржаа избори за време на претседавањето со ЕУ. Минатата година, за време на француското претседателство, претседателот Емануел Макрон се бореше за реизбор. А во Чешка, за време на претседавањето со Унијата, владата дури и падна. Сепак, одржувањето на избори на самиот почеток на шестмесечното претседателство, а со тоа и евентуалната промена на владејачката констелација, се апсолутен исклучок во историјата на ЕУ.

На Педро Санчез му претстои многу работа во предизборната кампања и поради тоа дури и го одложи настапот во Европскиот парламент. Првично беше планирано тој да ја претстави својата програма за шпанското претседателство пред изборите во Стразбур и да разговара со пратениците. Но, тоа сепак ќе се случи дури по летната пауза - а со кој шпански премиер, тоа сега не се знае.

Слабиот резултат на владејачката партија, на локалните избори на 28 мај, 2023 го принудија премиерот Санчез да закаже вонредни парламентарни избори на 23 јулиФотографија: Javier Soriano/AFP/Getty Images

Шпанските дипломати во Брисел се обидуваат да остават впечаток дека се` се одвива според планот, дека ќе се работи вообичаено, рутински, без разлика на изборите. На крајот на краиштата, се тврди дека темите на претседавањето се подготвуваат со месеци, ако не и со години и оти се е интензивно координирано со земјите партнери Белгија и Унгарија, кои ќе претседаваат со ЕУ наредната година.

Можна промена на власта и евентуална победа на конзервативниот, односно десничарскиот популистички табор нема да промени многу во однос на традиционално проевропскиот курс на Мадрид, сметаат аналитичарите и новинарите во Шпанија.

„Во текот на наредните шест месеци, шпанската влада мора да ги реши предизвиците пред кои се наоѓа Европа, а ги има многу. (...) Шпанија во минатото на задоволителен начин ги извршуваше должностите на претседавањето со ЕУ, а тоа се очекува и сега“, пишува весникот „Ла Вангардиа“ од Барселона по повод почетокот на петтото шпанско претседателство со Унијата од 1986 година откако земјата стана полноправна членка.

Најважни теми: Украина и проширувањето

Најважната задача ќе биде да се поддржи Украина и одбрана од рускиот агресор, изјави шпанската политичка аналитичарка Карме Коломина на еден собир во Мадрид кој служеше како подготовка за претседателската функција.

„Украина е присутна во секоја дискусија и во секоја одлука на ЕУ.“ И Европската унија мора да одлучи дали ќе биде можно да се започнат преговори со Украина веќе годинава, а со тоа во исто време и со Молдавија.

Топ тема Украина: Премиерот на Шпанија Санчез за време на посетата на градот Ирпин во февруари, 2023Фотографија: Adri Salido/AA/picture alliance

Коломина смета дека има напредок во однос на другите шест земји кандидати од Западен Балкан: „Постои силен момент за проширување. Сè уште не знаеме како би можеле да го искористиме за да постигнеме нешто. Не зависи само од кандидатот, туку и од нас“, вели оваа експертка. Таа мисли на итно потребните реформи во ЕУ за да може да функционира со повеќе членки.

Шпанија сака да форсира дискусија за подготвеноста на ЕУ да прифати нови членки, вети шефот на дипломатијата во Мадрид, Хозе Мануел Албарес Буено. „Треба да размислуваме за реформи кои би можеле да доведат до следниот чекор во интеграцијата. Еден пример за тоа е донесувањето одлуки врз основа на мнозинскиот принцип во областа на надворешната или фискалната политика. Истовремено, не смееме да ги занемариме европските перспективи на земјите кои имаат кандидатски статус“, рече министерот во Мадрид.

Раскошно претседателство...

За разлика од штедливите Швеѓани, кои претседаваа со ЕУ до крајот на јуни, шпанската влада нема да штеди за соодветно да ја претстави својата земја пред европската јавност. Вообичаените неформални состаноци на Советот, или специјалните самити на лидерите на Унијата, ќе се одржат на 22 различни места низ Шпанија, вклучувајќи ги и островите како Мајорка или Канарските Острови.

Палатата Алхамбра во Гренада: Лидерите на ЕУ треба да се состанат овде на специјалниот самит во октомври.Фотографија: picture-alliance/blickwinkel/K. Thomas

Швеѓаните беа задоволни (со неколку ретки исклучоци) што ги одржуваа своите состаноци во незабележителна изложбена сала во близина на аеродромот во Стокхолм.

Според дипломатите во Брисел, сега е тешко да се процени дали Шпанците ќе успеат да блеснат и конечно да ја „протуркаат“ својата агенда.

„Земјата претседавач сака да ја диктира агендата, но на крајот агендата, односно актуелните настани, диктираат со што ќе се занимава земјата претседавач“, се вели во познатата изјава на доцент Александар Стуб. Поранешниот фински политичар беше министер за европски прашања за време на претседавањето на Финска со Европската унија.

 

Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми