1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ФудбалГерманија

Еуфорија во германскиот фудбалски тим-уште една летна бајка?

Томас Клајн
1 јуни 2024

За неколку недели во Германија ќе започне Европското фудбалско првенство. Благодарение на последните добри игри, германската репрезентација предизвика еуфорија. Дали ова расположение ќе трае до финалето?

Фудбал јавен тренинг Јена Германија
Јавниот тренинг на германската фудбалска репрезентација во Јена привлече илјадници навивачиФотографија: Federico Gambarini/dpa/picture alliance

Долги редици автомобили, полни трамваи и илјадници луѓе во дресовите на  германската фудбалска репрезентација -  јавниот тренинг на селекторот на Германскиот фудбалски сојуз (ДФБ) Јулијан Нагелсман привлече околу 15.000 навивачи. Многу деца отпатуваа со своите родители и некои фудбалски клубови со полни тимови во градот Јена во Тирингија за да ги видат своите идоли како се подготвуваат за ЕУРО 2024.

Репрезентативците, собрани околу Џамал ​​Мусиала, Дениз Ундав и Лерој Сане, со неколку минути доцнење влегоа на тревникот на спортскиот терен „Ернст Абе“. Трибините станаа особено гласни кога Томас Милер се појави пред навивачите. „Трениравме пред полн стадион во Јена, тоа беше едноставно фантастично. Имаше толку многу гледачи, колку што други тимови немаат ниту на првенствените натпревари“, задоволно изјави играчот од средниот ред Милер. „Беше толку гласно што понекогаш беше тешко да се разберат упатствата на Јулијан Нагелсман“.

„Финалето е можно“

„Тоа беше навистина одлично“, рече фудбалскиот навивач Ралф, кој дојде во Јена со своите внуци. „Веќе има толку многу еуфорија и се надевам на финалето."

Германскиот тим тренираше добро, анализира Тим. „Тимот е добар и финалето е дефинитивно возможно“, рече 17-годишниот Тим. Тој смета дека селекторот е убедлив и со нетрпение го очекува почетокот на Европското првенство за неколку недели. „Секако дека е убаво чувството кога навивачите веќе сега стојат покрај патот со знамиња.“ задоволно изјави Нагелсман. „Тоа му дава добро чувство на тимот.

Интегративната моќ на фудбалот

По двете победи, против Холандија и Франција во март, германскиот тим е во позитивно, речиси еуфорично расположение, затоа некои навивачи сонуваат за нова таканаречена летна бајка како на Светското првенство во 2006 година кога Германија исто така беше домаќин. Репрезентацијата пред 18 години ги одушеви фудбалските фанови не само во Германија, туку и надвор од неа. Во земјата домаќин владееше позитивна атмосфера и она чувство на заедништво меѓу населението кое долго не беше видено.

По двете победи, против Холандија и Франција во март, германскиот тим е во позитивно, речиси еуфорично расположениеФотографија: Federico Gambarini/dpa/picture alliance

За претседателот на Германскиот фудбалски сојуз, Бернд Нојендорф, не може автоматски да се повтори прекрасната атмосфера на Светското првенство во 2006 година. Затоа што, „секој турнир треба да ја напише својата историја, а летната бајка не беше планирана“, вели 62-годишникот. Нојендорф, сепак, се надева дека ЕУРО 2024 повторно ќе ја здружи Германија и повторно ќе има позитивно влијание врз општеството: „Во Германија забележуваме зголемување на антиуставните, антидемократските и антисемитските ставови. Загрижени сме поради тоа“.

Претседателот на ДФБ ја нагласува интегративната моќ на фудбалот. „Има големи предизвици со кои се соочува земјата и со кои се соочуваме ширум светот“, вели Нојендорф „Но, сепак верувам дека фудбалот може да испрати позитивен сигнал (од ова Европско првенство (р.з.)."

Навивачите ја бодрат репрезентацијата

Навивачите во Јена веруваат дека  германската репрезентација  е на добар пат да создаде „Летна бајка 2.0“. „Солидарноста меѓу тимот и населението на Светското првенство 2006 и бранот еуфорија кој тогаш ги зафати градовитебеа фантастични“, изјави Дитмар, кој со целото семејство отпатувал на јавниот тренинг на репрезентацијата „Тоа мора да се случи и оваа година. Сите треба да покажеме дека сме добри домаќини и дека уживаме во овој спорт“.

На крајот од 60-минутниот тренинг на репрезентативците им требаше доста време за да потпишат автограми. Многу деца добија потпишани дресови и знамиња. Уште пред да се вратат во хотелот во Бланкенхајн, стотици навивачи застанаа пред автобусот на ДФБ и ги бодреа играчите.

Милер: „Колку што е можно повеќе забава“

„Би сакал навивачите да се забавуваат што е можно повеќе за време на Европското првенство,  дури и ако има работи на кои треба да се гледа критички“, рече Томас Милер на прес-конференцијата „Тие би требало да учествуваат во сѐ и да се обидат да нѐ поддржат А ние сакаме да помогнеме со тоа.“

Дури и ако фудбалот не може да ги реши сите проблеми, добрите настапи на репрезентацијата на Европското првенство во сопствената земја би можеле да придонесат Германија повторно да се сепне, исто како во летната бајка во 2006 година.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми