1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ-министри за надворешни работи: Без бојкот на Унгарија

Бернд Ригерт
23 јули 2024

Прво атентатот врз Трамп, сега повлекување на кандидатурата на Бајден: ЕУ со загриженост и надеж ја следи изборната кампања во САД. А Унгарија останува камен на сопнување.

Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто
Унгарскиот министер за надворешни работи Петер СијартоФотографија: Geert Vanden Wijngaert/AP Photo/picture alliance

Неколку министри за надворешни работи на земјите-членки на Европската унија очекуваа  повлекување на американскиот претседател Џо Бајден од изборната трка, додека други само се надеваа на тоа. Овој чекор на Бајден би можел да ги зголеми шансите за спречување на вториот мандат на републиканскиот тврдолинијаш Доналд Трамп во САД, според оценка на европски дипломати во Брисел.

Таму на нивната редовна средба се собраа 27 министри за надворешни работи. Но, само шефицата на белгиската дипломатија Хаџа Лахбиб отворено зборуваше за оваа нова ситуација: „Повлекувањето на Бајден не значи победа на Трамп.  На Камала Харис,  која сега ќе го преземе водството на Демократите, ѝ посакувам сѐ најдобро. Таа е жена, силна жена“. Белгиската министерка загуби на изборите во јуни и наскоро ќе ја напушти функцијата.

Европа чека

Другите министри го следеа примерот на германската влада, која се изрази воздржано.  Камала Харис мора прво да биде номинирана  за претседателски кандидат на Демократите, а потоа американските гласачи ќе го кажат својот збор, изјави портпаролката на владата во Берлин.

Шефот за надворешни работи на ЕУ, Жозеп Борел, изјави дека не е работа на Европската унија да им кажува на Американците што да прават. Тој само рече дека е јасно дека има „големи последици за нас“ од тоа кој ќе биде во иднина во Белата куќа. Борел и повеќето други министри за надворешни работи таму за претседател повеќе би сакале да видат демократски кандидат отколку деструктивниот проруски ориентиран Доналд Трамп.

Камала Харис со германскиот канцелар Олаф Шолц на Минхенската безбедносна конференција во 2022 годинаФотографија: Sven Hoppe/REUTERS

Инаку, водечките политичари од цела Европа му се заблагодарија на 81-годишниот Џо Бајден за неговиот ангажман, лидерство и неговата „достоинствена одлука“ да се повлече од кандидатурата. Така, шпанскиот премиер Педро Санчез во пораката на платформата Х напиша: „Голем гест на голем претседател кој секогаш се борел за демократија и слобода“.

„Благодарение на него, трансатлантската соработка е тесна,  НАТО е силен, а САД се добар и сигурен партнер“,  го пофали германскиот канцелар Олаф Шолц својот „пријател Џо Бајден“. Многу од овие позитивни коментари речиси наликуваат на некролог.

Унгарија и натаму пружа отпор

Украинскиот претседател Володимир Зеленски испрати порака од Киев и му се заблагодари на Бајден за неговата „непоколеблива поддршка за Украина“. Таа поддршка, како и меѓупартиската поддршка во Конгресот, сѐ уште се клучни, рече Зеленски.

Само еден шеф на влада на членка на ЕУ ја гледа Украина и поддршката на Бајден за нејзината одбрана од руската агресија сосема поинаку:  унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој во моментов претседава и со Советот на Европската унија.

Орбан смета дека американската политика кон Русија и Украина ја поттикнува и ја продолжува војната. „Не разбирам зошто јас сум единствениот премиер од ЕУ кој се залага за мир“, рече тој минатата недела на самитот на Европската политичка заедница (ЕПГ) во Велика Британија.

Орбан и неговиот министер за надворешни работи Петер Сијарто, иако како претседатели на Советот треба да посредуваат во изнаоѓање компромис, тешко ги обвинуваат другите европски држави. Мировната мисија што Унгарија сама ја осмисли, според унгарското претседателство со Советот, треба да продолжи. Како дел од таа мисија, Орбан отпатува во Киев, Москва, Пекинг и Флорида. Во Мар-а-Лаго на Флорида, тој покажа големо единство и поддршка за претседателскиот кандидат Доналд Трамп. Тоа е трн во око на повеќето земји од ЕУ. Само министерот за внатрешни работи на Словачка во Будимпешта изјави дека неговата земја ја поддржува мировната мисија на унгарските соседи.

Виктор Орбан отпатува во Мар-а-Лаго на Флорида и покажа поддршка за претседателскиот кандидат Доналд ТрампФотографија: Viktor Orban via X via REUTERS

„Зошто Орбан не отиде и во Северна Кореја?“, праша луксембуршкиот министер за надворешни работи Ксавиер Бетел на шега. Со Северна Кореја владее прорускиот диктатор Ким Јонг Ун. Доналд Трамп го има сретнато неколкупати.

Бербок: Егоцентричните активности збунуваат

Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок остро го критикуваше унгарското претседателство со Советот на ЕУ во Брисел на министерскиот состанок: „Не е чудно што егоцентричните активности во последните денови предизвикаа голема иритација и конфузија во другите делови на светот“. Унгарија зборува само во свое име, а не во име на ЕУ, рече германската министерка и нагласи дека во име на Унијата може да зборува само нејзиниот висок претставник Жозеп Борел.

Минатата недела во Брисел, Борел остро ги критикуваше изјавите на унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто пред Советот за безбедност на ОН во Њујорк. Според Борел, унгарскиот политичар оставил впечаток како Европската унија да сака  војна во Украина.  „Тоа е целосно неприфатливо!“, рече Борел.

Сијарто во Њујорк изјави дека „не само што е неприфатливо, туку и скандалозно е изолирана и стигматизирана земја (Унгарија) која се залага за дипломатско решение."

Унгарија во конфликт со Украина

Унгарскиот министер за надворешни работи веднаш започна нов конфликт на министерскиот состанок. Тој ја обвини Украина, која беше нападната од Русија, дека ги спречува испораките на руската нафтена компанија „Лукоил“ во Унгарија. Украина го негира ова.

Унгарија сега бара од Европската комисија да покрене официјална постапка против Украина. Комисијата има рок од три дена да одговори, изјави Сијарто во Брисел. Како средство за притисок ги спомена испораките на струја од ЕУ за Украина. На Украина итно ѝ е потребна таа струја што минува низ унгарските високонапонски мрежи. На крајот на краиштата, Русија досега уништи 70 отсто од електраните во Украина, изјави високиот претставник на ЕУ, Борел. На унгарското барање се приклучи само Словачка.

Продолжувањето на санкциите на ЕУ против агресорот Русија за уште шест месеци помина без никакви проблеми. Ниту една земја, па ни Унгарија, не стави вето на таа одлука. Сепак, Будимпешта продолжува да ја блокира исплатата на 6,2 милијарди евра за вооружување на Украина од специјалниот фонд на ЕУ.

Нема бојкот на унгарското претседателство

И покрај сите проблеми со Унгарија и нејзиното невообичаено толкување на  претседавањето со Советот на ЕУ, останатите 26 земји не успеаја да се договорат за заеднички чекори во овој поглед. Така, нема да има официјален бојкот на неформалните министерски средби во Унгарија.  Оставено е членовите сами да одлучат како ќе реагираат. На пример, германската министерка не дојде на состанокот на Советот на министри за внатрешни работи, но дојде нејзиниот австриски колега. А Луксембург ќе продолжи да испраќа министри на состаноци во Унгарија.

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика, Жозеп Борел: „Нешто моравме да направиме“Фотографија: Nicolas Economou/NurPhoto/picture alliance

Високиот претставник на ЕУ Жозеп Борел  меѓутоа одлучи неформалниот состанок на министрите за надворешни работи и за одбрана на крајот на август да не се одржи во Будимпешта, туку во Брисел. „Тоа е само симбол“, призна Жозеп Борел, „но моравме да направиме нешто“.

Министерот за надворешни работи на Луксембург, Ксавиер Бетел, дискусијата за локациите на состаноци ја нарече „глупост“. На крајот сепак ќе мора да се сретнат, додаде тој и нагласи дека поефективен би бил отворен, груб збор за Унгарците зад затворени врати.

За разлика од земјите-членки,  Европската комисија веќе минатата недела одлучи да не испраќа европски комесари во Унгарија. Тоа ќе биде еден вид штрајк, односно забавување на процесот во кој ќе учествуваат само претставници на ниво на службеници.

 

Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми