1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУРО 2024: Како се вртат парите на ЕП?

Дирк Кауфман
13 јуни 2024

Европското фудбалско првенство започнува на 14 јуни, а потоа ќе се тркала не само топката, туку и парите. Многу пари. Најголем дел од спонзорите се компании од прекуокеанските земји, особено од Кина.

Европско фудбалско првенство
Како се вртат парите на Европското првенство?Фотографија: Michael Bihlmayer/CHROMORANGE/picture alliance

Во каква ли само возбуда беше Германија кога беше објавена веста! Повеќе од 70 години германската репрезентација трчаше на теренот во дресови на Адидас, а потоа Германскиот фудбалски сојуз (ДФБ) на 22 март годинава објави дека репрезентативците ќе носат опрема со логото на американската компанија Најк од 2027 година. Договорот беше потпишан на седум години. Тој договор треба да му донесе на ДФБ најмалку двојно повеќе пари од партнерството со Адидас.

Со иновацијата на копачките, кои за прв пат беа носени на Светското првенство во 1954 година, Адидас значително придонесе за триумфот на германскиот тим на тој турнир во Швајцарија. Таа новина им донесе предност на Германците пред фаворизираните Унгарци, бидејќи теренот поради дождот бил лизгав.

Во децениите што следеа, партнерството помеѓу ДФБ и Адидас стана природна работа, речиси еден вид симбиоза. Многу љубители на фудбалот затоа беа шокирани од одлуката на ДФБ, имаше недоразбирање во деловните кругови за тој потег, а ДФБ беше критикуван дури и од членови на германската сојузна влада. Министерот за здравство Карл Лаутербах (СПД), на пример, на платформата Х напиша: „Сметам дека е погрешна одлука, комерцијализацијата ја уништува традицијата и дел од татковината“. 

А, министерот за економија Роберт Хабек (Зелените) се пожали вака: „Адидас и црно-црвено-златна комбинација секогаш оделе рака под рака за мене“. Тоа е дел од германскиот идентитет. Посакував да има малку повеќе патриотизам“. 

Шок по шок 

Само неколку недели подоцна, дојде нов шок за традиционалистите. Кинескиот производител на автомобили BYD ќе биде еден од главните спонзори на Европското фудбалско првенство кое ќе се игра во Германија. Кинезите ќе стават на располагање поголема флота од своите електрични возила. BYD, а не Мерцедес или Фолксваген! Тоа всушност не е сензација: уште за време на Светското првенство во 2006 година (исто така во Германија), спонзор на турнирот беше корејскиот концерн Хјундаи.

ЕУРО 2024 - првичниот удар во МНР - Адидас очигледно не ја опремува ниту министерката Аналена БербокФотографија: Bernd von Jutrczenka/dpa/picture alliance

Тешко е да се открие на која основа е донесена ваква одлука. ДФБ не сакаше да одговори на барањето на ДВ, туку наместо тоа не упати до организаторот на турнирот - УЕФА (Европска фудбалска федерација) со седиште во Нион, Швајцарија. Но, одговор на нашите прашања не добивме ниту од УЕФА. 

Ни испратија многу кратка листа од пет деловни партнери: Адидас обезбедува „фудбалски топки и опрема за волонтери и соработници“, Атос е задолжен за ИТ за време на турнирот, а BYD обезбедува „флота од електрични автомобили“. А, тука се и Кока Кола („ги спасува навивачите, волонтерите и службениците од дехидрација“), како и Дојче Бан (Германските железници ќе нудат билети за време на турнирот под посебни услови). 

Студијата на Универзитетот во Хоенхајм објавена во јуни и спроведена под раководство на професорот Маркус Фет заклучи дека Адидас е најпознатиот спонзор: околу 56 отсто од Германците знаат дека производителот на спортска опрема го поддржува ЕУРО 2024 година. Но, „далеку зад Адидас се компаниите како Бетано и Атос, и двете со степен на блискост од околу три проценти. Тие се навистина официјални спонзори на Европското првенство во Германија, но само дел од Германците знаат за нив“. 

Предност за Кина 

Со цел да дознаеме малку повеќе за начинот на избор на спонзори, разговаравме со професорот Хенинг Фепел. Овој економист и директор на Центарот за европска политика, нема многу разбирање за барањата германските компании да спонзорираат „домашен“ турнир. Тој за ДВ вели: „Потрошувачките пазари во голема мера се глобални пазари, а фудбалот е глобална работа, особено кога станува збор за важен настан како што е ЕУРО 2024. Сосема е јасно дека спонзорскиот пазар функционира во принцип како глобален пазар“. Глобализацијата на економијата и комерцијализацијата на фудбалот одат рака под рака“.

Но, не сите партнери на УЕФА се од прекуокеанските земји, забележува Фепел. И за тоа има причина: „Покрај светски спонзори, има и национални спонзори“. Со помош на таквата диференцијација, УЕФА може да го максимизира својот приход од спонзорите – а во исто време да се грижи за националните чувства“, додава Фепел.

А, како организаторите носат одлуки за спонзорите? Или против некои други спонзори? „УЕФА начелно одлучува врз основа на два критериуми“, додава Фепел: „Кој нуди најмногу, а кој е стратешки интересен“, И затоа, како што забележува, никој не треба да се чуди што пет светски спонзори пристигнуваат од Кина: „Тие се најзаинтересираните и затоа се подготвени да платат најмногу за ваков спонзорски ангажман“.

Освојување на првенството по „специјални цени“? Брз воз на Германските железници и трофеј на платформатаФотографија: Deutsche Bahn AG

За пари не се зборува  

Зошто актерите во процесот не сакаат да зборуваат за деталите? Едно објаснување е дека премногу разговори за пари може да ги загрозат самите темели на бизнис моделот на фудбалските претставници. Спортските здруженија често се организираат како непрофитни организации и затоа плаќаат релативно мал данок. На големите турнири, како што е овој во Германија, често успеваат да се погрижат да не плаќаат данок на приходот од турнирите во земјата што го организира турнирот.

Освен тоа, навивачите би можеле да развијат одредена аверзија кон сумата на пари што се слева на сметките на фудбалските асоцијации. Да знаеја точно колку пари се заработуваат во тој спорт, колку пари се трошат на сите тие придружни работи, можеби навивачите ќе добиеа чувство дека некој ги влече за нос и ја искористува нивната љубов кон фудбалот.

Експертот за маркетинг, Петер Ролман за германскиот јавен радиодифузер WDR вака ги објасни високите цени на навивачките реквизити: „Емоционалноста ја турка рационалноста на цените во втор план. Клубовите и компаниите кои соработуваат со нив го знаат тоа. Тие бараат онолку пари за овие производи колку што на крајот обожавателот е подготвен да плати“. Но, Ролман смета дека е достигната крајната граница, дека работите не смеат да поскапат: „Тие не сакаат да претераат, затоа што знаат дека тука е границата“.  

Хенинг Вопел смета дека на Европското фудбалско првенство нема место за „локален патриотизам“.Фотографија: Tim Flavor

Дали спонзорството се исплати?  

Педесет проценти од парите наменети за реклами - како што наводно еднаш рекол американскиот индустријалец Хенри Форд - се пари што се фрлаат низ прозорецот. И уште додал дека единственото нешто што не знае е која е половината што се фрла во ветер. Студијата на Универзитетот во Хоенхајм доаѓа до сличен заклучок. Тамошните научници велат: „Под знак прашање е дали корпоративните спонзорства навистина се исплатат“.

Огромен приход може да се оствари особено од продажбата на дресовиФотографија: Daniel Karmann/dpa/picture alliance

Маркус Фет ги анализирал податоците собрани во онлајн анкета во која учествувале 1.000 луѓе. Неговиот заклучок гласи: „Директни ефекти врз одлуката за купување на овој начин не се постигнуваат или тешко се постигнуваат. Само околу дванаесет проценти од анкетираните, кога купуваат производи или услуги, посебно обрнуваат внимание на оние брендови кои го спонзорираат Европското фудбалско првенство“.  

И Адидас е светски шампион

02:18

This browser does not support the video element.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми