Евакуација на Македонци од Блискиот Исток во полн ек
6 март 2026
Македонија започна организирана евакуација на своите државјани од кризните подрачја на Блискиот Исток. Според најавите, до понеделник се очекува да бидат извлечени сите граѓани кои побарале да се вратат во земјата. Дел од нив ќе се транспортираат со владиниот авион, додека останатите чекаат комерцијални летови.
Во земјите од Заливот моментално престојуваат околу 600 македонски државјани – најмногу во Абу Даби и Дубаи, околу 140 во Катар, а помал број во Бахреин и Кувајт.
Состојба: 600 Македонци во Заливот
На Меѓународниот аеродром „Скопје“ во четвртокот вечерта пристигна група државјани кои поради влошената безбедносна состојба беа евакуирани од Израел, преку Египет, со владиниот авион.
Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија соопштија дека станува збор за шест граѓани кои попладнето полетаа од Шарм ел Шеик, а таму биле пренесени по копнен пат од Израел.
Димитровски: „Процесот беше сложен, но успешно реализиран“
На аеродромот ги пречека заменик-министерот Зоран Димитровски, кој изјави дека евакуацијата била сложена и барала сериозен дипломатски ангажман. Тој информира дека во Израел остануваат уште седум македонски државјани кои засега не се расположени за евакуација и планираат да се вратат подоцна, доколку се ослободи воздушниот простор, со приватен лет преку приватна компанија.
Евакуираните македонски државјани раскажале дека секојдневно морале да одат во засолништапоради сирени за тревога – искуство кое, иако во Израел е вообичаено, за нив било невообичаено и стресно.
Нови чартер-летови во следните денови
Димитровски најави дека до понеделник сите граѓани од кризните подрачја ќе бидат вратени со три до четири организирани лета.
„Во наредните денови ќе се реализираат чартер-летови организирани од Владата и Министерството за надворешни работи. Еден од летовите ќе тргне од Ријад, Саудиска Арабија“, изјави тој.
МНР веќе извести дека Владата ќе издвои 60 милиони денари (речиси еден милион евра) за евакуација на македонските државјани од Блискиот Исток.