1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиРусија

Евгениј Пригожин - од „готвачот на Путин“ до негов конкурент

Екарт Арец (ард)
24 август 2023

Кариерата на Пригожин е обележана од промените во Русија под водство на Путин. Збогатен благодарение на блискоста со моќните, важна алатка за потиснување на Западот, и кон крајот - едвај можно да се стави под контрола.

Евгениј Пригожин Русија
Евгениј Пригожин, соопштија властите, загинал во авионска несреќа во РусијаФотографија: Konkord Company Press Service/ITAR-TASS/IMAGO

Дека нема да почине од природна смрт по побуната со платениците од Вагнер, на Евгениј Пригожин му прорекоа многу експерти за Русија. Таквата претпоставка се базираше на тоа дека во системот на Путин почесто припадници на елитата во најширока смисла на зборот, умираа под сомнителни околности, многу од нив паѓајќи од прозорец. Но, уште повеќе заради проценката дека Владимир Путин не им простува на оние кои ги смета за предавници. А, Пригожин ја доби токму таа етикета откако платениците на Вагнер во јуни тргнаа на поход кон Москва.

Со Путин до подем и до Москва

Побуната на Пригожин го отвори последното поглавје во една релација која за многумина е симбол за развојот на Русија за време на Путин. 

Пригожин - од криминалец, до човек од доверба - „готвачот на Путин“Фотографија: picture-alliance/AP Photo/A. Druzhinin

Пригожин, криминалец со подолг регистар на кривични дела во време на во време на Советскиот Сојуз, наводно уште во 90-тите години го запознал Путин во Санкт Петербург, исто како и многу други кои подоцна добиле водечки, лукративни функции во државата. Во дивите години на рускиот капитализам и Пригожин дојде до богатство и влијание, прво во гастрономската бранша во градот Нева, а потоа и во Москва - затоа што наводно Путин бил многу задоволен од посетата на неговиот ресторан. Кетеринг компанијата на Пригожин беше ангажирана за државни банкети, снабдуваше детски градинки, училишта и војската - прекарот „готвачот на Путин”му остана и откако Пригожин веќе беше активен на други пополитички полиња. 

Нови бизнис полиња

Во годините кога Русија под Путин сѐ повеќе се одвојуваше од Западот и кога претседателот работеше на реставрација на сферите на власт на Советскиот Сојуз, за Пригожин се отворија сосем нови бизнис гранки. Во Санкт Петербург основаше фабрики за тролање чија цел беше преку интернет да влијаат на изборите во многу земји. Компанија за интернационална дестабилизација и прикриени воени ангажмани - за Кремљ тоа беше добредојдена конструкција затоа што во секое време можеше да отфрли одговорност и учество во дејствијата на Пригожин, иако воената тајна служба ГРУ „кумуваше” при основањето на платеничката група Вагнер некаде во 2012 година, чиј коосновач е и Пригожин. Групата Вагнер одигра важна улога во дестабилизацијата на истокот на Украина и отцепувањето на Донбас. Подобро платени од руската армија, но и многу поодлучни и брутални, платениците на Вагнер беа ангажирани и во Сирија, почнувајќи од 2015 година. Од платениците на Пригожин стана меѓународно и пред сѐ во Африка активна војска во сенка, која своите ангажмани - и најтешките воени злосторства - во Либија, Судан, Централноафриканската Република, Мали и Буркина Фасо, постојано ги поврзуваше и со лукративни бизнис зделки. Секаде каде што поддржуваа нестабилни режими наспроти критиката од Западот, Вагнер си обезбедуваа пристап до локалните ресурси на суровини. 

Конкуренти во системот

Тоа што во таквите успеси се криеше и сржта на пропаста на Вагнер и Пригожин, е уште една бизарна страна на целата приказна. Пригожин стана моќен и на тој начин речиси по автоматизам влезе во конкурентски односи со другите безбедносни служби. Во војната против Украина тој регрутираше десетина илјади тешки криминалци од затворите и ги прати во „мелницата” во првите линии на фронтот. Дека навистина групата Вагнер ги постигна воените успеси како што се фалеаво случајот со Бахмут, е спорно. Пригожин, и самиот гласен фалбаџија, очигледно се почувствува доволно моќен за преку неговиот Телеграм канал јавно да влезе во спор со военото раководство на земјата - со министерот за одбрана Сергеј Шојгу и шефот на генералштабот Сергеј Герасимов. Сето почна со критика за опремувањето на војниците, за дотурот на муниција, продолжи со критика за самото раководство на војската и заврши во јуни со обидот двајцата да се затворат при заземањето на рускиот град Ростов во близина на фронтот. 

Авионот во кој загинаа десет патници, меѓу кои се тврди дека бил и Евгениј ПригожинФотографија: Investigative Committee of Russia/Handout/REUTERS

Беспомошен претседател 

Како ретко кога за време на неговото владеење, Путин на последниот викенд во јуни беше евидентно беспомошен во однос на развојот на ситуацијата во неговата земја. До тогаш внимателно одржуваниот баланс меѓу конкурентските безбедносни служби и економски интересни групи со еден потег беше уништен. Се вртеа слики од славје кога платениците на Вагнер го ставија Ростов под своја контрола и без поголем отпор, но и без значајна поддршка, го продолжија својот поход кон Москва. Но, сепак убедувањето дека може да го нападне човекот од доверба на Путин, Шојгу, се покажа како фатално погрешна калкулација на Пригожин, а одлуката платениците да ги прати на автопатот М4 можеби и веќе чин на беспомошност. Побуната пропадна, Пригожин и платениците на Вагнер се стационираа во Белорусија и многу аналитичари на некогаш корисниот готвач му го предвидоа крајот.

Дотолку позбунувачки беше што Пригожин потоа очигледно слободно можеше да си шета наоколу, да се појави во Русија и пред само неколку дена во униформа по сопствен исказ во Африка. Дали падот на авионот во Твер е исполнување на пророштвата или не, фактички не игра улога, особено што смртта на Пригожин уште не е потврдена. Самата претпоставка дека е така, веќе му оди во прилог на Путин бидејќи се вклопува во шаблонот за одмазда кој го негува рускиот претседател. 

Проблемот со ултранационалистите

Сагата со Пригожин во својот можеби последен чин, јасно го отсликува еден од клучните проблеми на системот на Путин. Вистинската опасност претставува пред сѐ групата на ултранационалисти, каков што беше и Пригожин. Демократската опозиција одамна е уништена, водечките претставници убиени, протерани или затворени. Путин ги отвори портите за екстремниот национализам во Русија. И тоа им донесе подем на ликови како Пригожин. Дека тие може да се осамостојат, е лекција со која Путин и натаму ќе мора да се справува. 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми