1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Што ако Трамп повторно стане претседател?

АРД | СН
24 јануари 2024

Европа мора да занимава со можноста дека Трамп повторно ќе стане претседател на САД. Што би значело тоа за НАТО и европската одбрана? А што за Украина? Или можеби сѐ ќе испадне сосема поинаку?

Доналд Трамп по убедливата победа на внатрепартиските избори во Ајова за  кандидат за претседател на САД
Доналд Трамп по убедливата победа на внатрепартиските избори во Ајова за кандидат за претседател на САДФотографија: Andrew Harnik/AP/picture alliance

Што би било, ако? Ова во моментов многу често се слуша во Брисел, во ходниците на Европската комисија, во канцелариите на европратениците, на прес-конференциите. Претставата дека Доналд Трамп би можел да стане претседател на САД по вторпат најчесто предизвикува паника или збунетост. Или молба „Не-повторно!“ од оние кои сѐ уште се сеќаваат како Трамп ги понижуваше Европејците во својот прв мандат и сакаше да го укине НАТОЕмануел Макрон неодамна препорача смиреност кога станува збор за Трамп. „Јас секогаш ја следам истата филозофија“, им се довери францускиот претседател на новинарите, „ги прифаќам шефовите на држави онака како што ми ги испраќаат народите“. На крајот од краиштата, Макрон мораше да признае дека со Трамп имало подеми и падови. Прекрасните прегратки, постојаното тапкање по рамо со порака дека двајца лидери добро се согласуваат - стратегијата на Французинот не функционираше. Трамп едноставно не го направи она што го сакаше Макрон. Ниту во сириската граѓанска војна, ниту со повлекувањето од климатскиот договор, ниту со казнените царини за челик и алуминиум. И сопругата на претседателот Брижит Макрон мораше да слушне од Трамп дека е „во толку добра физичка форма“ - комплимент кој во Франција, всушност не е комплимент.   

Знамињата на ЕУ пред седиштето на Еврокомисијата во Брисел: Дали ќе настапи мрак во односите со САД по евентуаалното враќање на Трамп во Белата куќа?Фотографија: Kenzo Tribouillard/AFP/Getty Images

Дали САД и натаму ќе се грижат за безбедноста на Европа?

Макрон е еден од ретките лидери во ЕУ кој веќе јавно проговори за можното враќање на Трамп во Белата куќа. Не постои координирана стратегија меѓу шефовите на држави или на влади на земјите од Унијата, но на сите им е јасно - Вашингтон веќе нема да ја поддржува Украина во војната против Русија како што правеше досега. А, тоа значи дека Американците повеќе нема да бидат одговорни за безбедноста на Европа. „Не е фер“, им рече Трамп на Европејците уште во 2017 година, за време на неговата прва посета на седиштето на НАТО во Брисел, дека даночните обврзници на САД плаќаат толку многу за безбедноста на Европејците, додека многу земји од ЕУ „должат големи суми пари“.

Дали ќе остане нуклеарниот штит на САД за Европа?

Но она на што тогаш благо се потсмеваа лидерите на ЕУ, сега ќе треба да се сфати сериозно. Американците досега платија речиси половина од целата воена помош за Украина, а Трамп сака да го промени тоа. „Мораме да се подготвиме како партнери во НАТО, но и како партнери во Европската унија“, бара европратеникот од редовите на германската партија ЦДУ, Михаел Галер. Не е мудро да не се подготвуваме за оваа перспектива „само затоа што не ни се допаѓа“. Политичарот за надворешни и безбедносни прашања претпоставува дека нуклеарниот безбедносен штит на Американците за Европа ќе остане недопрен - ова го најавија тинк-тенковите блиски до Трамп. Но, Галер не гледа таква великодушност во областа на конвенционалното вооружување. „Во секој случај, без разлика на исходот на изборите во САД, мораме да се вооружиме многу повеќе на долг рок за да можеме ефикасно и веродостојно да се спротивставиме на оваа руска агресија.“

Надеж дека нема да биде толку лошо

Во Брисел е неспорно дека Европа мора да направи повеќе за сопствената одбрана. Но, какви димензии ќе има сето тоа, колку дополнителни милијарди ќе треба да се соберат од националните буџети, кои потоа ќе недостасуваат на друго место - за ова се молчи. Но, има и надеж дека можеби нема да биде толку лошо. Трамп може да загуби, може да се види таа шанса. И дури и ако успее повторно да влезе во Белата куќа, сепак можеби има републиканци кои размислуваат трансатлантски.

Бербок се надева на поддржувачи на „поредокот заснован на правила“

Германската министерка за надворешни работи, Аналена Бербок, верува во оваа опција. Во септември, по разговорите во Вашингтон, политичарката од Партијата на Зелените рече дека многу републиканци таму, и покрај различните гледишта, сфаќаат дека сепак постои разбирање оти поддршката за Украина е централна и важна тема. Затоа што станува збор и за „поддршка на поредокот заснован на правила“. Дали Трамп ќе покаже интерес за поредокот заснован на правила во вториот мандат и ќе се придржува до него - за тоа во Брисел во моментов никој не сака да дава прогнози.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми