1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европа врти подесно од десно

2 јуни 2023

Се би било нормално и незагрижувачки доколку, паралелно со подемот на конзервативците или умерената десница во Европа, не следуваше и опасен подем на екстремната десница. Пишува Ивор Мицковски

Ивор Мицковски, автор на колумнатаФотографија: Privat

Европа врти в десно! Почнувајќи од минатиот септември падна мрак врз прогресивните сили од континентот, каде конзервативните, популистички или екстремно десничарски партии победија на изборите во Шведска, Финска, Италија, Бугарија, Грција, а сега и во Шпанија.

Шпанската социјалистичка работничка партија (ПСОЕ) на премиерот Санчез и нејзиниот помал сојузник Подемос загубија на регионалните избори, додека ривалската конзервативна Народна партија и екстремно десничарската партија Вокс триумфираа. Неочекуваниот пораз го принуди Санчез да ризикува на картата предвремени избори во надеж дека така ќе ги блокира конзервативните сили и идното нивно можно коалицирање.

Во Германија, откако демохристијаните го освоија Берлин по 20 години социјалдемократска доминација, сега се во подем и и се закануваат на раскараната коалиција на канцеларот Олаф Шолц. Сите предвидувања говорат дека на следните европски избори во 2024 година, Европската народна партија ќе се потврди како прва сила и партија во рамките на ЕУ.

Постои нешто физиолошко и сосема нормално во промената на власта во рамки на демократските општества, каде политичката промена е последица на промените во јавното мислење. Од друга страна Европската народна партија, која е традиционален израз на умерената, демократска и донекаде „социјална“ десница, иако беше победник во рамки на ЕУ на последните европски избори, во исто време беше слабо застапена на ниво на национални влади. Пред овој десничарски бран, повеќето земји, меѓу кои Франција, Германија, Италија, Шпанија, Португалија, Белгија, Холандија, Шведска и Финска, никоја од нив немаше конзервативен или демохристијански премиер. Оттука, враќањето или подемот на конзервативците може да се протолкува и како нормална политичка промена и динамика.  

Приврзеници на екстремно десничарската партија Вокс, која оствари успех на последните локални избори во ШпанијаФотографија: Pierre-Philippe Marcou/AFP

Политичка еволуција

Се тоа би било нормално и незагрижувачки доколку, заедно со подемот на конзервативците или европската десница, паралелно не следуваше и опасен подем на екстремната десница. Напротив, од Италија до Шпанија, од Шведска до Финска, заедно со подемот на партиите кои припаѓаат на ЕПП и заедно со поразот на социјалистите или левичарите, сведоци сме на подемот и успехот на реакционарната и популистичка десница која не се препознава себеси во умереното демохристијанство, ниту во унитарноста на европскиот проект.

Ваквата политичка еволуција или вртење в десно, отвара можности за досега невидено стратешко сојузништво помеѓу народните партии и екстремната десница на европско ниво. И тука најопасниот играч е италијанската премиерка Џорџа Мелони од партијата Браќа на Италија, која е во преговори со лидерот на ЕПП, Манфред Вебер, за можен коалициски пакт на следните европски избори. Под услов Мелони да го тргне симболот на пламен од нејзината неофашистичка партија, инаку симбол на вечниот оган од гробот на Бенито Мусолини. Секако, семејството ЦДУ/ЦСУ на Хелмут Кол и Ангела Меркел, како главна сила во ЕПП со постфашистички и антифашистички корени, се наоѓа пред сериозна раскрсница: дали да фати кривина в десно, така отварајќи пат за иден претседател на ЕК да биде Антонио Тајани, елиминирајќи го притоа договорот и коалицијата народни-социјалисти-либерали-зелени кои ја избраа Урсула фон дер Лајен. Но, овие комбинации зависат од европските избори догодина, кои веќе се навестуваат како историски.

Неизбежно, заедно со националистичкото затворање на европскиот електорат, ограничувањата на одамна стекнатите права и слободи, мора да се констатира и кризата на демократските сили и европските социјалисти и социјалдемократи. Левичарите веќе едвај се одржуваат во Португалија, владеат во Германија со добро познатите коалициски маки, во Северна Европа доживеаа пораз за пораз, на Исток десницата доминира, во Франција постои се освен социјалистите, додека во Италија демократската партија е во опозиција и засега не делува како реална алтернатива на екстремната десница. 

Италијанската премиерка Џорџа Мелони од неофашистичката партија Браќа на ИталијаФотографија: Andreas Solaro/AFP

Епохална трансформација 

Вистинската политичка новина, која може да претставува епохална трансформација за европската демократска рамнотежа е што каде и да победуваат демохристијаните или умерената десница,, тие потоа може да бидат насочени или принудени, да коалицираат со партии од екстремната десница.

Долги години, во речиси сите европски земји владееше бипартитизмот, со левичарски или десничарски партии, социјалисти или „народњаци“ кои наизменично или периодично се менуваа на власт. На основа на таа рамнотежа се формираа умерени и демократски коалиции кои натежнуваа повеќе на десно или повеќе на лево, зависно од изборните резултати. Ете, како што забележуваат бројни европски аналитичари, тој модел на демократија делува како да е расипан. Воедно, заедно со падот на излезноста, како уште една европска константа, сведоци сме на растечка политичка поларизација. Со децении, главната европска тенденција беше да се создаваат центристички коалиции, додека денес судирот помеѓу десницата и левицата е далеку понагласен, радикализиран до степен да го загрози и самиот демократски поредок во националните држави, но и судбината на заедничката европска конструкција.

Донекогашната компатибилност помеѓу националните влади, биле социјалдемократски или демохристијански, делуваше како витално врзно ткиво за евроинтеграциите. И ден денес, не само националните влади, туку и највисоките институции на Унијата, се најчесто производ на договори помеѓу коалиции или владини сили кои се базираат на постојан дијалог помеѓу социјалдемократите, народните, либералите или зелените. Сега делува дека тој политички механизам, базиран на дијалог и демократски процеси, почнува да се расипува и да тендира подесно од десницата, односно, кон коалиции помеѓу десницата и екстремната десница, која освен што е деструктивна, ревизионистичка и реакционерна, е отворено националистичка, популистичка и евроскептично настроена.

Огромен предизвик

На европско ниво, овој ризичен и опасен проект го водат Вебер, Мелони, Метцола и Тајани, насочувајќи ја ЕПП кон екстремната десница и поделби во рамки на Европската Унија. Наспроти нив стои Фридрих Мерц, претседател на ЦДУ, кој се залага за спротивна стратегија и сојузништво со Макрон, за обновување на „коалицијата Урсула“, помеѓу народњаците, социјалистите, либералите и зелените. Доколку победи линијата на Мелони и Вебер, тогаш речиси е сигурно дека ќе добијат поддршка и од владите во Варшава, Будимпешта и Прага.

Борбата на која сме сведоци е важна и за малите земји како нашата која се уште се надева на забрзани евроинтеграции. Доколку во рамки на ЕПП победат радикалните и конзервативни сили, тогаш сигурно е дека ќе се зголеми моќта на посебните национални држави за сметка на бриселските институции, додека доколку победат центристичките сили, тогаш нужно би продолжил патот кон зајакнување на европските институции.

Оттука и предизвикот за социјалистичките или социјалдемократски сили е огромен, дали и тие ќе излезат од некои свои екстремни и „чисти“ позиции, или пак, ќе пронајдат широчина и визија за договор и соработка со останатите демократски и либерални сили. Сериските порази или десничарскиот бран сигурно не им помагаат, но, поместениот политички барометар, во најмала рака би требало да делува освестувачки. На европско ниво, за да се спречи тенденцијата десница-екстремна десница, можеби треба да се надмине и илузијата на владите левица-левица. Проблемот не е само национален, туку е и европски.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми