Што ќе содржи новата одбранбена стратегија на ЕУ?
16 октомври 2025
Во Брисел досега се вртеа само клучни поими, а новата одбранбена стратегија е само во фрагменти позната. Подобра одбрана од беспилотни летала е еден клучен збор, побрзо производство на оружје друг и општо желбата за поголема соработка меѓу министерствата за одбрана во европските главни градови. Пред Урсула фон дер Лајен денеска да го претстави патоказот за нови европски одбранбени проекти, на адреса на шефицата на Европската комисија веќе стасаа многу критики. Молиме без двојни структури. Одбраната на Европа добро оди преку НАТО, не ѝ е потребна конкуренција од ЕУ, беа меѓу нив.
Руте сигнализира поддршка
Но, токму генералниот секретар на НАТО поинаку гледа на тоа. Марк Руте ја поддржува иницијативата на фон дер Лајен. „Нашата соработка е одлична“, изјави тој неодамна на една од сега веќе редовните безбедносни конференции со ЕК. Руте сака експанзија врз основа на јасна поделба на одговорностите. „НАТО ги одредува воените цели и капацитети“, објасни тој. ЕУ со својот внатрешен пазар, за Руте е пресудната сила. Таа може конкретно да ја стимулира одбранбената индустрија и да обезбедува кредити. Претседателката на Комисијата сака да оди и чекор понатаму. Таа сака подобро да управува со производството на оружје. Треба што е можно повеќе земји да си ги здружат силите, по можност да се договорат за унифициран систем на оружје, а потоа да го набават заеднички. Она што изгледа економски разумно бидејќи штеди трошоци е политички контроверзно. Европските влади не сакаат да отстапуваат свои надлежности на Брисел.
Европски одговор на руските дронови
Претседателката на ЕК може да смета на поголема поддршка од главните градови кога станува збор за заеднички систем за одбрана од беспилотни летала. НАТО не се покажа во добро светло добро кога евтини руски беспилотни летала мораа да се сузбиваат со скапи европски борбени авиони.
„Европа сега мора да има силен и заеднички одговор на руските дронови“, рече фон дер Лајен пред неколку дена откако 19 руски беспилотни летала навлегоа длабоко во полскиот воздушен простор.
Што ако Путин испрати цел рој и стотици беспилотни летала ја преминат границата? А, што кога би биле полни со експлозив? Раководството на НАТО изјави дека учи од грешките и се покажа веднаш заинтересирано за предлогот на ЕК. Одбраната од беспилотни летала треба да се интегрира во поголемата програма „Надзор на источното крило“. Импресивните наслови веќе се смислени; во нејзиниот план, фон дер Лајен денес планира да објасни и како си ја замислува реализацијата.
Писториус сигнализира одобрување
Борис Писториус уште вчера на состанокот на НАТО во Брисел сигнализираше поддршка. Во принцип, тој смета дека новата распределба на задачи е исправна. „Физичката одбрана на територијата на НАТО е пред сè одговорност на НАТО и ништо нема да се смени во тој поглед“, речегерманскиот министер за одбрана. „Но, секој придонес од ЕУ, кој вообичаено се финансира преку членарини од земјите-членки на ЕУ, е добредојден“, додаде тој. Дотолку повеќе што на состанокот на министрите за одбрана беше очигледно дека Европејците не секогаш делат исти интереси како Американците кои и натаму диктираат во НАТО. Повеќето земји од ЕУ и онака истовремено се и членки на НАТО. Само четири земји не се во воената Алијанса, имено Австрија и Ирска, како и островските републики Малта и Кипар. Но, дури и тие делумно негуваат блиски релации со сојузот и учествуваат во неговите маневри.
Авторка: Хелга Шмит, АРД Брисел