Европската комисија покрена постапка против Мета
30 април 2024Концернот Мета, според Европската комисија, не презема доволно мерки на своите платформи Инстаграм и Фејсбук против „рекламни кампањи поврзани со странска манипулација и мешање“. Освен тоа, како што се вели од ЕК, на корисниците им е тешко да пријават лажни информации.
Европската комисија иницираше постапка за „заштита на европските граѓани од целни дезинформации и манипулации од трети земји“, рече претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен. „Особено во време на демократски избори“, големите платформи како Инстаграм и Фејсбук мора „да ги исполнат своите обврски“.
Комисијата го обвинува концернот Мета дека недоволно доследно брише лажни објави. Според оценките од Брисел, концернот е виновен и за тоа дека генерално поретко прикажува одредени политички содржини. Со ваквата контрола на содржината Мета ја нарушува потребната транспарентност и слободното формирање на мислења на корисниците, соопштува ЕК.
Освен тоа, Мета сака уште во текот на годинава да ја укине функцијата „Crowd Tangle“ , која ја прави видлива распределбата на политичките содржини на платформите - на пример за истражувачи, новинари и набљудувачи на изборите. „Особено во време на избори, пристапот до такви алатки треба да се прошири“, велат од Брисел. Комисијата сега му дава рок на Мета од пет дена да реагира со понуда на алтернатива на „Crowd Tangle".
Ова е петто покренување постапка согласно Законот за дигитални услуги на ЕУ (ДСА). Законот бара онлајн платформите, меѓу другото, побрзо да ги бришат лажните информации и прикажувањата на насилство и да ги откријат алгоритмите кои стојат зад персонализираното рекламирање.