1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европската Комисија сака да изврши притисок врз Израел

18 септември 2025

ЕУ сака со пакет мерки да го натера Израел да дозволи хуманитарна помош за Газа. Сепак, спроведувањето на планот ќе биде тешко без поддршка од земјите-членки, а таа е сè освен сигурна.

Жена со фустан со пруги (шефицата за надворешна политика на ЕУ, Каја Калас) зборува на прес-конференција во Брисел
Шефицата за надворешна политика на ЕУ, Каја Калас, ги претстави плановите на Европската комисија за да го натера Израел за промена на плановите во ГазаФотографија: Dursun Aydemir/Anadolu/picture alliance

„Сакам јасно да кажам - целта не е да се казни Израел. Целта е да се подобри ситуацијата во Газа“, изјави високата претставничка на ЕУ за надворешна политика, Каја Калас, во средата (17.09) во Брисел. Таа, заедно со уште двајца еврокомесари, претстави нов пакет мерки против Израел.

Уште минатата недела, претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, најави мерки против Израел и со тоа означи промена на курсот на Европската Комисија. Предлозите се фактички реализација на најавеното. Најновата офанзива на израелската влада во градот Газа,според Калас. е „нова ескалација на војната, што дополнително ја заострува хуманитарната криза“.

Новиот пакет мерки на ЕУ опфаќа три аспекти.

Санкции против „екстремистички министри“ и „насилни доселеници“

Шефицата за надворешна политика на ЕУ претстави еден, како што вели, „робустен пакет санкции“. Тој вклучува мерки против „терористи на Хамас“, „екстремистички министри“ во израелската влада и „насилни доселеници“, како и установи кои поддржуваат неказнивост на Западниот Брег.

Хамас, кој е класифициран како терористичка организација од страна на ЕУ, САД и други западни држави, е одговорен за нападот врз Израел од 7 октомври 2023 година. Притоа, според израелски извори, околу 1.200 луѓе беа убиени, а повеќе од 250 земени како заложници. Според здравствените власти под контрола на Хамас во Газа, во израелските контранапади досега се убиени повеќе од 64 илјади луѓе.

ЕУ и во минатото имаше санкционирано доселеници и тоа сега сака да го интензивира. Предлогот да се санкционираат двајца израелски министри, според информации од официјална претставничка на ЕУ, циркулира веќе подолго време. Се работи за министерот за финансии Безалел Смотрич и министерот за внатрешни работи, Итамар Бен-Гвир.

За да стапат во сила санкциите, потребна е согласност од сите 27 земји-членки на ЕУ, што досега важеше за тешко остварливо бидејќи 27-те земји-членки на ЕУ немаат унифициран став околу Израел.

ЕК претстави „робустен пакет санкции (фото: Каја Калас и Марош Шевчович)Фотографија: Nicolas Tucat/AFP

Делумна суспензија на трговски регулативи

ЕК предложи и суспензија на некои одредби од Договорот за асоцијација меѓу ЕУ и Израел, што се однесуваат на трговијата. „Во пракса тоа значи дека увозот од Израел во ЕУ нема веќе да има привилегиран пристап до пазарот на ЕУ“, објасни на прес-конференција еврокомесарот за трговија, Марош Шефчович. Стоката би се третирала исто како и од земјите со кои нема трговски договори.

Според претставниците на ЕУ, оваа регулатива би се однесувала на 37 проценти од целиот израелски извоз во ЕУ. Унијата увезува стоки во вредност од речиси 16 милијарди евра од Израел – од мерките погодени би биле стоки во вредност од 5,8 милијарди евра. При непроменети трговски текови, увозниците од ЕУ би морале да платат 227 милиони евра повеќе за израелски стоки, пресметуваат во Брисел. Според ЕК, Унијата е најважниот трговски партнер на Израел, додека Израел е на 31-во место за ЕУ.

Марош Шефчович посочува дека не се работи само за голи бројки, туку и за „политичка одлука“. За таа воопшто да има ефект, за неа треба да гласа квалификувано мнозинство од земјите-членки, односно 15 членки што претставуваат најмалку 65 проценти од граѓаните на Унијата.

Марош Шефчович посочува дека не се работи само за голи бројки, туку и за „политичка одлука“Фотографија: Nicolas Tucat/AFP

Мерките против Израел досега не успеваа, особено поради Германија. Германската влада не зазеде веднаш став во однос на најновите предлози. Сепак, според наводи на неколку новински агенции, портпаролот на владата нагласил дека фундаменталниот став кон Израел е непроменет.

Во Брисел шефицата за надворешна политика на ЕУ признава дека иако јавното мислење во земјите-членки е променето со оглед на страдањето во Газа, политичките линии во главните градови не се поместени. Сега треба да се дискутира за мерките. Со оглед на моменталните позиции, ќе биде многу тешко да се постигне потребното мнозинство.

Кратење средства од фондовите на ЕУ

Третата точка е задржување на исплатите на средства од ЕУ за Израел од фонд за меѓународна соработка. Според функционер на ЕУ, станува збор за околу 6 милиони евра за 2025 година, наменети како за партнерски програми, така и за регионална поддршка на спроведувањето на Аврамовите договори. Не би биле исплатени ниту 9,5 милиони евра наменети за тековни проекти.

Околу 20 милиони евра наменети за Меморијалниот центар на холокаустот „Јад Вашем“ и дополнителни средства за граѓанското општество и израелско-палестинските мировни иницијативи, не се погодени од ваквите мерки, наведува ЕУ-функционерот.

Овие одлуки веројатно ќе стапат на сила веднаш. ЕУ може сама да ја донесе одлуката доколку се појават посебни околности, нагласува Дубравка Шуица, еврокомесарказадолжена за медитеранскиот регион.

Јасни критики од Израел

Израелската влада остро ги критикуваше предлозите на ЕК. Израелскиот министер за надворешни работи Гидеон Сар уште кога беа обелоденети најавите за мерки минатата недела на платформата Х напиша дека „жали“ поради тоа и ја обвини Фон дер Лајен дека ја повторува пропагандата на Хамас. Вчера тој додаде дека предлозите се „морално и политички искривени“ и дека Израел се надева оти нема да бидат спроведени, како што беше и досега. „На чекори против Израел ќе се одговори соодветно“, се закани Сар, кој додаде оти се надеваат да не мора да ги преземат таквите чекори.

Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик

Лусиjа Шултен Лусија Шултен, дописник од Брисел фокусирана на ЕУ и меѓународните односи.
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми