1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европски парламент: Изгласан новиот состав на Еврокомисијата

СН/агенции
27 ноември 2024

Тимот предложен од претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен го доби потребното мнозинство гласови во Европскиот парламент - и покрај критиките за номинацијата на десничарскиот политичар Фито.

Групна фотографија на новите членови на Европската комисија вклучително и претседателката Урсула фон дер Лајен
Групна фотографија на новите членови на Европската комисија вклучително и претседателката Урсула фон дер ЛајенФотографија: Jean-Francois Badias/AP Photo/picture alliance

Новата Комисија на ЕУ под раководство на Урсула фон дер Лајен може да почне со работа на 1 декември. Европскиот парламент (ЕП) во Стразбур даде одобрение со големо мнозинство. Членовите на ЕП ги потврдија номинациите на  26-те еврокомесари во Стразбур со 370 гласа за, 282 против и 36 воздржани.
Тимот на Фон дер Лајен доби поддршка од нејзината политичка групација, Европската народна партија, и голем дел од социјалдемократите и од либералите. Некои зелени и екстремно десничарски политичари од групата на италијанската премиерка Џорџа Мелони, исто така, најавија дека ќе гласаат за новата комисија.

Пред гласањето, Фон дер Лајен побара од пратениците да го одобрат нејзиниот тим. За нејзиниот втор мандат таа вети соработка „со сите демократски, проевропски сили“ во Европскиот парламент. Правењето компромиси е белег на секоја жива демократија, рече Фон дер Лајен

Пред гласањето, Урсула фон дер Лајен вети соработка „со сите демократски, проевропски сили“ во Европскиот парламент.Фотографија: Philippe Buissin/European Parliament

Обраќајќи им се на европарламентарците, Урсула фон дер Лајен рече дека нејзиниот нов тим е подготвен веднаш да се справи со зголемените предизвици за ЕУ - најитно со војната во Украина која „беснее на границите на Европа“.

Таа апелираше за значително зголемување на трошоците за одбрана. „Немаме време за губење. И мора да бидеме амбициозни колку што се сериозни заканите“, рече претседателката на ЕК. 

Остра критика за номинацијата на Фито

Таборот на левиот центар претходно ја критикуваше номинацијата на италијанскиот десничарски политичар Рафаеле Фито за еден од нивните заменици. Како еден од шесте потпретседатели во новата Комисија, Фито ќе биде одговорен за регионалното финансирање и на тој начин ќе управува со фондовите на ЕУ вредни милијарди. „Ова е одлуката која ја донесов“, нагласи Фон дер Лајен пред пратениците. Фито припаѓа на постфашистичката партија на италијанската премиерка Џорџа Мелони.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми