1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоГерманија

Бундестагот одлучува за оние кои се „сити од животот“

Лиза Хенел
6 јули 2023

Од 2020 пасивната асистенција при доброволно одбрана смрт во Германија не е казниво дело. Бундестагот сега работи на детално законско решение. Дали Германија во однос на евтаназијата ќе стане либерален предводник?

евтаназија Германија
Бундестагот расправа за законот кој подетално ќе го регулира правото на евтаназијаФотографија: Gudrun Krebs/Pahnter Media/picture alliance

Што е достоинствена смрт? Кој одлучува за тоа? Овие прашања се меѓу најчувствителните што може да си ги постави едно општество. Во Германија Уставниот суд во 2020 пресуди дека тоа секој човек за себе го одлучува. Според судот, автономија во умирањето е врвната максима. Пресудата е радикален пресврт. Претходно секаква форма на евтаназија во Германија беше забранета. Луѓе кои сакаа да им биде дадена помош, мораа да заминат во Швајцарија. Од 2020 работата на Здруженија за асистенција при доброволно избрана смрт во Германија веќе не е казнива. Тие нудат асистенција при слободно одбрана смрт или одбираат доктори. Сега Бундестагот планира да ја регулира досега нерегулираната материја и да донесе соодветен закон. 

Евтаназија може да опфаќа многу нешта: да му биде дадено на човекот, или самиот да го земе средството што ќе ја предизвика смртта. Клучна е разликата - ако лицето само ја пушти инфузијата со смртоносното средство, користи пасивна асистенција во доброволно одбрана смрт, односно асистиран суицид. Ако пак лекар го даде средството, тогаш тоа се смета за активна асистенција при доброволно одбрана смрт и таа во Германија и натаму е казниво. Во Холандија или Луксембург на пример тоа е дозволено. Парламентот во Португалија пак неодамна го дозволи тоа. 

Уставниот суд во 2020 пресуди дека секој човек за себе одлучува дали сака да живееФотографија: Uli Deck/dpa/picture alliance

Без разлика дали станува збор за активна или пасивна асистенција, ова е феномен кој се забележува во индустриски развиените држави во Европа, во Северна Америка, како и во Австралија. „Тоа се земји во кои се случуваат промени во легислативата, затоа што автономијата во одлучувањето се наметнува како доминантна вредност. Други земји се водат по принципот на колективно носење одлуки, таму и семејствата се многу повеќе инволвирани”, па и асистираниот суицид е многу поретка појава, вели Лукас Радбрух, еден од водечките лекари за палиативна медицина во Германија. Тој катадневно се соочува со смрт и збогувања, член е на Комисија за етика и таму со неговите колеги се советува околу желбите и страдањата на пациентите. Тој не би понудил асистиран суицид, затоа што тоа не може да го поврзе со неговото сфаќање за задачата на лекарската професија да го штити животот. 

Автономија до смртта 

Меѓу лекарите, правниците и во општеството има јаз - дали автономијата на поединецот треба да го опфаќа и сопственото умирање? Уставниот суд потврдно го одговара прашањето. Предуслов за судот е лицето да ја донесе одлуката „на сопствена одговорност”. Во време кога човекот слободно и самостојно одлучува за својот животен пат, тоа не смее да му биде ускратено ниту во однос на смртта.

Леа Кох има 70-тина години и нејзиното вистинско име е променето од редакцијата. Таапасивно асистира при слободно одбрана смрт.Ретко кој од нејзиното опкружување знае за нејзиниот волонтерски ангажман, кој го врши од 2020 година откако тоа е неказниво. „Да ме прашавте пред три години дали би го правела тоа, ќе ви речев: никогаш”, вели оваа жена која не сака да објавиме каде живее. 

Дали Германија во однос на евтаназијата ќе стане либерален предводник?Фотографија: Sami Belloumi/dpa/picture alliance

Со ангажманот почнала откако една тешко болна жена која по несреќа со мотор останала парализирана, ја прашала дали пасивно ќе ù асистира во слободно одбраната смрт. За двете тоа била ситуација која го менува животот, вели Кох. Последните зборови на жената на крајот на животот според неа биле „благодарам, благодарам, благодарам”. 

Таа е трогната од довербата која луѓето ја имаат во неа. Вели дека кај секое лице каде што пасивно асистира се прашува дали тоа што го прави е исправно, но секогаш успева „целосно да застане” зад ангажманот. Таа не кажува кај колку лица веќе пасивно асистирала, но на нејзината тераса гори вечен пламен кој потсетува на сите нив. „Досега сите пасивни асистенции при слободно одбрана смрт беа спокојни”, вели Кох и додава дека тоа е така затоа што се работи за „многу внимателно донесени одлуки”. 

Здруженија за пасивно асистирање на слободно одбрана смрт во Германија 

Здруженија кои нудат пасивна асистенција долго време во Германија имаа лош углед во општеството. Тоа се смени по пресудата на Уставниот суд, иако црквите кои имаат големо влијание и натаму се критички настроени спрема нив. Некои од здруженијата сега веќе се транспарентни околу својата работа и бројот на лица кај кои била дадена пасивна асистенција, како и дека претежно станува збор за луѓе со тешка клиничка слика.

Дел од темелната процедура се разговори со правници и доктори за да биде апсолутно неспорно дека лицето се одлучило на смрт по слободна волја.

Но, за некои доктори по палиативна медицина и за стручњаци по етика е спорно тоа што оние кои го вршат советувањето за слободно одбраната смрт на крајот се истите кои ја даваат или посредуваат за пасивната асистенција. „Проблемот кај советувањата во здруженијата е што повеќе споделуваат совети околу тоа како може да се дојде до крајот, а не дали треба”, вели Радбрух. 

Парламентарките Ренате Кинаст (Зелени) и Катрин Хелинг-Плар (ФДП) го претставуваат својот предлог закон за евтаназијаФотографија: Michael Kappeler/dpa/picture alliance

Германскиот Бундестаг актуелно расправа за законско регулирање на ова прашање. Поднесени се два нацрта на законски текст и меѓу другото се предвидува советувањата да се одвиваат на други места, а не во здруженијата кои даваат пасивна асистенција во слободно одбрана смрт. Додека едниот нацрт има генерално либерален пристап, другиот нацрт асистираниот суицид поизразено и построго сака да го регулира преку кривичното право. 

Каков однос спрема смртта ќе имаме во иднина?

Покрај сите практични, во овој контекст филозофот и стручњак за етика во медицината Жан Пјер Вилс посочува и на фундаментално етички прашања. Имено, во пресудата на Уставниот суд не се дефинирани критериуми за желбата за умирање, па теориски погледнато и здрави лица би можеле да користат пасивна асистенција при доброволно одбрана смрт. Исто така ни возраста не игра улога. Според судот, доволно е ако еден човек е „сит од животот”. И де факто едно од здруженијата во Германија наведува дека во 2022 три лица без заболувања ја искористиле можноста за пасивна евтаназија. 

Вилс смета дека тоа е загрижувачки развој. „Пресудата ја каталпутираше дебатата за евтаназија во европска авангарда”, вели филозофот и посочува дека ниту една друга земја не оди толку далеку колку Германија. Тој стравува дека суицидот зачестено ќе стане рационална опција, како составен дел од живот кој се води по критериумот на самоопределување. 

Кох пак вели дека нејзиното искуство не го потврдува таквиот став и посочува дека животот е вреден, а разговорите кои ги водела со лицата што носат таква одлука се многу индивидуални. За неа критериумот за „презаситеност од животот” е легитимна причина. Кох вели дека има разбирање за тоа ако некој по долг век сака да си замине, но потенцира дека возраста за неа игра улога. 

Вега Вецел од Организацијата за заштита на пациентите ДГХС вели дека автономијата на личноста и за нив е централен критериум и дека доколку во текот на целиот живот правото на самоопределување има особено висока вредност, тоа мора да важи и за крајот на животот. 

Филозофот Вилс посочува дека ова може да доведе до таму суицидот и асистенцијата во суицид да станат нормална појава. „Така исчезнува целата трагика и драматичноста на самоубиството", забележува тој. 

Овие фундаментални прашања во иднина уште повеќе ќе се наметнуваат во општеството. Бројките од Холандија укажуваат на тоа дека сѐ повеќе луѓе ја користат можноста за евтаназија. Германскиот Бундестаг уште пред летната пауза ќе одлучи кој пат ќе го избере Германија. 

Дојче веле информира со воздржаност за темата самоубиство, поради тоа што има знаци кои упатуваат на тоа дека некои форми на известување може да наведат на имитирање. Доколку Ве мачат размислувања за самоубиство или се наоѓате во емоционално лоша состојба, побарајте помош.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми