1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На кои универзитети се делат дипломи „преку ноќ“?

ДТЗ
5 август 2024

Специјално тело ќе врши увид на терен. На дел од универзитетите ќе им биде дадена втора шанса да се поправат, а на оние коишто нема да го сторат тоа им се заканува затворање и одземање на лиценците.

лажни дипломи
Факултетите на проветрување - се стега обрачот околу лажните дипломиФотографија: picture-alliance/dpa/U. Baumgarten

Работењето на високообразовните институции во наредниот период ќе биде ставено под лупа. Владата планира да стави крај на неправилностите во нивното работење, при што ќе се проверува дали се делат дипломи „преку ноќ“ и кој се учествува во тоа. На дел од универзитетите ќе им биде дадена втора шанса да се поправат, а на оние коишто нема да го сторат тоа им се заканува затворање и одземање на лиценците.

За таа цел Владата формираше тело во надлежност на Министерството за образование и наука (МОН) кое ќе направи анализа на работата на сите државни и приватни универзитети. Премиерот Христијан Мицкоски во средата (31.07) рече дека се срами од тоа што негови колеги од соседните држави му се пожалиле поради проблемите што ги имаат со дипломите добиени преку ноќ во Македонија.

„Не можам да дозволам тоа повеќе да се случува“, порача Мицкоски. 

Ова не е прва иницијатива за скенирање на состојбите во високообразовните институции. Проблемот со лажните дипломи со години се провлекува, а на иста мака се и земјите од соседството. Шест земји од регионот во 2022 година на Самитот на Белинскиот процес во Германија потпишаа договори кои требаше да ги урнат висообразовните бариери со меѓусебно признавање на дипломите издадени од надлежна восокообразовна институција. Договорот за признавање на високообразовните квалификации во Западен Балкан, со кој Северна Македонија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Косово и Албанија меѓусебно си ги признаат дипломите, меѓу другото ги обврзува земјите и на заедничка борба против појавата на фалсификување  документи, проблем со кој што се соочуваат сите земји од регионот.

Одземање на дозвола за работа

Премиерот Христијан Мицкоски вели дека ако се констатираат недостатоци на универзитетите ќе им биде даден разумен рок за да ги отстранат, но ако тоа не го направат, ќе бидат затворени.

„Ќе имаат разумен рок да ги отстранат недостатоците. Тие што нема да ги отстранат, ќе мора да затворат. Да ја изгубат дозволата за работа, да ја изгубат лиценцата, акредитацијата“, изјави Мицкоски, истакнувајќи дека Владата планира реформи во високото образование и воспоставување ред во установите.

Тој вели дека се срами од тоа што негови колеги од соседството му се пожалиле поради проблемите што ги имаат со дипломите добиени преку ноќ во Македонија.

„Преку ноќ до диплома“

„Се срамам на две места каде што бев, и во Вашингтон и во Лондон, каде што имав можност со мои колеги од соседството да разговарам, едните и другите и третите ми кажаа – од кај вас преку ден се добиваат дипломи. И ни прават проблем во нашите држави. Тоа не може да се случува повеќе, особено што јас доаѓам од високото образование. Не може дипломи преку ноќ да се добиваат. Тоа мора да се смени“, вели Мицкоски.

Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, има задолжение заедно со новоформираното тело да излезе на терен и да направи анализа на сите универзитети и факултети, и државни и приватни. Таа во изјава за ТВ Сител соопшти дека првичните резултати на ова тело ќе бидат видливи за година и половина. 

„Ова тело ќе направи сеопфатна проверка на сите високообразовни установи во државата, и државни и приватни без исклучок. Ќе се проверува почитувањето на законите, просторните и кадровските капацитети, начинот на кој се изведува високото образование и научната дејност, бројот на студенти и така натаму. Ќе носиме заклучоци и сугестии по кои ќе треба да постапуваат чинителите на високообразовниот систем“, рече Јаневска.  

Во земјата, вели таа, има повеќе од 40 високообразовни установи – универзитети, институти и високи школи кои за жал, не покажуваат квалитет и состојбите мора да бидат променети. Таа неодамна побара да се отвори дискусија дали на државата и се потребни 20 факултети по правни науки или пет факултети по медицина.

Земјата се соочува со хиперпродукција на универзитети и факултетиФотографија: picture-alliance/dpa/J. Stratenschulte

Факултети никнуваат како печурки

Земјата се соочува со хиперпродукција на универзитети и факултети (во 2007 година имаше 5 универзитети и 44 факултети и високи школи, а во 2014 - 16 универзитети и 139 факултети и високи школи), кои што создадоа огромно производство на дипломи во сите циклуси на образованието. Состојбата од тогаш досега драстично се менува, со тоа што се отвараат факултети на секое ќоше, а младите се стимулираат да учествуваат во трката за магистратури и докторати, со цел да обезбедат подобра иднина. 

Податоците на Заводот за статистика покажуваат дека во академската 2023/2024 година се запишале вкупно 52 316 студенти, што претставува намалување за 2.8 % во однос на академската 2022/2023 година. Бројот на запишани студентки е 30 704 или 58.7 %. Најголем број студенти (77.9 %) се запишале на државните високообразовни установи, додека 22.1 % се запишале на приватните високообразовни установи. Лани дипломирале 7 422 студенти на додипломски студии на високите стручни школи и на факултетите, што намалување за 0.81 % во споредба со 2022 година.

Дел од универзитетските професори укажуваа дека треба да се заострат критериумите за добивање акредитација за отворање универзитети. Поради тоа имаше иницијативи за сведување на постоечките 135 факултети на триесетина и враќање на состојбата од пред 1991 година.  

Не може дипломи преку ноќ да се добиваат. Тоа мора да се смени, вели МицкоскиФотографија: Gina Sanders - Fotolia.com

Лов на лажни дипломи

Според податоците на МВР, во периодот од 2020 година заклучно со септември 2022 година, регистриран е еден случај на откриена лажна диплома за доктор на науки во областа на менаџмент која е издадена од страна на Универзитет во Република Србија и таа е искористена за вработување на универзитет во Северна Македонија. Во врска со случајот поднесено е известување до надлежно јавно обвинителство поради основано сомнение за фалсификување на исправа. Пред две години беше обелоденет и случај на „лажен доктор“ во Вевчани, кој наводно шест години без диплома ги лекувал пациентите, за што беше покрената постапка. 

Проверки на дипломите треба да врши и Државниот просветен инспекторат. Станува збор за редовни и вонредни инспекциски надзори во образовните установи по разни основи, вклучително и по претставки или на барање на други институции, како Министерството за внатрешни работи, за проверка на веродостојност на издадени дипломи. 

Ревизија на дипломите бараше и поранешниот претседател Стево Пендаровски. „Прво мораше да се направи ревизија на сите факултети и универзитети кои беа отворени изминатите години. Сите знаеме дека за тоа не постоеше кадар, не постоеја услови и немаше потреба. Со комбиња се носеа професори од Скопје по факултетите во Западна и Источна Македонија и знаеме како се добиваа дипломи. Требаше да се стават на ревизија сите дипломи, а особено магистериумите и докторатите кои тогаш беа добиени“, изјави тој во телевизиско интервју во 2022 година.

 

Признавање на дипломите меѓу државите од Западен Балкан

01:36

This browser does not support the video element.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми