Јанкулоска: Судењето за ‘Тенк’ беше фарса
28 ноември 2025
Поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, во интервју за МИА изјави дека судењето за случајот „Тенк“ било фарса, споредувајќи го со Нирнбершките процеси и судењата за време на Информбирото.
„Почитувањето на процесните правила, доказите и материјалното право беа на значително пониско ниво од она што го имале Нирнбершките процеси, па дури и од судењата за време на Информбирото“, вели ексминистерката.
Нирнбершките процесисе судења против високи нацистички политичари по Втората светска војна, а ерата на Информбирото е конфликтот меѓу комунистичките раководства на Југославија и Советскиот Сојуз по Втората светска.
Стразбур отвори постапка
Јанкулоска повторно е во фокусот на јавноста откако Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) во Стразбур отвори постапка по нејзината жалба за предметот „Тенк“.
„Овој чекор на ЕСЧП го гледам како логичен след на настаните. Од почеток беше очигледно дека во предметот не постои кривично дело, но под притисок на пропагандна машинерија и јавен линч постапката се поведе“ изјави Јанкулоска.
Според неа, судот наместо независен арбитер се поставил како партнер на обвинителството. „Судењето беше обична фарса со однапред познат исход. Обвинителите од СЈО и одредени судии беа ставени во функција на политичка агенда,“ додава таа.
Очекувања од ЕСЧП
Стразбур побара информации од властите во Македонија за набавката на блиндираниот „мерцедес“, поради сомнеж за прекршување на правото на фер судење. Јанкулоска очекува професионална етика од владиниот агент кој ќе одговори на барањата на Судот. Таа смета дека постои простор за објективно произнесување во разумен рок.
Нејзината цел е повторување на постапката пред домашните судови преку правично судење. Материјалното обесштетување го смета за второстепено, но бара одговорност од „главните актери на политичкиот прогон“.
„За претрпените трауми, изгубеното време и годините кои мојот син ги помина без мајка, не постои компензација,“ вели Јанкулоска.
Таа беше осудена во 2018 година на четири години затвор за набавката на блиндираниот „мерцедес“ од 600.000 евра. Казната ја издржуваше од септември 2020 до ноември 2023 година.