1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Фејсбук ја промени Македонија како ниеден политичар

7 февруари 2024

Земјата стана бунтовна, нетрпелива, но се зголеми и ранливоста. Направивме квантен скок во иднината – но за жал само виртуелно. Пишува Соња Крамарска.

Како Фејсбук ја промени Македонија?Фотографија: Monika Skolimowska/dpa-Zentralbild/picture alliance

Речиси незабележано помина кај нас веста дека социјалната мрежа Фејсбук на 4 февруари наполни 20 години. Можеби затоа што нашата јавност токму во тие моменти се занимаваше со прашањето како помина одбележувањето на годишнината од раѓањето на Гоце Делчев. Фактот што вториот настан целосно го покри јавниот простор, кажува дека ние како граѓани и државата во која живееме почесто го анализираме минатото отколку денешницата и иднината. Вистина, Фејсбук не може да биде никаков еквивалент по значење на историската личност Гоце Делчев, но е значаен фрагмент од дигитализацијата, социјалното поведение, комуникацијата и можностите за компарација за тоа каде сме ние а каде е светот.

Фејсбук ја промени Македонија како ниту една политичка партија или политичар што ветувал дека ќе донесе промени. Земјата стана бунтовна, нетрпелива, се зголеми недовербата кон државата и кон институциите, критиката кон политичарите е подигната на многу повисоко ниво, се намали толеранцијата, но се зголеми и ранливоста, чувството за неправда, се изостри сликата за меѓународните институции и организации, се зголемија амбициите... Направивме квантен скок во иднината – но за жал само виртуелно.

Фејсбук можеби не е иднината, но сосема сигурно е сегашноста, реалноста и она што сме ние денес гледано низ призмата како се претставуваме на оваа социјална мрежа, што сакаме, кон што целиме и каде се гледаме себеси и другите. Тоа е место од каде тргнуваат сите важни информации. На Фејсбук беше објавена и веста дека на британскиот крал Чарлс му е дијагностициран канцер, вест која молскавично се прошири низ светот. Тоа е само последен пример за користењето на оваа платформа за брз пренос на информации. 

Говорот на омраза во пораст

Македонија според статистиката минатата година ова време имала 914 илјади корисници на Фејсбук. Тоа е респективна бројка која опфаќа половина од населението кое изнесува 1.836,713 жители. Затоа Фејсбук е важен комуникациски канал на политичарите и другите видни личности преку кој можат да ги изложуваат своите ставови и да добијат повратна информација од јавноста. Но, Фејсбук стана и место каде безмилосно се шири говор на омраза, особено кога политичката и говорната култура на неговите корисници е на ниско ниво. Седењето на безбедна далечина и пишување клетви и пцости е за некои лесен начин да се пренесе мислење кон друга личност кога веќе се нема храброст тоа да се каже во очи или да се полемизираат одлуките со аргументи. Социјалната мрежа преку својот Центар за транспарентност формално објавува дека не дозволува говор на омраза, меѓутоа често сме сведоци дека правилото е прекршено.

Во Македонија оваа социјална мрежа не ретко експлодира со непримерен говор, навреди, лажни искази, а заштитата на правата на корисниците кон кои се насочени стрелите е речиси невозможна. Корисниците се организираат во групи кои имаат амбиција да покренат обвинителски дејствија, да променат судски одлуки, да сменат директори, да направат меѓуетнички тензии, да дискредитираат болнички установи, да растурат семејства, да организираат штрајкови и протести, да покренат колективна омраза кон некоја личност – и сето тоа само со неколку притискања на тастатурата. Ниската лична и колективна култура, барем во Македонија, се заканува да ја киднапира основната улога на мрежата и да ја направи свое оружје за отстрел на несакани личности или колективи. 

Многу често може да сретнете и заклучоци дека социјалните мрежи се главните виновници за растечките поделби во општеството, вклучително и во македонското. На Фејсбук се гледа богатството но и сиромаштијата, не само во буквална смисла туку и богатството и сиромаштијата на духот. Со масовното вклучување на социјалната мрежа и размената на информации, како да исчезна спокојството во секојдневното живеење. Вашата информација која вам ви причинува радост кај некого може да предизвика немир и чувство дека не успеал во животот. Го поттикнува корисникот на споредби дали доволно е успешен и дали заработува доволно пари за удобен живот. 

Разглас за информации

Македонија како држава која не се носи добро со економските предизвици и е карактеристична по социјалните разлики, претставува плодна почва за истакнување на разликите меѓу населението. Тоа не ретко разгорува дискусии во кои омразата и зависта е најчесто присутен „аргумент“, а поделбата на богати и сиромашни од виртуелната реалност се пренесува и во секојдневието. Фејсбук, во нашата земја е платформа на која жестоко се мразат политичарите и тоа до степен на губење на мотивираноста за учество во политички процеси како што се изборите. Платформата стана разглас во Македонија преку кој можете на политичарите да им кажете сѐ и да ги истурите сите свои фрустрации од лошо водената политика. Исто така и да им ја дадете својата поддршка, но тоа не е толку случај како со критиката. На Фејсбук не можете да го мавнете политичарот со јајце или презреан домат, но можете да го мавнете со зборовите „крадеш“, „аир да не видиш“, „да ти се сотре племето“ и други „комплименти“ кои ги дозволува безбедното седење во домот без да го гледате во лице политичарот.

Ако погледнеме подобро ќе видиме и дека Фејсбук ја подели Македонија на табори, не само според политичката припадност туку и според социјалната, образовната, етничката и фамилијарната припадност. Оваа стратификација се правеше тивко и нечујно но стана дел од нашето секојдневно живеење и веќе не ги ни забележуваме високите ѕидови меѓу нас. Виртуелно блиски, но со цврсто сознание кој каде припаѓа во реалноста бидејќи мрежата ви дава непобитни докази за тоа. Од тоа кој каде се снабдува со облека и каде оди на летување и зимување, до тоа какво образование може да си дозволи. 

Сепак не е сѐ така црно. Бизнисот, како во светот така и во Македонија, во експанзијата на социјалната мрежа најде виртуелен пазар на производи, идеи, знаење и стекнување на вештини преку размена на искуства. Сѐ уште е тешко да се стигне до релевантни податоци кај нас за користењето на Фејсбук за бизнис маркетинг но од морето реклами кои нѐ напаѓаат кога се вклучуваме на мрежата може да се заклучи дека погодноста се користи.

Вистина, одбележувањето на денот на раѓањето на Гоце Делчев победи во трката на вести. Од Делчев нѝ остана изреката: „Јас го разбирам светот како поле за културен натпревар меѓу народите“. Но, со Фејсбук можеме да кажеме дека оваа изјава еволуираше во „натпревар меѓу луѓето од ист народ". Па, и тоа понекогаш може да биде добро.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми