1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Фемицид во БиХ: „Сама не си признаваш дека си жртва“

Вера Солдо
12 август 2023

Маж од Градачац вчера ја уби својата невенчана сопруга пренесувајќи го убиството во живо на Инстаграм. Фемицидот во БиХ не е ретка појава.

Gewalt gegen Frauen
Фотографија: picture-alliance/dpa/M.Gambarini

Убиството во Градачац, каде маж ја уби својата невенчана сопруга, пренесувајќи го убиството во живо на Инстаграм, а усмрти и уште две лица, рани три и потоа изврши самоубиство, предизвика вџашеност не само во Босна и Херцеговина, туку и во регионот и пошироко.

Во БиХ се ретки се жените кои се охрабруваат да пријават насилство, а уште поретки се оние кои јавно зборуваат за тортурата што ја доживеале. Ерна од Бановиќ е една од ретките кои зборуваат. Младата жена е главен лик на криминалистичко-виктимолошкиот роман „Вресокот на лотосот“ кој зборува за пеколот на семејното насилство врз жената, од авторот и професор по криминалистичка психологија д-р Санди Диздаревиќ. Тоа е еден од ретките романи во БиХ кој се занимава со насилство врз жените, заснован на вистински случувања.

Главниот лик на романот не е измислен. Toa е вистинска жена: Ерна Херфурт од БиХ, која речиси десет години трпела насилство од нејзиниот поранешен сопруг.

„Трпев, затоа што општеството ни е такво. Немаш од кого да бараш помош, не можеш никому да му веруваш. Кому и да му кажеш што ти се случува, ти одговараат 'сама си виновна', 'не си чесна'. Не можеш да им кажеш ни на пријателите затоа што не сакаш да си признаеш дека ти си таа жртва. Се надеваш дека ќе биде подобро, но, за жал, секогаш станува полошо“, вели оваа млада жена за Дојче веле.

Ерна, која порано живеела во Бановиќи, вели дека некогаш само погрешно ставена шолја за кафе на масата била повод за безмилосно тепање, најлошо психолошко и сексуално изживување и понижување. Тогаш немала работа, била финансиски зависна од сопругот, а имало и мало дете. „Првата шлаканица се случи уште додека бевме во врска, но мислев дека ќе помине, бидејќи тој постојано се извинуваше. Но, потоа стануваше сѐ полошо и полошо“, се присетува оваа млада жена на најлошите години од својот живот.

Ерна се има онесвестено под тупаниците на бившиот сопруг, а се обидела и да се самоубие. Присилувана на секс, неколкупати останувала бремена, а потоа абортирала под присила и закани.

Приказната за Ерна Херфурт, која трпела насилство речиси една деценија, има среќен крајФотографија: privat

Прст на судбината или чиста случајност?

Без оглед дали станува збор за прст на судбината или за случајност, истрагата за некој трагичен случај во нејзиното место ги довела двајцата истражители, Санди Диздаревиќ и Роберт Лапчевиќ.

„Ерна и нејзиниот поранешен сопруг изгледаа како обична заљубена двојка. Ги гледавме како шетаат со детето, се држат за раце, и никој не можеше да претпостави што се случува во нивните четири ѕида. Сè почна да станува јасно кога со колегата бевме на терен и истражувавме трагичен случај на давење. Тогаш Ерна дојде кај нас, бегајќи од својот насилен сопруг и со очајнички повик за помош“, се сеќава авторот на книгата и поранешен истражител на обвинителството, а денес професор по криминалистичка психологија на Универзитетот за современи науки, ЦКМ Мостар и Високата школа УНИОН во Мостар.

„Состојбата во која што беше таа жена и какво злоставување преживувала, е тешко да се опише. Ние само професионално си ја завршивме работата“, вели Диздаревиќ. Сопругот на Ерна еднаш ја држел врзана три дена и ја злоставувал. По интервенцијата на истражителот, таа добила заштита и набрзо со детето ја напуштила БиХ и заминала во Германија, каде што живеела нејзината мајка. Таму нашла и нова љубов.

„Во овој роман приказната ја раскажува жена која денес има самопочит и веќе не дозволува никаков облик на понижување. Пред неколку години таа и нејзиниот сопруг ме контактираа за да ми се заблагодарат и на тој начин дојдовме до идеја за книгата. Така се роди 'Вресокот на лотосот'“, објаснува професорот и поранешен истражител Диздаревиќ.

Д-р Санди Диздаревиќ, автор на книгата „Вресокот на лотосот“Фотографија: Vera Soldo/DW

Длабоко вкоренети стереотипи

Според податоци на сараевската „Фондација ЦУРЕ“, од 2019 до 2021 година во БиХ од страна на мажи се убиени најмалку 39 жени. Абида Пехлиќ, претседателката на здружението „Нов пат“ од Мостар, на која шведската кралица Силвија лично ѝ додели награда во Стокхолм за ангажманот на здружението во борбата против трговијата со луѓе, ја потврдува зачестеноста на насилството врз жените во Босна и Херцеговина. .

„Нашите податоци од теренот укажуваат дека речиси половина од жените, девојчињата, доживеале некаков облик на насилство. Она што уште повеќе нѐ загрижува е фактот што не само мажите, туку и значителен број жени, сметаат дека насилството врз жените е често оправдано. Многу стереотипни ставови се длабоко вкоренети, што е многу штетно, бидејќи се порачува дека жртвите на насилство се виновни затоа што биле изложени на насилство, наместо одговорноста за насилството да се бара кај сторителите“, вели Пехлиќ за ДВ.

„Вресокот на лотосот“ е роман кој се заснова на вистински случувањаФотографија: Vera Soldo/DW

Сите гледаат сѐ, но не сакаат да се мешаат

Денес, Ерна Херфурт е во среќен брак и живее во Минхен. Таа е мајка на три прекрасни деца и има сакан сопруг. Кога зборува за насилството врз жените, често го споменува зборот храброст.

„И во Германија има многу насилство врз жените, но ситуацијата е многу подобра, бидејќи жените имаат храброст и слобода да зборуваат за тоа, додека овде никој нема да ви помогне затоа што не сака да се меша. Сите го гледаат тоа , но не сакаат да се мешаат. Жените треба да соберат храброст и прво себеси да си признаат дека се жртви на насилство“, вели оваа млада жена, која со години трпела најтешки облици на насилство и психофизичко малтретирање, на што често сведок било и нејзиното тогаш малолетно дете.

Ерна и денес им е благодарна на Санди Диздаревиќ, авторот на книгата „Вресокот на лотосот“ и тогашниот шеф на криминалистичката полиција Роберт Лапчевиќ: „Без нив немаше да имам храброст да се изборам сама.“ Со нивна помош, оваа приказна има среќен крај, за разлика од судбината на многу жени во БиХ кои не се осмелуваат да побараат помош, туку молчат и трпат.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми