1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Човекови праваКосово

Косово: Зана Авдију во борба против мачо-културата

Вјоса Ќеркини
11 мај 2024

Патријархат, сексизам, мачо ментален склоп: Зана Авдију гласно зборува за нештата кои многу мажи на Косово воопшто не сакаат да ги чујат. И со тоа си навлекува непријатели.

Активистка, феминистка, адвокатка: Зана Авдију
Активистка, феминистка, адвокатка: Зана АвдијуФотографија: Vjosa Çerkini

Зана Авдију добро знае што значи да те мразат – тивко и речиси незабелажливо додека шета низ улиците на Приштина, но и гласно и налутено на социјалните мрежи и на телевизија. 30-годишната жена е активистка и се залага за женските права во својата татковина Косово. Што и да е во прашање, од семејно насилство, мачо култура и партријархат, сексизам или традиционалната слика во косовското општество, Зана Авдију има свој став и не се плаши да го изнесе во јавноста, како во телевизиски емисии, така и со нејзините 32 илјади пријатели на Фејсбук. Кога неодамна на Косово се расправаше за нацрт законот со кој на жените би им се овозможило да имаат пристап до вештачко оплодување дури и без партнер, Авдију на Фејсбук напиша „На жените не им се потребни мажи за да забременат“. Во огорчените коментари кои се редеа по нејзината објава Авдију меѓу другото е прогласена и за „непријател на косовското општество“.  Таа пријавила пет од коментарите.

Авдију е свесна дека со ваквите изјави провоцира, но вели дека научила оти и провокацијата е дел од процесот. Провокација, дебата, а во еден момент може да се случи и промената, барем така се надева таа. Авдију верува дека само со зборувањето за тоа може да се разбијат длабоко вкоренетите патријархални обрасци на размислување во општеството. И затоа зборува.

„Жените на Косово не важат”

Зана Авдију работи како економски адвокат преку ден, а во слободно време е посветена на женските права, на пример поврзувајќи жени кои доживеале насилство со полицијата и со хуманитарни организации и објавува за тоа на социјалните мрежи. Имала само 27 години кога почнале редовно да ја канат во вечерните телевизиски емисии и оттогаш ги коментира актуелните политички случувања во емисијата „Пресинг“ за косовската телевизија Т7. Таа вообичаено е единствената жена меѓу група мажи.

Гледаноста е добра, меѓу другото и поради контроверзите кои ги предизвикуваат нејзините изјави. Однадвор на некои луѓе таа им изгледа наивно, со долгите лакирани нокти и пријателската насмевка на лице. Но, кога ќе почне да зборува гласно ги изнесува тезите и аргументите зачинети со факти кои имаат за цел да го поткрепат она што го наведува..

„Повеќе од 69 проценти од жените на Косово доживуваат насилство", вели таа или наведува дека „во Европа 88 проценти од сообраќајните несреќи ги предизвикуваат мажи, а на Косово бројот веројатно е и поголем“.

Авдију уште од самиот почеток била мета на критики. Таа вели: „Секако тоа што сум млада е една од причините што многумина ме напаѓаат. Но, уште повеќе ме напаѓаат поради тоа што сум жена".

Жените се сѐ повеќе присутни во косовската јавност - најмалку една третина од актуелниот владин состав се жени, а Вјоса Османи е веќе втората жена претседател на државата. Но, за Зана постои едно големи „но“ во сето тоа. „Жените на Косово не се бројат и немаат никакво значење“, вели феминистката и посочува дека „не добиваат наследство, почит, сигурност, просперитет. Тоа е судбината на жените на Косово“, вели таа. Авдију сама себеси си ја поставила задачата да го смени тоа.

„На жените не им е дозволено да ги критикуваат мажите"

Зана Авдију стана прочуена и надвор од косовските граници поради инцидентот на светското првенство во Катар во 2022 година, за време на натпреварот меѓу Србија и Швајцарија. Капитен на швајцарската репрезентација и тогаш и денес е Гранит Џака. Неговите родители се косовски Албанци кои емигрирале во Швајцарија пред да се роди тој. За време на споменатиот натпревар, во декември 2022 година, се случи кавга меѓу Гранит и играчите од резервната клупа на Србија во 66-тата минута, се разменуваа вербални навреди и Џака во еден момент демонстративно се фати за меѓуножјето.

Капитенот на Швајцарија Гранит Џака го покажа симболот на албанскиот двоглав орел откако постигна гол против Србија во јуни 2018 годинаФотографија: Laurent Gillieron/Keystone/dpa/picture alliance

На Фејсбук и на косовската спортска програма Авдију го критикуваше однесувањето на Џака и рече дека таквиот гест е незрел, инвазивен и го спореди неговото однесување со однесувањето на „децата од улица“. Уште за време на телевизиската дебата Рагип Џака, таткото на фудбалерот се јавил во живо и и се заканил на Зана дека ќе „одговара“ за нејзината критика и во таа прилика ѝ порачува дека треба да внимава на своето семејство. „Кога тоа ќе се случи ќе биде предоцна, тоа ви гарантирам со живот. Вие не го знаете семејството Џака“, ѝ порачал тој во таа прилика. Авдију ја трпи тирадата на Џака и вкочането се смее, но бесот на Џака е само почеток. Активистката во следните неколку дена добила повеќе од 11 илјади закани и коментари со говор на омраза, а 200 од нив ги предала на полицијата за истрага.

За Авдију од денешна перспектива е јасно дека „проблемот беше во тоа што жена критикуваше маж. Не се работеше за патриотизам или чување на силен националистички идентитет. За мажите, жена која има свое мислење е најголема закана за патријархалното општество и тие сакаат да го замолчат тој глас“.

Сексистички коментари 

Заканите во месеците кои следувале се движеле од непријателство до повик за линч. И тие го смениле животот на Авдију. „Бев под полициска заштита околу еден месец”, вели таа. Авдију до денес избегнува јавни места и веќе не го користи јавниот превоз, иако инаку заговара што помалку користење на приватни автомобили. Но, во тие неколку месеци научила дека безбедноста некогаш е поважна од принципите. „Тоа време потполно ми го смени секојдневниот живот”, се потсетува денес. 

За време на интервјуто на ДВ со Зана во едно кафуле во Приштина, петмина мажи одеднаш застануваат до масата и се обидуваат да ја испровоцираат со сексистички коментари. Авдију мирно им одговара, а потоа си се навраќа на кафето и разговорот. Несакани коментари и груби навреди со годините се станати позадински тон во нејзиниот живот. Авдију знае дека не се работи толку за неа како личност, туку за она што го отелотворува – критика на општеството во кое мажите првенствено одлучуваат. „Овде сум да се борам против менталитетот кој прифаќа насилство и доминација, тој менталитет на патријархалното и конзервативно општество", вели таа.

Од ноември 2023 година Зана Авдију води своја емисија на Т7. Тоа е простор за дебата налик на оние на кои таа има присуствувано стотина пати. Но, по еден битен детал се разликува од нив – гостите се првенствено жени. Авдију седи на средина и модерира. Изгледа задоволна. 

 

Вјоса Ќеркини Се занимава главно со теми од Косово, другите балкански земји и нивните односи со Западот
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми