Фезер: Германија беше добар домаќин на ЕУРО 2024
15 јули 2024Германската министерка за внатрешни работи Ненси Фезер извлече многу позитивен биланс од Европското фудбалско првенство во Германија: „Доживеавме голем фудбалски празник во срцето на Европа што сите го посакувавме. Нашата земја се претстави како добар домаќин“, рече Фезер по финалето на ЕУРО 2024 во Берлин. „Многу слики од ова лето во нашите градови ќе останат незаборавни“, уверена е Фезер. Таа потенцира дека фудбалот „секако не може да ги реши проблемите на нашето време, но во овие недели создаде чувство на заедништво што ни чини добро како општество“.
Во Германија од почетокот на европското фудбалско првенство пристигнаа стотици илјади фанови од многу држави, а ЕУРО 2024 заврши вчеравечер (14.07) во Берлин со победата на шпанската селекција со 2-1 против Англија.
Фезер им се заблагодари „особено на десетици илјади припадници на полициските сили, на спасувачите, на многуте волонтери“ за „мирниот фудбалски фестивал“ во Германија. „Тие беа присутни насекаде и секогаш каде што треба. Ако и имаше инциденти, тие брзо реагираа“, рече министерката за внатрешни работи, додавајќи дека на ЕП немало сериозни безбедносни инциденти.