1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Филипче со писма до ЕУ за политиките на Мицкоски

1 април 2026

Судир меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ за евроинтеграцијата. Венко Филипче најави писма до ЕУ, премиерот Христијан Мицкоски не попушта за уставните измени и Бугарија.

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, 13.02.2025
Филипче со писма до ЕУ за политиките на МицкоскиФотографија: Petr Stojanovski/DW

Се продлабочува судирот меѓу власта и опозицијата околу евроинтеграцијата на Македонија, во услови на повеќемесечен застој на процесот за приближување кон Европската Унија. Власта и опозицијата меѓусебно се обвинуваат за предавство на националните интереси и за блокирање на европската иднина.

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, најави дека ќе испрати писма до амбасадорите, како и до високи функционери на ЕУ и НАТО, во врска со, како што рече, „системското демонтирање“ на евроатлантската иднина на Македонија, благодарение на изјавите и ставовите на премиерот Христијан Мицкоски.

„Ова е намерен обид да се онеспособи остварувањето на стратешката цел – интеграција во Европската Унија, додека истовремено се саботира фундаменталниот национален интерес за евроатланска интеграција“, изјави Филипче.

Мицкоски: „Нема да се поместиме ниту милиметар“

Реакцијата на СДСМ следи откако премиерот Мицкоски денеска повтори дека ВМРО-ДПМНЕ нема да прифати каква било „авантура“ без јасен крај на процесот и без, како што нагласи, гаранции за човековите права на македонската заедница во Бугарија.

„Нема да се поместиме нити милиметар. Ќе чекаме, ако не ние, ќе го пренесеме тоа на оние што нас ќе нè следат. Ако и тие не успеат, и оние што нив ќе ги следат“,  рече Мицкоски.

„Нема да се поместиме нити милиметар“, порача премиерот Христијан МицкоскиФотографија: Petr Stojanovski/DW

Филипче: „Свесно се држи земјата во изолација“

Филипче оцени дека ваквите изјави претставуваат потврда дека Владата не сака Македонија да стане членка на Европската Унија и дека свесно ја држи земјата во изолација.

„Мицкоски денеска отворено потврди дека не сака земјата да оди во ЕУ и дека ќе ја држи далеку од Европа“, рече Филипче, додавајќи дека без евроинтеграции нема да има реформи ниту контрола на корупцијата и, како што рече, „грабежот на власта“.

На брифингот со новинарите, Филипче потсети дека македонскиот јазик и идентитет се веќе потврдени и заштитени, вклучително и преку договорот со ФРОНТЕКС, потпишан на чист македонски јазик, без фусноти и додавки. „Интеграцијата во ЕУ со македонски јазик и идентитет не е прашање на Бугарија, туку на Европската Унија. Ако не го искористиме моментот, ризикуваме да го пропуштиме проширувањето“, предупреди Филипче.

Тој нагласи дека уставните измени не се однесуваат само на Бугарите, туку и на други малцинства, и дека со нив не се загрозуваат националниот идентитет, културата и јазикот.

Од друга страна, премиерот Мицкоски ги отфрли обвинувањата на СДСМ, оценувајќи ги како „мека и мекотелна политика“ која, според него, го разградува македонскиот идентитет и оди во прилог на бугарските интереси. „Оваа работа без ВМРО-ДПМНЕ не оди и нема да оди сè додека нема јасни гаранции“, порача Мицкоски.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми